Фармацевти
Контакт

<< Назад

Фотосензитивни реакции

август 1, 2017

Влијание на сонцето на некои лековиДушан Гољиќ
м-р по фармација

Нашата кожа е проткаена со крвни садови и нервни завршетоци, таа има заштитна, метаболна, сензорна и терморегулаторна функција. Сите супстанции кои ги внесуваме во организмот ќе завршат во некој облик во ткивото на кожата, па и медикаментите. Поради тоа е важно да се знае дека некои  лекови под дејство на УВ-зрачењето ја менуваат својата структура и така изменети може да покренат реакција во кожата. Оваа особина се нарекува фотосензитивност на лекови. Доколу земате некоја терапија, а планирате сончање на годишен одмор, треба да се консултирате со лекар и фармацевт за да знаете дали и во која мера можете да очекувате реакција на кожата.

Постојат два вида фотосензитивна реакција и тоа се фототоксичност и фотоалергии.

Фототоксична реакција: Настанува како резултат на модификација на лекот во кожата под дејство на УВ-зрачење, кога тој станува токсичен по околното ткиво. Процесот се развива непосредно по контактот со сонцето и ги зафаќа само деловите на телото изложени на сончеви зраци. Прво се јавува чувство на жарење, а црвенило се развива по неколку часа и изгледа како изгореница. Во потешки случаи може да дојде до отекување и појава на болни меури. Во тој случај се препорачува престанување со земање на лековите и избегнување на сончање. Симптомите обично се повлекуваат за два до три дена, а оштетениот дел од кожата се лупи. После тоа повторно можеме на сонце, бидејќи споменатиот лек до тогаш е излачен од организмот.

Фототоксична реакција може да дадат некои антибиотици (доксициклин, тетрациклин, ципрофлоксацин, сулфонамиди), потоа цитостатици, антиаритмици (амиодарон, нифедипин, хинидин, дилтиазем), диуретици (фуросемид, хидрохлортиазид), аналгетици (напроксен), лекови за лекување акни (изотретионоин), некои антипсихотици (хлорпромазин) и антидепресиви (имипрамин, сертралин).

Фотоалергиски реакции: Претставуваат системски одговор на организмот, па промените се јавуваат и на региите кои не биле директно изложени на сонце. Имунолошкиот систем ја препознава модификуваната лековита супстанција како туѓо тело и покренува алергиска реакција. Прво се јавува јадеж, кој може да потрае и неколку дена, по што настануваат црвенило, исип и структурални промени на кожата налик на егзема. Фотоалергиите може да потраат долго и да се јават дури и кога лекот предизвикувач ќе се исфрли од организмот, па треба да се консултирате со дерматолог.

Фотоалергиските реакции често настануваат после употреба на козметички производи, чии поедини компоненти реагираат во контакт со сонцето. Познати се фотоалергии на салицилати, парабени и бензохинони. И компонентите на препаратите за заштита од сонце (цинамат, циклохексанол, како и парфеми) може да предизвикаат алергиска реакција. Исто така, не се препорачува употреба на препарати на база на катран.

Фотосензитивност покажуваат и одредени билки и растенија кои се земаат во вид на суплементи или преку исхраната. Такви се кантарион, лимета, целер, смоква, манго и, поретко, морков.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>