Повеќе од стравМарина Брашиќ, специјален педагог, психотерапевт на интегративна психодинамска психотерапија по О.Л.И. метод
Силен, долготраен и ирационален страв од одредена ситуација, предмет, активност или личност, со зголемена перцепција од опасност која доаѓа, доведува до избегнувачко, панично, парализирачко однесување на фобичната личност
Во секојдневниот говор често може да се слушне користење на зборот „фобија“. Луѓето обично овој термин го употребуваат како замена за страв, поврзувајќи преку поимот фобија разни вознемирувачки чувства. Меѓутоа, иако фобиите се поврзани со чувство на страв, нивното разбирање е многу покомплексно од употребата во секојдневниот говор и се однесува на стравови кои до таа мера влијаат на нашето однесување што ни го оневозможуваат извршувањето на вообичаените животни работи и функции. Инаку, самиот збор фобија води потекло од грчкиот термин Фобос, кој значи страв, паника, ужас и бегство.
Маѓепсан круг
Постојат разни видови фобии: од летање, болест, затворен или отворен простор, фобии од забар итн. Животот на личноста со фобичен страв прилично е ограничен. Личноста инвестира многу енергија и време за избегнување на својот фобичен објект и развива разни стратегии на дејствување и активности на движење и функционирање. Квалитетот на живот се намалува, бидејќи фокусот е на перманентно избегнување на фобичниот објект или ситуација. Личноста замислува што сè лошо би можело да се случи ако се најде во конкретна ситуација и колку би била беспомошна. И сè изгледа како маѓепсан круг во кој е најбезболно да се избегне изворот на страв. Исто така, личностите со фобичен страв имаат чувство дека околината не ги разбира и дека се осамени во својот проблем, поради што може да развијат уште поголем страв и срам. Чувствата на страв кои растат може да доведат до напади на паника.
Реален и фобичен страв
Стравот е чувство кое се јавува кај сите луѓе. Нема личност која не искусила непријатни и интензивни, вознемирувачки чувства на загрозеност и паника по повод некое случување или доживување на нешто. Со појавата на опасноста, било да е вистинска или фиктивна, се јавува страв кој има заштитничка и адаптивна функција. Стравот, всушност, го подготвува организмот за приспособување кон опасноста која надоаѓа и одбраната од неа.
Кога ќе нè обземе чувство на страв, во организмот се активираат физиолошки процеси кои доведуваат до забрзана работа на срцето, потење и напнатост во мускулите. Се изоструваат сетилата и вниманието во однос на заканувачкиот стимуланс, а организмот се подготвува за активности на избегнување или одбрана од опасноста.
И кај фобиите стравот ја има истата функција, да го подготви организмот за избегнување или одбрана од опасност. Меѓутоа, разликата меѓу реалниот и фобичниот страв е во тоа што изворот на фобичниот страв е неоснован, односно не е рационално загрозувачки за личноста, иако таа тоа така го доживува. Личноста со фобичен страв нема реални и рационални причини зошто се плаши од одредени нешта, појава или состојба и е свесна за неоснованоста на својот страв, но тоа не ѝ помага да го надмине.
Фобиите се силен, долготраен ирационален или неоснован страв од одредена ситуација, предмет, активност или личност, со зголемена перцепција од опасност која доаѓа, поврзана со конкретна ситуација или специфичен објект, што доведува до избегнувачко, панично или парализирачко однесување.
Причинители на фобии
Обично не постои само еден причинител на фобија, може да се зборува за повеќе причинители, или за предиспонираност на личноста. Некогаш причинителите на фобииите имаат генетски предиспозиции, а некогаш семејните околности, стрес, траума, непријатни животни искуства и доживувања направиле погоден терен за појава на фобија. Во основа, фобиите се предизвикани со влијание на надворешни фактори (непријатни, трауматични ситуации), кои создаваат внатрешни, емотивни конфликти со кои личноста не умее во подолг временски период на адекватен начин да се справи.
Разни сегашни или минати непријатни доживувања и искуства доведуваат до внатрешни конфликти кои се изразуваат преку плашење, немир или страв. Овие непријатни чувства ја реметат личноста во нормалното емотивно функционирање, па таа несвесно се брани од нив со потиснување. Меѓутоа, иако чувствата се потиснати, тие и понатаму тежнеат да излезат надвор, за личноста понатаму да функционира непречено.
Тогаш плашењето, немирот или стравот се поврзуваат за некој надворешен објект кој личноста може да го избегне и прави „корисна спрега“, така што внатрешните чувства на страв ги префрла и поврзува за објект или ситуација (фобичен објект) од кои може да избега, или да ги избегне.
Фобичен објект
Фобичниот објект тогаш станува вистински извор на страв и средбата со него ја покренува состојбата на анксиозност и страв, па личноста настојува и вложува напор на сите начини да ги избегне, иако е свесна дека не е реално загрозена или во опасност.
Изборот на објект кој ќе предизвика реакција на страв некогаш е целосно неочекуван и индивидуален, но, секако, има симболично значење. Фобичниот објект не мора директно да биде поврзан со она што личноста прв пат го доживеала како опасност.
Техники на самопомош
Фобијата не е проблем кој ќе помине сам од себе, колку подолго е присутна, толку стравот се продлабочува и се здружува со некое друго анксиозно однесување. Најдобро е да се консултирате со лекар и психотерапевт, а може да се применуваат и техники на самопомош ако фобиите не се интензивни.
Техника на релаксација: Дишете бавно и длабоко, бидејќи таквото дишење ги намалува напнатоста и стравот.
Техника на соочување со стравот: Се применува постепено, чекор по чекор, бидејќи е важно постепено соочување со ситуацијата која предизвикува страв. Направете листа на ситуации од кои се плашите, а потоа тргнете од оние кои предизвикуваат најмал страв. Постепено соочувајте се со ситуација и обидете се да се чувствувате што попријатно. Не преминувајте на следна ситуација од листата ако претходната не сте ја совладале.
Техника на позитивни мисли: Вежбајте позитивни мисли секој ден. Запишувајте дневно по три позитивни работи кои сте ги направиле. Фокусот на позитивно постепено ќе го намалува чувството на беспомошност и ќе ја јакне самодовербата.
Кај фобиите кои се интензивни неопходна е стручна помош. Обратете се кај психотерапевт кој ќе ви даде помош и поддршка во постепеното надминување на стравот, но и развивање базични способности за обработка и управување со емоциите.