Фармацевти
Контакт

<< Назад

ФРИСТАЈЛ СКИЈАЊЕ

декември 1, 2018

Кој вели дека скијачите не може да летаат?

 

Доколку не сте подготвени да ризикувате, тогаш ова не е спорт за вас.

 

Автор Душко Шашиќ

 

Најрано откриените траги за користење на скиите водат во далечното минато. Со сигурност се знае дека жителите на Скандинавскиот Полуостров ги користеле пред два милениума. Меѓутоа, постојат и истражувања според кои уште пред 10 000 години на подрачјето на денешна Кина луѓето користеле парчиња дрво прицврстени за нозете за да ги совладаат снежните пространства.

 

Потекло на зборот скии

Старонорвешкиот збор skíð означувал првобитно расцепено парче дрво наменето за потпалување. Во текот на вековите се стандардизирал и како термин за парчиња дрво со помош на кои полесно се движело преку снег, а зборот влегол и во меѓународна употреба. На овие простори речиси потполно ја потиснал употребата на терминот смучање.

Првобитниот пар северни скии, кои помалку-повеќе со векови исто изгледале, се состоел од две штици со различна должина. Едната била долга, со врвот свиткан нагоре и служела за лизгање по снежна површина. Од долната страна ја подмачкувале со животинско сало и маст, аналогно на денешното подмачкување на скиите со специјални восоци, за да се намали триењето. Втората, пократка скија, служела за оттурнување со ногата, слично на она при возење тротинет или скејтборд. Таа од долната страна често била поставена со животинска кожа што придонесувало за помало пролизгување и подобро искористување на силата на скијачот. Сè до 18 век скијачите користеле еден стап, а од тогаш почнала праксата за пар стапови како помошно скијачко средство.

 

Почеток на модерната скијачка доба

Сè до половината на 19 век скијањето било дел од активностите на оние кои не можеле да го избегнат. Главно, се сметало за побрза варијанта на транспорт од точка А до точка Б, во ситуација кога помеѓу тие точки ќе наврнел снег. Војската го користела за свои потреби, а промените во општеството по индустриската револуција создале и нов поим, до тогаш непристапен за поширок слој луѓе: слободно време. Скијањето почнало да стекнува репутација на забавен и, пред сè, здрав вид рекреација, а за подемот во популарноста придонеле и првите ски-лифтови кои го елиминирале оној напорен дел кој задолжително му претходи на спуштањето.

Полека дошло и до поделба на скијачките правци, која главно водела во два правца. Алпското скијање опфатило спуштање низ падина со скии кои за скијачките чизми цврсто биле прикачени со везови. Техниките развиени во оваа варијанта на скијањето довеле до дисциплини кои денес ги познаваме како слалом, велеслалом и спуст. Нордиското скијање е поврзано за скијачките скокови и за скијачкото трчање. Типот на врска помеѓу скиите и скијачот овде е поинаков, пофлексибилен. Покрај скијачките скокови, за кои навистина е потребна натпросечна храброст, овде спаѓаат модерните дисциплини како што се кроскантри и биатлон.

Напредокот на технологијата довел до уште поголема достапност на скијачката опрема што водело кон омасовување на овој спорт по Втората светска војна. Одреден елитистички призвук сè уште е присутен, особено во монденските ски-центри, но за среќа на сите вљубеници во планините постојат и многу стази достапни на вообичаениот буџет.

 

Дали ова може да биде уште позабавно?

Веројатно тоа му било на памет на еден од следбениците на фристајл скијањето, Штајн Ериксен, кога почнал да изведува трикови на скијачката стаза. Овој Норвежанец по освоеното злато во велеслалом и сребро во слалом на Зимските олимписки игри во 1952 година, кариерата ја продолжил како ски-инструктор во бројни зимски одморалишта во САД. Неговите акробации почнале да привлекуваат внимание на бројни скијачи, па од година во година се јавувале бројни обиди за изведувања скокови, свртувања во водух, возења по нерамен терен и останати вратоломии. Паѓањата и инаку се составен дел од скијањето, а новиот стил не бил имун на повреди, што најдобро го знаат оние чија желба за слава не била проследена со соодветно ниво на вештина. Мора да напоменеме дека првите акробации на скии се појавиле уште во триесеттите години на минатиот век, но тоа главно биле поединечни случаи.

 

Хот-дог или фристајл?

Прашањето од поднасловот се однесува на два назива под кои скијачките лудории станале познати. Фристајлот, сепак, надвладеал као официјален термин, а бурните шеесети придонеле за уште поголема популарност на овој спорт. Во тоа време почнале да се одржуваат натпреварувања во САД. Меѓутоа, Светската скијачка федерација (ФИС) не ги признавала фристајлерите сè до 1979 година. Веќе наредната година е одржан Првиот светски фристајл куп според правила пропишани од ФИС. Првиот светски шампионат е одржан во Франција, 1986 година, а до тогаш веќе биле воспоставени различни дисциплини. Ски-балет (acroski), скокови (aerials), возење по хупсери (mogul skiing), ски-крос (ski cross), полуцевка (half-pipe skiing) и слопстајл (slopestyle) се денес признати натпреварувачки дисциплини. Ски-балетот е една од првите форми на фристајлинг, меѓутоа со време се покажал како најмалку интересен во смисла на привлекување нови натпреварувачи. Со почетокот на новиот милениум сите официјални натпреварувања во оваа дисциплина се формално запрени.

 

Разлики во стиловите

Фристајл скоковите се изведуваат со помош на скокалница висока од 2 до 4 метри. Таа им помага на натпреварувачите да се вивнат до висина од шест метри, но таа висина може да изнесува и дваесет метри ако го пресметаме падот на теренот. Пред доскокот натпреварувачот има должност да изведе повеќекратни свртувања. Се бодуваат отскокот, изведените акробации и доскокот. На тоа се додава и факторот   тежина на изведените елементи. Во текот на летните денови натпреварувачите вежбаат на посебно конструирани подлоги, а скокот го завршуваат во базен.

Возењето по хупсери се состои во совладување низа ритчиња со помош на брзо менување правец. Оваа физички исклучително тешка дисциплина бара беспрекорна скијачка техника, а се изведува на терени посебно подготвени за такво возење.

Half-pipe, во слободен превод полуцевка, најмногу потсетува на натпреварувања со скејтборд. Полигонот за натпреварување изгледа како цевка пресечена на пола, а  натпреварувачот, спуштајќи се од едниот до друг крај, треба да ја прикаже целата своја вештина.

Слопстајл се одвива на стаза исполнета со разновидни препреки, вклучувајќи рампи и скокалници. Се оценуваат амплитудите на скоковите, оригиналноста и квалитет на изведените потези.

 

Пропуст во правилата

На Олимписките игри во 2018 година се појавила унгарска скијачка родена во САД. Таа во дисциплината half-pipe не извела ниту еден трик. До ова натпреварување стигнала така што се пријавувала на оние натпреварувања каде бројот на учесници бил помал од 30 (услов за доаѓање на игрите бил дефиниран одреден број пласмани во првите 30 на дефиниран број натпреварувачи). ФИС најави промена во квалификациските правила и построга контрола. На вистинските фристајлери тоа нема да им пречи.

 

Влегување во официјалната олимписка програма

Како демонстрациски спорт фристајл скијањето прв пат добило можност да се појави на Зимските олимписки игри, во 1988 година во Калгари. Борбата за злато во возење по хупсери е прво официјално олимписко натпреварување за некоја од фристајл дисциплините и е одржано на следните игри во Албертвил, а фристајл скоковите станале дел од олимпиското семејство во Лилехамер. Останатите две дисциплини своето олимписко деби го имале во Сочи, 2014 година.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>