Фармацевти
Контакт

<< Назад

Гастритис и стомачни тегоби предизвикани од стрес

август 1, 2017

д-р Јелена Биџиќ

Во стресни ситуации во организмот доаѓа до бројни промени, како прераспределба на крвта во виталните органи како што се срце, мозок и мускули, како и до намалување на дотокот на крвта во желудникот, што е клучен момент на кој начин стресот влијае на појава на гастритис

Добро е позната врската помеѓу стресот и стомачните тегоби, што сите ние сме ги искусиле во некој момент од животот. Тегобите можат да се јават во облик на минимални проблеми со варењето, тапа болка во горниот дел од стомакот или дури во облик на хронични проблеми со желудникот. Понекогаш е тешко да се одреди дали навистина стресот доведува до овие стомачни тегоби, а постои и конфузија кој вид на стрес, всушност, влијае на појава на тегобите.

Психолошки и физички стрес: Стресот кој го доживуваме во секојдневниот живот може да биде психолошки и физички. Психолошки, ментален или емотивен стрес се јавува како последица на загриженост, анксиозност, тага, незадоволство. Од друга страна, физичкиот стрес е предизвикан од долготрајна физичка активност и напор. Иако стресот не ги предизвикува директно болестите на желудникот, тој е важен фактор во нивното создавање и може да ги влоши веќе постоечките заболувања.

Во секој случај, секојдневниот стрес влијае и на промена на стилот на живот, па доаѓа до прекумерна употреба на лекови, ексцесивни консумации на алкохол, пушење цигари и неправилна исхрана, а сето тоа секако дека влијае на појава на болести на желудникот. Од друга страна, стресот кој е придружен со сериозни повреди, изгореници, тешки болести и големи операции има силен интензитет и директно води до создавање гастритис и улкусни болести.

Нормално функционирање на желудникот: Во нормални околности слузницата на желудникот создава исклучително силна киселина и ензими кои се неопходни за процесот на варење на храната. Киселината и ензимите за варење можат да го оштетат ѕидот на желудникот. Меѓутоа, на тоа се спротивставуваат протективните  фактори, а, пред сè, тенок слој слуз кој ја обложува целата внатрешност на желудникот. Нормалното функционирање на мукусните клетки на слузницата кои создаваат тенок слој слуз е од пресудно значење. И гастритис и улкусна болест на желудникот настануваат како последица на пореметена рамнотежа помеѓу агресивните фактори, како што се киселина и ензими за варење и одбранбените механизми на желудникот.

Бактерија Хеликобактер пилори: Денес за најбитен фактор за настанување на гастритис и улкусни болести се смета инфекцијата со бактеријата Хеликобактер пилори. Се проценува дека половина од светската популација е заразена со оваа бактерија, но сите ги немаат овие симптоми. Бактеријата обично ја има во неизмиено овошје, зеленчук и загадена вода, и многу лесно опстанува во кисела средина. Други фактори кои влијаат на настанување на гастритис се нестероидни антиинфламаторни лекови (ибупрофен, диклофенак, ацетилсалицилна киселина) и некои антибиотици, алкохол, пушење, исхрана и веројатно како најбитен се издвојува стресот.

Во стресни ситуации во организмот се ослободуваат разни хормони (адреналин, кортизол и други) и со нивно дејство доаѓа до бројни промени, за да се адаптираат на новонастанатата ситуација. Прераспределба на крвта во виталните органи, како што се срце, мозок и мускули и намален доток на крвта во желудникот е клучен момент во влијанието на стресот на појава на гастритис.

Гастритис: Воспалување на слузницата на желудникот се нарекува гастритис. Со намален проток на крвта низ слузницата стресот го пореметува нејзиниот одбранбен механизам, а агресивните фактори, киселина и ензими за варење, ја оштетуваат слузницата на желудникот. Организмот реагира на оштетувањето предизвикано од воспалителниот процес, т.е. се јавуваат симптоми на гастритис.

Оштетувањето на слузницата каде што се губат површинските клетки или подлабоките делови од слузницата се нарекува ерозивен гастритис, а кога е зафатен и мускулниот слој од желудникот тогаш зборуваме за улкусна болест или чир на желудникот. Промените кои настанале на ѕидот на желудникот, после одговорот на организмот и воспалителниот процес, можат да бидат санирани после неколку дена или можат да бидат хронични и да траат со недели.

Симптоми: Тегобите од гастритис се болка, мачнина, повраќање, ждригање и надуеност. Болката е локализирана во горниот дел од стомакот во вид на печење или жарење. Тегобите можат да настапат нагло, кога зборуваме за акутен гастритис, или можат да траат со години со повремено јавување, кога станува збор за хроничен гастритис. Од друга страна, многу пациенти кои немаат никакви симптоми можат да имаат оштетена слузница на желудникот. Често се случува пациентите да имаат лесни симптоми кои спонтано престануваат за неколку дена. Доколку постојат поизразени тегоби или оние кои ги реметат секојдневните животни активности, неопходно е да посетите лекар.

Дијагностика: Кај сомневање на гастритис, во зависност од интензитетот на тегобите, дијагностичките методи опфаќаат, освен вообичаен разговор со лекар и преглед, задолжително испитување на постоење на инфекција од бактеријата Хеликобактер пилори, а во одредени случаи и ендоскопски преглед на желудникот со биопсија.

Терапија: Доколку се докаже инфекција со Хеликобактер пилори, неопходна е ерадикациска терапија по протокол. Ако пациентот користел нестероидни антиинфламаторни лекови, најчесто против болки, неопходно е да се престане со употреба на тие лекови. Најзначајни лекови во лекување на гастритис и гастритични тегоби се лекови кои го намалуваат лачењето на желудочната киселина, од кои  најефикасни се инхибитори на протонската пумпа (омепразол, пантопразол, есомепразол).

Животни навики: Сепак, покрај наведените терапевтски мерки, важна е и промена на секојдневните животни навики. Тие се гледаат во соодветна исхрана, без консумирање алкохолни пијалаци, цигари, избегнување стресни ситуации. Воспоставете контрола над своите мисли и емоции и елиминирајте го стресот од својот живот. Ако не можете да влијаете на околината, дејствувајте на себе и научете да го владеете стресот. Тоа секогаш полесно се остварува со здрава исхрана, редовни физички активности, уредно спиење, одмор и релаксација.

Истражување
Интересно е истражувањето од Втората светска војна кое покажало јасно поврзаност помеѓу стресот и појава на улкусни болести. Во студијата ја споредувале зачестеноста на улкусни болести кај група заробеници кои биле под психички и физички стрес во однос на луѓе кои биле на слобода и е забележана двојно почеста појава на улкус во групата на заробеници.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>