Возбудување без конкуренција
Урлање на моќни мотори, опасни претекнувања, делови од секундата и судбоносни одлуки донесени во нив, со еден збор – возбуда. И тоа не е каква била, туку онаа покрената со согорување на високооктанско гориво и луда храброст.
Автор: Душко Шашиќ
Оваа година се одржува 69. по ред натпреварување во рамките на Светскиот шампионат во Формула 1. Овој, по мислење на многумина, најлуд и најбрз „циркус“ во светот своето постоење го започнал далечната 1950 година. Учесниците на првата трка на Формула 1 се натпреварувале во брзина и во возачка умешност на улиците на гратчето По во францускиот дел на Баскија. Првиот победник во историјата на ова натпреварување бил Италијанецот Џузепе Фарина, а победата ја освоил во својата алфа. Овој податок и денес со гордост ќе го истакне секој сопственик на оваа марка автомобили.
Првата деценија од натпреварувањата
Веќе од наредната сезона на победничкото место се качил легендарниот Аргентинец Хуан Мануел Фанџо. Неговата доминација траела во текот на целата прва декада од постоењето на овој спорт, а титулата шампион ја освојувал уште четири пати. Овој рекорд успеал да го изедначи дури Михаел Шумахер многу децении потоа. Уште еден куриозитет врзан за Фанџо е тоа што неодамна е објавено дека Аргентинецот Рубен Хуан Васкез дури во својата 63. година дознал дека Фанџо му е вистински татко. Правната битка, која потоа ја покренал, завршила со таков резултат што тој официјално е признат за наследник на делот од татковото богатство.
Генерацијата на првите возачи на Формула 1 не обрнувала многу внимание на безбедноста, а прописите на натпреварите во голем дел биле насочени на кубиците и силата на моторот. Главно моторите морале да имаат зафатнина од 4500 кубици или 1500 кубици во суперчарџер варијанта (ваков мотор имала „алфета“ која на Фарина му донела победа во По).
Технолошки напредок
Автомобилската индустрија многу брзо го увидела потенцијалот на овој спорт за унапредување на технолошките решенија. Трките во Формула 1 станале патувачка подвижна лабораторија во која се испробувани смели конструкторски идеи. Некои од новите идеи довеле до сериозни промени во автоиндустријата, додека некои завршувале отфрлени како чисто промашување. Кога еднаш нешто се покажало функционално, не требало многу време за сите учесници да го прифатат тоа решение. Еден од најдобрите примери за тоа е појавата на моделот купер Т51 и две последователни победи на Џек Бребам во шампионатите одржани во 1959 и 1960 година. Иако првите правила на натпреварувањето наложувале дека автомобилот мора да има предно влечење, овој модел бил прв со мотор поставен одзади. Во текот на наредната година сите тимови преминале на вакво решение, а Бребам својата трета титула ја освоил дури шест години подоцна. Со поставување на резервоарот за гориво на страничните делови на болидот се овозможени измени во кокпитот и во самата позиција на возачот. Иновациите се воведувани буквално од трка до трка и вклучувале најситни детали во дизајнот, сè со цел зголемување на брзината и освојување победа.
Посебно внимание во текот на развојот на новите болиди на конструкторите им привлекувале новите материјали. Во овој сегмент доаѓало до почести преклопувања со интересни сфери на авиоиндустрија, а аеродинамиката станувала сè позначајна.
Шеесеттите и седумдесеттите
„Циркусот“, како што оваа трка интерно ја нарекуваат многу учесници, продолжил да расте и забрзано да се менува. Изменети се скоро сите сегменти од безбедносните правила до силата на моторот. Целта била сите тимови да имаат одредени конструкциски параметри кон кои мора да се придржуваат и кои се смислени така што им даваат изедначени шанси за победа. Тоа го префрлувало тежиштето на умешноста на возачот. Веќе тогаш бројните шампиони имале статус на легенди.
Со оглед на тоа што возачот е доведен во центарот на внимание, тогаш тоа е насочено и на неговата безбедност. Кон ова придонел и бројот од 26 возачи кои со глава го платиле своето учество во шампионатот во текот на првите две децении од постоењето на овој спорт. Кокпитите мора да бидат проширени за да овозможат полесно извлекување на возачот во случај да дојде до несреќа. Оделата отпорни на пламен и модерните кациги станаа составен дел од опремата.
Ривалството помеѓу британските и германските инженери постоело од почетокот на автоиндустријата. Формула 1 била како создадена за натпреварување на овие две школи за правење автомобили. Британците се покажале исклучително прагматични и не го конструирале посебно секој дел од тркачкиот болид. Едноставно ги преземале веќе постоечките производи достапни на пазарот. Нивниот водечки конструктор, Колин Чепмен, е автор на прочуениот модел лотус 49. Кога во 1967 година се појавил на стазата, бил опремен со мотор од форд кој со завртувачи бил прицврстен на задниот дел од шасијата и така служел како основа на задната суспензија. Ова решение набргу станало стандардно. Следниот напредок кој Чепман го вовел било аеродинамично задно крило. И оваа иновација многу брзо станала дел од сите болиди, а дефинитивен пресврт донело појавувањето на моделот лотус 72. И ден-денес скоро сите тркачки болиди во употреба се засновани токму на дизајнот на овој модел.
Дали Формула 1 ќе опстане?
Како диносаурус во индустријата на спортот и забавата ова натпреварување во текот на претходните децении било на големи пресвртници. Светската економска криза, како и промената на севкупното поимање за забавата и спортот под влијание на интернетот и модерната технологија, ги навеле челниците на овој спорт на размислување за промени. Берни Еклстон, долгогодишен прв човек на Формула 1, ги сфатил некои од причините на проблемот. Поради надмоќта на технологијата гледачите се сè повеќе бомбардирани со коментаторски објаснувања за технолошките достигнувања. Компонентата на забава некако е потисната во втор план. Покрај тоа, помладата публика која можеби би сакала да присуствува на трка не е доволно платежно способна за такво нешто. Еклстон, меѓу другото, од конструкторите барал да го зголемат нивото на бучава кое го произведуваат моќните машини. Технолошкиот напредок довел до тоа моторите да станат потивки, а бучавата и урлањето на цилиндрите и издувните системи се, сепак, составен дел од возбудувањата, што на Еклстон му е добро познато.
Се зборуваше за евентуална поделба на натпреварувањето во две групи, но тоа не се случи. Станало збор и за учество на жените-возачи, како и за формирање на посебно натпреварување во женска конкуренција. Она што се случи оваа година е враќање на Големата трка на Германија и Голема трка на Франција во календарот на натпреварувања, додека Малезија изостана од листата.
Од натпреварувања се прости и Фелипе Маса, Луис Хамилтон ја брани минатогодишната титула, додека Ники Лауда, легендата на овој спорт, е подложен на операција за трансплантација на белите дробови. Можно е сличен зафат да биде неопходен и во целокупниот „циркус“, времето ќе покаже.
Нови гуми
За разлика од првите денови на Формула 1 кога за гумите не се водело премногу сметка, денес се тие исклучително битен сегмент на натпреварувањето регулиран со правила. Од оваа сезона, покрај веќе постоечките пет вида, се воведени уште два типа гуми за суви услови. За влажни стази остануваат во употреба двата типа на гуми обележани со зелена лента за меѓусредни услови на влажност и сина за влажни стази. Хипермеката гума за суви стази е обележана со виолетова лента, а супертврдата со портокалова.