Фармацевти
Контакт

<< Назад

ФАРМЕРКИ

мај 1, 2019

Како џинсот го освои светот

 

Од обична работна облека до ревии на висока мода, навистина е неверојатен патот кој го поминале фармерките во долгата историја на своето постоење.

 

Автор Милица Ѓокиќ

 

Денес фармерките се парче облека кое го среќаваме како во обичните комбинации на дневна облека така и во шик изданијата на елитните општествени случувања (освен оние каде дрескодот налага стриктно појавување во одела). Одамна помина времето кога биле исклучиво со сина боја, па може да се видат во сите бои со кои платното од кое се направени може да биде обоено. Нивната универзалност нема многу конкуренти во современиот моден свет, а сигурно е дека ќе ги издржат и сите идни модни турбуленции.

 

Евтино, удобно, издржливо

Трите принципи од поднасловот во најкратка мера ги опишуваат барањата кои мора да ги исполнува која било работна облека. Иако кај нас вообичаениот назив фармерки потекнал од тоа што во 19 век ги носеле работниците на американските фарми, тоа не била првобитната улога на оваа облека. Според расположивите информации, морнарите од Џенова ги добиле своите во сино обоени панталони изработени од тенок памук неколку векови порано.

Платното од Џенова ги исполнувало сите три споменати услови, па после морнарите облека изработена од него почнале да носат и сите останати кои во животот опстојувале благодарение на тешката работа. Интересно е дека зборот jeans настанал токму како синоним за овој вид платно. Французите ја викаат Џенова Gênes, што со време во англискиот изговор преминало во џинс. Веќе во 17 век ова платно било основа за изработка на работна облека на северот на Италија. Англичаните во тоа време од Индија увезувале метри и метри слични ткаенини кои ги нарекувале дангари, и ги користеле за слични намени. Во Франција ткајачите од Ним се обидувале да развијат сопствена варијанта на издржливо платно. Тие се заслужни за вториот термин за џинс во англиското говорно подрачје – деним. Оригинално Французите својата ткаенина ја обележувале со ознаката serge de Nîmes, што со текот на времето станало деним.

За боење на ткаенината е користено природно индиго, кое сè до 19 век стигнувало од Индија како многу битен производ во трговијата на тоа време. Меѓутоа, откритието за индустриски начин за синтеза на оваа боја довело до пресврт во тој дел од работата. Изборот на индиго произлегол од практични причини, имено на темна боја помалку се забележувале дамките и отпечатоците од секојдневната употреба. Зачудувачки звучи податокот дека денешната индустрија за производство на џинс годишно троши 12 000 тони од оваа боја за да ги задоволи потребите на пазарот.

 

Златната грозница и настанокот на модерните фармерки

Кога во средината на 19 век одекнала веста за пронаоѓање злато во Калифорнија, никој не можел да претпостави што сè ќе се случи во наредните години. Стотина илјади луѓе поитале во тој дел на Америка во потрага за остварување на сонот за богатство. Меѓу нив бил и доселеник од Германија, трговецот Леви Штраус. Меѓутоа, тој во Калифорнија не дошол за да бара злато, туку за да отвори продавница за продажба на мешана стока. Копачите се снабдувале кај него со сè што им било потребно за потрагата, не сфаќајќи дека се наоѓаат во златен рудник. Додуша, тие златото таму сами го носеле, а Штраус станал негов сопственик без копање. На вистинска златна жила овој трговец-претприемач, сепак, наишол кога кројачот Џејкоб Дејвис му понудил да бидат партнери во реализација на новиот изум. Штраус ја прифатил понудата и тие двајцата во 1873 година станале сопственици на патент за бакарните нитни на џебовите на фармерките.

Иако тие мали метални нитни се нешто што денес го прифаќаме како составен дел на фармерките и не обрнуваме внимание на нив, тогаш претставувале револуционерен изум. Спречувале фармерките да се кинат на критичните места на оптоварување, со тоа подолго траеле, а тоа е токму она што купувачите го сакале. Набргу нивните панталони ги носеле копачите, фармерите, работниците, сите на кои им била потребна доверлива и економски достапна работна облека, а тоа им било сосема доволно за превласт на пазарот и влегување во легенда.

 

Популарна култура и планетарна популарност

Транзицијата од работна облека до моден детаљ не одела брзо. Било потребно да поминат децении после патентот на Штраус за фармерките да станат дел од секојдневната облека за сите, а не само за работниците. „Бунтовник без причина“,  филмот со Џејмс Дин во главната улога, претставувал само еден од клучните моменти за овој процес. Фармерките набрзо ги прифатиле младите бунтовници, со нивната популарност растела и слушаноста на новиот вид музика – рокенрол. Хипи движењето од шеесетите само ја проширило базата на фанови на џинсот, а го прифатиле и панкерите, како и повеќето од останатите супкултурни движења. За време на поделбата на светот на Исток и Запад, фармерките за оние од источниот блок претставувале симбол на економски просперитет и слобода за која сонувале. Биле криумчарени и продавани на црниот пазар по незамисливи цени.

 

Износен изглед и еколошки аспекти

Во последно време борците за заштита на животната средина укажуваат на тоа дека просечен пар фармерки е поврзан со потрошувачка на околу 3 400 литри вода. Во оваа количина е пресметано наводнувањето на памукот на полињата, водата во текот на производството, како и количината потрошена на нивното перење во текот на просечен век на употреба на еден пар. Оваа количина се зголемува ако се работи за фармерки кои се дополнително третирани за да имаат износен изглед.

Првото намерно избледување на џинсот за да добие износен изглед е забележано уште во далечната 1935 година, во магазинот „Вог“. Од тогаш до денес се развиени бројни техники за постигнување на таа цел, а често се случува одредени брендови поскапо да го продаваат истиот модел на фармерки ако изгледа како да е веќе носен. Нашите стари пријатели и познаници сè уште сомнително одмавнуваат со главата кога некој од нивните потомци ќе донесе искинати панталони од продавница, а покрај тоа и одбива да ги врати назад. Но, нивните родители веројатно, исто така, одмавнувале со главата на самите фармерки, така што во основа ништо не е променето. Фармерките, сепак, сега поврзуваат бројни генерации, не е реткост млади девојки да се појават во нешто што го носеле нивните баби (пример имаме со релативно неодамнешното враќање во мода на фармерките ѕвонарки).

 

Совети за претстојното лето

Монохроматскиот пристап сè уште е актуелен, така што нема да погрешите ако изберете комбинација која со фармерките содржи и горен дел направен од џинс. Овие два дела од облеката не мора да бидат задолжително со иста боја, но важно е нијансите да се согласуваат, како и да имаат изедначено износен изглед. Едноставната летна комбинација за секоја прилика се состои од фармерки (може и оние скинатите) и елегантни маици споени со соодветни чевли со потпетица. Секојдневното издание дозволува и комбинација од фармерки, патики и лесен блејзер. Фармерки со висок струк се видени на бројни ревии, но тоа не значи дека и вие мора да ги имате. Едноставно, изберете го она во што се чувствувате најпријатно. Фармерките долго биле симбол на слобода на духот, помогнете им тоа и да останат.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>