Фармацевти
Контакт

<< Назад

Ешерихија коли

јуни 1, 2017

Упорна и тешка за лекувањед-р по медицински науки  д-р Саша Мажибрада
уролог
КБЦ Земун

Најчест причинител на неспецифични инфекции на долниот уринарен тракт е бактеријата ешерихија коли (Escherichia coli, E. coli). Посебно се загрозени младите сексуално активни жени, бремените и жените во менопауза

Зачестеноста на воспалението на мочниот меур или циститис, кај жените е од 30 до 50 пати почеста како резултат на краткиот мочен канал (уретра) (3-5 см) отколку кај мажите, кои ги штити релативно долгата и стерилна уретра. Доколку кај мажите се случува инфекција со ешерихија коли или со други грам негативни бактерии, обично тоа е поврзано за постара животна доба и отежнато празнење на мочниот меур предизвикано од заболувања на простатата или со друго стеснување на мочниот канал, па затоа прво треба да се регулираат пореметувањата на мокрењето, за трајно да се излекува бактериската инфекција.

Вакви воспаленија може да настанат и со директно ширење од околните органи  (воспаление на јајчници, воспаление на матката) или со ширење преку други жаришта во организмот (фистулозна комуникација). Се претпоставува дека микроорганизмите може да дојдат во мочниот меур и преку лимфните садови на дебелото црево, како и со ширење на бактерии од бубрезите.

Многу е значајно да се нагласи дека постојат и предиспонирачки фактори за појава, развој и одржување на инфекции предизвикани од грам негативни бактерии (Escherichia coli). Во овие фактори спаѓаат застој на мочта, поради опструкција или неврогена дисфункција на мочниот меур, туѓо тело, камен, бременост и понекогаш многу долго и тешко се лекуваат.

Бактериски циститис: Класичниот акутен бактериски циститис има типични симптоми како што се често и болно мокрење и промени во мочта. Кај жените се лекува за релативно кратко време, од три до пет дена, врз основа на анализа на урино култура, со зголемен внес на течности.

Камен во мочниот меур: Доколку инфекцијата не се смирува после антибиотска терапија, треба да се прекине и да се направи нова дијагностика (ултразвучен преглед, урино култура), за да се открие причината за нејзиното опстојување. Ултразвучен преглед може да открие камен во мочниот меур или во други делови на уринарниот тракт кој може да биде причина за упорна инфекција, бидејќи калкулоза, односно создавање камен ја поддржува инфекцијата, а инфекцијата го потпомага растот на каменот. Додека каменот не се отстрани, инфекцијата не може да се излекува.

Причина за инфекција може да бидат и туѓо тело во мочниот меур, долна уринарна опструкција  и зголемена простата, која предизвикува задржување на мочта и опстојување на инфекцијата. Лекарот по општа пракса ги упатува овие пациенти  на уролог, кој по откривање на причината за инфекцијата ја одредува терапијата.

Хронични инфекции: Сè почесто се среќаваме со упорни, хронични или рецидивирачки инфекции на мочниот меур на кои е тешко да се одреди причинителот. Тоа се обично инфекции кои не се лекувани доволно долго со антибиотска терапија и се здружени  со пореметување на локалните имунолошки фактори. Така ешерихија коли лесно се пренесува од дебелото црево преку вагината до кратката женска уретра, а потоа се пренесува и на мочниот меур и предизвикува воспаление.

Склоност кон воспаленија: Пациенти на имуносупресивна терапија, како и дијабетичари, спаѓаат во групата пациенти со значително почеста склоност кон вакви воспаленија. Многу често хроничните воспаленија на мочниот меур кои тешко се лекуваат се и состојби после радиотерапија на карциноми во малата карлица. Посебно многу тешко се лекуваат постиридациски циститиси кои се често компликација на радиотерапија на урогениталните карциноми. Под дејство на зрачењето доаѓа до трајни промени, прво на ниво на микроциркулација, а потоа на слузокожата на мочниот меур, кои најчесто доведуваат до намалување на капацитетот на мочниот меур и тешки и упорни  циститиси. Овие промени доведуваат до зачестено и многу болно мокрење. Урината често е заматена, понекогаш и со присуство на крв. Овие инфекции се лекуваат со долготрајна терапија со ниски дози на уроантисептици, а во поново време се препорачува и лекување во хипербарична комора 1-2 пати дневно во текот на неколку недели.

Уроантисептици и хормонски креми: При намален локален имунитет секој сексуален однос може доведе до уринарна инфекција. Во вакви случаи, се препорачува земање уроантисептици еден час пред однос. Кај жените кои  се во менопауза, поради промена на квалитетот на слузокожата на уретрата полесно доаѓа до развој на акутно или хронично воспаление на слузокожата на мочниот меур. Во вакви случаи како добар избор во лекување и превенција на повторувачки инфекции се користат вагинални хормонски креми кои ја обновуваат слузокожата на уретрата, а кои не треба да се користат подолго од 3 до 4 недели.

Многу е важно да се напомене дека кај жените кои имаат упорни инфекции со ист суптип на ешерихија коли, автовакцина може трајно да ја реши оваа непријатна болест.

Превенција: Здрава исхрана, земање 2 литра течности на ден, физичка активност во согласност со годините и здравствената состојба, одржување лична хигиена, носење соодветна гардероба и навремена посета на лекар кога ќе се забележи некој симптом, се најдобра превенција од инфекција со ешерихија коли.

Памучна долна облека
Долната облека од синтетички материјали може да придонесе за ширење на грам негативните бактерии, како и носењето тесни панталони. Повторувачки акутни воспаленија доведуваат до промени на слузокожата на мочниот меур која ја губи способноста да се бори против бактерии. Поради тоа треба да се носи памучна долна облека, комотна гардероба и да се одржува лична хигиена.

Инфекции кај децата
Инфекциите со ешерхија коли не ги заобиколуваат ни најмладите, а посебно се подложни девојчињата. Во превенција најважна е хигиената на гениталиите и бришење од напред кон назад. Најчесто се јавуваат во првата година од животот, затоа е многу важно да се откријат и лекуваат, бидејќи лесно се пренесуваат од мочниот меур во бубрегот. Симптомите се слични како и кај возраните, иако може и да се разликуваат. Детето може да се жали на слаба болка во стомакот како единствен симптом или да има  покачена температура.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>