Фармацевти
Контакт

<< Назад

Ѓердани

јануари 4, 2016

[vc_column width="1/1"]

Откриваат, разубавуваат и воодушевуваат

Марија Јаксимовиќ

Пред 20 години низата од лажни бисери која ја носела Џеки Кенеди е продадена на аукција за неверојатни 211 500 долари, што, меѓу другото, покажало дека вредноста на ѓерданот ја одредува не само потписот на дизајнерот и користењето на благородни материјали, туку и самата личност која умее да ја носи

Од памтивек накитот бил повеќе од моден детаљ и украс за телото, претствувајќи го не само статусот и положбата на оној кој го носи во заедницата, туку често и неговите ставови и определувања, но и симболичната порака на дародавецот, како наклоност и љубов. Црвените ѓердани во облик на лента, кои ги носеле жените за време на Француската Револуција, немале само функција да ја истакнат убавината на вратот туку симболизирале и оддавање почит на оние кои завршиле на клада. Во средината на 19 век многу слични ѓердани, само од црна лента, биле повторно своевиден жиг за девојки кои се занимавале со проституција. Токму таков накит е прикажан и на легендарниот портрет на гола жена „Олимпија“, на Едгар Мане, кој славниот сликар го направил инспириран од Тицијановиот приказ на Венера, предизвикувајќи бурни протести на тогашната пуританска јавност.

Чокер ѓердани

Припиени ѓердани од црни ленти имаат и прекрасните балерини на сликите на Едгар Дега, па може да се заклучи дека симболиката на овој накит се менувала, бидејќи почнуваат да го носат и припадници на кралски семејства. Александра од Данска, сопруга на Едвард VII, го прославила дијамантскиот тип на овие ѓердани, кои стануваат познати и под името „ѓердан за кучиња“. Некои примероци го покриваат целиот врат, а многу се популарни и кадифени ленти со приврзоци од бисери и филигрански изработени медалјони, во кои се носат портрети, прамен од коса и слично. Александра, принцезата од Велс, на пример, носела околу вратот дебел ред од кадифе и перли, па ја оговарале дека така прикрива некои лузни. Овие ѓердани се изработувале по мера, не доаѓало предвид да не е припиен за вратот. Кон крајот на 20 век „чокер“ ѓерданите, кои се носат високо на вратот, попримаат и облик на лажни тетоважи, а често се комбинираат и со ѓердани со различни приврзоци, од кои оној во облик на срце, секако, е најпопуларен.

Срце на океанот

Еден таков приврзок, наречен „Срце на океанот“, планетарно е прославен во филмот Титаник, така што и денес се прават неброени копии, од уникатни, дизајнерски и многу скапи, сè до обична бижутерија „за сечиј џеб“. Интересно е што токму еден ѓердан од реалниот живот, всушност, бил инспирација за режисерот и сценарист Џејмс Камерун, за овој филм кој добил 11 Оскари и заработил милијарда долари. Според документите, на Титаник се качил и љубовен пар под лажно име господин и госпоѓа Маршал, зад кое се криеле богатиот, оженет и двојно постар трговец Самуел од Ворчестер и неговата млада љубовница Кејт, на која љубовникот £  подарил ѓердан „син сафир“. Самуел настрадал, а Кејт се спасила и во 1913 ја родила ќерката Елена, очигледно зачната на бродот. Речиси сто години подоцна, во 2005, Елена во 92 година од животот го продала ѓерданот „син сафир“ за непозната цена. Интересно е дека на аукцијата во 2012 е продадена и слика од филмот која ја прикажува младата Роуз како седи гола на софа со ѓерданот „Срце на океанот“ околу вратот. Во филмот скицата ја направил Леонардо ди Каприо, иако вистински автор на сликата, всушност, е творецот на филмот Титаник, Џејмс Камерун.

Моќта на среброто

Меѓутоа, не привлекувале внимание само ѓерданите од дијаманти и бисери, туку за време на историјата на украсување многу било користено и среброто, не само поради убавината туку и поради чудесните моќи кои на овој метал со векови  му се припишувале. Се верувало дека сребро растворено во вода ги убива бактериите. Алхемичарите го нарекле „месечев“ или „метал на Дијана“.

Сјајно, бело, чисто и цврсто, среброто низ историјата било сметано за едно од најубавите и најиздржливите благородни метали. На Античките Грци им било омилено за изработка на накит, иако користеле и злато и школки. Од 7 до 17 век, среброто било омилено и на Словените. Според археолошките наоѓалишта, ѓердани и друг накит изработен од сребро, се познати преку 3 000 години. Некои прекрасни парчиња од сребрен накит се пронајдени во Троја 2 500 години пр.н.е., како и во Микена 1 500 години пр.н.е., и во етрурските гробници од 7 век пр.н.е.

Во уметничката обработка на среброто, како некогаш така и денес, најценета техника бил филигранот. Прекрасни мотиви, шеми, мостри на филигранска техника се одржале во Европа и во Азија сè до денешни дни. Мајсторите на овој некогаш многу ценет занает комбинациите ги прават најчесто „од глава“, па уметнички изработените ѓердани поради уникатноста можат да достигнат голема вредност.

Бисерен ѓердан

Ако во времето без строги модни правила постои некое кое е исклучок, тогаш тоа е оној дека секоја жена треба да има бисерен ѓердан, било да е вистински или не. Бисерниот ѓердан кој го носела Мерилин Монро, а го потпишал Микимото, со децении предизвикува воздишки на вљубеничките во бисерен накит, но овој накит од морето, поради својата реткост и убавина, отсекогаш бил предмет на желба. Јапонецот Микимото го промовирал производството на одгледувани бисери. За да дошол до совршен бисер, уфрлал разни туѓи тела во школката, од ронки стакло, до ронки глина, но најдобри резултати постигнал со уфрлување во школката парчиња од друга школка.

Дури и приказната за настанувањето на бисерот е занесна, бидејќи ова мало топче се формира во школата како реакција на мекотелецот кој во неа живее на зрнце песок, или некои други туѓи ронки. Школката тогаш произведува седеф, така што калциум карбонат се лачи и се депонира околу туѓото тело. Резултатот е формирање бисер, кој е најубав кога е сјаен, мазен и тркалезен. Најчести се бисерите со бела боја, но во природа може да се најдат и сини, портокалови, црни, сиви.

Најстарите бисери се откриени во Персија, помеѓу 7 и 9 век пр.н.е. Школките од морето се собирале на ист начин со векови. За да дојдат до еден бисер, нуркачите морале да отворат и до 2 000 школки. За златна доба на бисерите се смета периодот помеѓу 1850 и 1930 година, кога во Европа ориенталните бисери имале посебна цена, а арапските трговци го ширеле своето тргување.

Како симбол на чистота и невиност, но и на статус и престиж, бисери носеле и владетелите, а во почетокот на 19 век бисерните ѓердани биле толку популарни меѓу богаташите што некои биле долги и до половината. Во 20 век бисерниот ѓердан е „класика“, без разлика дали е вистински или не. Всушност, пред 20 години низата од лажни бисери на Џеки Кенеди е продадена на аукција за неверојатни  211 500 долари, што, меѓу другото, значи дека вредноста на бисерите ја одредува и онаа која ги носи. Всушност, ѓерданот околу вратот секогаш е повеќе од потписот на дизајнерот и цената. Тој открива, зборува, разубавува, воодушевува. Затоа, ако е впечатлив, не треба да се натрупува со други парчиња накит, не само за да не изгледате како новогодишна елка, туку и да му се даде можност на ѓерданот да ја раскаже својата приказна за карактерот и особините на личноста која го носи.

Најскапи ѓердани

De Beer's Marie Antioinette дијамантен ѓердан: Цената на овој ѓердан од дијаманти е 3,7 милиони долари. Има повеќе од 181-каратни дијаманти, вклучувајќи и 8-каратен  крушковиден бел дијамант како центар на ѓерданот.

Heart od the ocean дијамантен ѓердан: Ѓерданот „срце на океанот“, кој Кејт го носела во филмот Титаник, е направен од син циркон во Лондон. Потоа златарите направиле реплика од вистински дијамант.

Neil Lane дијамантен ѓердан: Единствен и неповторлив дијамантен ѓердан има 140-каратни дијаманти во облик на круша, перница и солзи.

TIFFANY & CO. Majestic дијамантен ѓердан: Со облик на круша, дијамантниот  ѓердан е направен  од 41,4 карати и чини 2,5 милиони долари.

Sterns Venus ѓердан: Цената на ѓерданот е 3 милиони долари, украсен е со дури 11-каратни дијаманти и 18-каратно злато.

CHOPARD Magnificent смарагден дијамантски ѓердан: Го краси 191-каратен смарагд и 16-каратни дијаманти.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>