Фармацевти
Контакт

<< Назад

Флајбординг

август 1, 2017

Да летате како птица и да пливате како делфинАлександар Вучковиќ

Новиот екстремен воден спорт флајбординг нуди адреналинско движење на млазен погон, чудесно и елегантно летање, лесно нуркање и лизгање низ вода, а потсетува на футуристичкото движење на летачката машина од филмот „Враќање во иднината“ на Роберт Земекис

Прастариот човеков сон, да лета како птица и да плива како делфин, вткаен во многу митови како старогрчкиот за Дедаловиот син Икар, кој имал крилја направени од восок и пердуви, и јужноамериканските легенди за луѓето-делфини, на крај е исполнет со – флајборд. Оваа чудна машина, која на љубителите на екстремни спортови им овозможува со неверојатна леснотија да летаат над водата и да нуркаат во длабочина, да изведуваат неверојатни работи како да ѝ противречат на Земјината тежа, а набљудувачите сето време ги оставаат без здив, за многу кратко време стана многу популарна и со право се смета за една од највозбудливите нови водени активности.

Лизгање низ воздух
Флајборд (flyboard) се фиксира за грбот и рацете и се носи на грбот. Машината има сила и моќ лицето кое ја носи да го фрли под вода во манир на делфин кој нурка, или да го отфрли девет метри над вода, буквално давајќи впечаток на елегантно летање и лизгање низ воздух. Ништо необично што флајбордот го нарекуваат и „wakeboardom на стероиди“, бидејќи отишол многу чекори подалеку од возење по површина на водата со помош на штица, жичарница или чамец.

Вљубениците во флајбординг (flyboarding) имаат обичај да кажат дека некои луѓе сакаат да пливаат со делфини, а некои сакаат да бидат  делфини, да се движат, отфрлаат и лизгаат низ воздухот и водата на начин како што тоа го прават овие прекрасни морски животни. Токму тоа и била идејата на францускиот пронаоѓач Френки Запата од Марсеј, врвен спортист, професионален џет-ски тркач и креатор на возила за на вода. Тој вели дека неговата направа за кратко време го претвора секој љубител на екстремни спортови во адреналински зависник од флајбординг, поради чудесните можности кои ги нуди. Славниот џет-ски спортист објаснува и дека на идејата за нов спорт дошол така што смислил млаз вода да пренасочи преку цевки до штицата за сурфање. Од идеја до реализација на прототипот изминале неколку недели, требало само да се совлада вештината на летање, бидејќи возачот-летач со помош на црева, млазници и вентили со леснотија се лансира над водената површина.

Како работи флајбордот
Идејата е генијална, бидејќи станува збор за вистински воден млазњак од кој излегуваат млазни црева погонувани со вода. Флајбордот работи така што водата под висок притисок се испумпува во долго црево кое најмногу личи на опашката на чудовиштето од Лох Нес. Цревото е фиксирано за ротирачка платформа, која лебди на вода и го „следи“ човекот-делфин додека изведува движења опасни по живот, кој цело време со рацете ги држи управувачите, кои се, исто така, црева, но нешто помали и закачени за главното црево. Со затворање и отворање на отворот на вентилот се бира правец, елегантно лансирање над вода, или нежно нуркање и лизгање низ вода. Иако оние кои го испробале флајбордот тврдат за овој спорт дека не е неопходна голема физичка сила, доброто снаоѓање во вода, координацијата, чувството за баланс и уиграност се подразбираат.

Примена
Летачката штица на Френки Запата предизвикала огромен интерес кај инвеститорите, кои примената на различни напредни верзии на флајборд ја гледаат не само во екстремните спортови, туку и во војската, здравството и дистрибуцијата. Ова воодушевување не го дели и француското правосудство, кое оваа година од безбедносни причини му забранило на конструкторот да тестира нови направи во воздухот. Од друга страна, постои огромен интерес на американските компании за изумот на Запата, кој се вклопува во нивните визии за производство на летачки медицински носила, летачки мотоцикли за војската и лебдечки станици.

Гинис и ховерборд
Френки Запата, пронаоѓачот на флајбордингот, конструирал и т.н. „флајборд ер“, направа која функционира на четири мотори, од кои секој има по 250 коњски сили, а како гориво користи керозин, кој е складиран во ранец кој се носи на грб. Пилотот или возачот управува со направата со помош на некој вид џојстик, кој му е фиксиран за зглобот на раката. Ховерборд или флајборд ер најмногу личи на НЛО, а возачот на вонземјанин на кого не влијае гравитацијата. Тоа бил генерален впечаток на сите кои го следеле летот на Запата на ховерборд, долг 2 километри и 252 метри, што воедно бил и светски рекорд во должина на летање на овој начин кој влегол и во Гинисовата книга на рекорди. Инаку, протипот на ховербордот се тестира над вода, за да се ублажи евентуалниот пад, што неколку пати му се случило и на самиот Запата.

Интересно е дека идејата за ховерборд или летачка штица, која некои ја споредуваат со скејтборд без тркалца на млазен погон, прв пат се појавила во филмот „Враќање во иднината“  (Back to the Future), на режисерот Роберт Земекис и продуцентот Стивен Спилберг, како футуристички модел на транспорт.

Каде што митот станува стварност
Високите цени на новите водени гаџети овозможуваат многумина кои сакаат екстремни спортови да ги купат и испробаат. За среќа, многу од овие направи ги имаат и модерните аквапаркови, каков што е, на пример, повеќе пати наградуваниот  Waterworld во Кипар, чиј слоган е „каде што митот станува стварност“. Веќе и самите називи на водени атракции укажуваат на спојот на старогрчката митологија и модерните, водени технологии: Посејдонов базен со бранови, Паѓање во Атлантида, Летот на Икар, Хераклитова потера, Еолов вител, Тројанска авантура и други.

Почувствувајте го пливањето на делфините
Германската компанија MS Watersports произведува комплет познат под називот Jetlev Flyer, по цена од 99 900 евра го  и рекламира со слоганот „почувствувајте го пливањето на делфините“. Jetlev Flyer има четири мотори, дебели цевки во кои се регулира притисокот и велат дека овозможува стабилен лет, лудо возење и пловидба. Машината е дизајнирана за корисници високи помеѓу 150 и 200 см, тешки од 40 до 150 кг. Произведувачот тврди дека возењето и летањето кои ги овозможува оваа направа се повредни од „перчење со порше, мерцедес и бе-ем-ве заедно“.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>