На крајниот југИвана Коцевска
Со 240 сончеви денови во годината, најјужниот град во Република Македонија, Гевгелија, со право го носи епитетот град на сонцето, град на топлината. Некогаш бил град на незаборавните серенади, а денес поради големиот број на казина Гевгелија е македонскиот Лас Вегас
На надморска височина од 64 метри, многупати именувана како „рамна како тепсија“, Гевгелија се гордее со својата местоположба. Распослана крај самата македонско-грчка граница, сместена на десното крајбрежје од реката Вардар, во предворјето на Кожуф и Пајак планина, Гевгелија отсекогаш претставувала крстосница на поважните патни правци на овој дел од Балканот. Покрај Гевгелија поминува една од најзначајните трансферзали, автопатот Е-75, и меѓународната железничка пруга Скопје-Солун, кои ги поврзуваат Средна и Источна Европа со јужниот дел на европскиот континент, а понатаму со Блискиот Исток. Најголемото балканско пристаниште на Егејското Море, Солун, е на само 70 километри од Гевгелија, која, пак, е оддалечена 158 километри од Скопје.
Постои една интересна легенда за тоа како градот го добил името. Имено, се раскажува за еден
дервиш кој престојувал во Гевгелија и местото многу му се допаднало, па не сакал да го напушти. Жителите решиле насила да го прогонат. Разлутен од нивната постапка, дервишот почнал луто да ги проколнува. Тие се исплашиле и го повикале назад со зборовите гел-гери, што значи ела назад. Оваа легенда за гевгеличани е заклетва на предците, секогаш да бидат добредојдени оние што одлучуваат овде да се задомат. Па можеби оттука е гостопримството и топлината која се чувствува кај локалното население.
Гевгелија за град е прогласена во 1886 година. Меѓутоа, според различни документи, како мала населба постоела уште во средниот век, а ако се суди според археолошките откритија на Вардарскиот рид, постоела уште многу порано. Според еден германски патеписец, во 1863 година Гевгелија имала 60 куќи со 300 жители, но имала изглед на мало градче. Жените работеле во неколку големи свилари, имало развиено производство на земјоделски и сточарски производи и доста развиено занаетчиство. Сето тоа придонело Гевгелија да се развие во важен стопански центар. Во тој период бил изграден и безистен - покриена чаршија.
Населението од овие краеви ја почувствувало потребата за современа населба која ќе биде домаќин на минувачите-трговци на нивните патувања кон Блискиот Исток, па изградиле многубројни анови. Во тоа време, реката Вардар иако пловна, не можела да го задоволи транспортот на стоки, па во 1873 година почнала да се гради железничката линија Солун - Скопје. Гевгелија станала значаен транзитен коридор и економската моќ почнала постојано да расте.
Широката отвореност на Гевгелија кон Солунската котлина преку долината на Вардар условува силно влијание на медитеранската клима, па овде успеваат и средоземните плодови, смоквите, калинките, маслинките, мандарините и лимоните. Вкупниот број на сончеви часови во годината е 2392, што може да се спореди со неколку места крај Јадранското Море и на Медитеранот.
Библиотека
За најпозната куќа во Гевгелија важи куќата сместена во центарот на градот во која е сместена градската библиотека „Гоце Делчев“ и историската збирка. Оваа куќа е градена 1911-12, по желба на нарачателот Мулалија-ефенди, во „европски стил“. На барање на богатиот чорбаџија, лихвар, ја градел мајстор од дебарското село Гари со своја тајфа, носејќи материјали од Солун. Гевгеличани и денес тврдат дека во Солун постои иста таква куќа, градена од истиот мајстор, кој се смета дека во Гевгелија ги изградил и Сеизовиот конак и Андреевиот конак, кои и денес се зачувани.
Куќата е прогласена за споменик на културата во 2004 година. Интересна е нејзината историја. Имено, на долниот кат постоела менувачница, а во четирите соби живееле четири анами. Мулалија-ефенди ја напуштил куќата по Балканските војни во 1914 година, а до 1928 година ја користел извесен Андон Беширов, кој менувачницата ја претворил во кафеана, а катот се користел за живеење. Во 1932 година, куќата повторно го менува сопственикот и станува столарска работилница. По Втората светска војна куќата е национализирана, од
1950 година во неа е сместена градската библиотека.
Народниот музеј од 1992 година е сместен во Владовиот конак, кој е изграден во
1906. Тука може да се посетат повеќе одделенија со збирки предмети од
праисторијата,
античкиот период, но и етнолошка историска збирка.
Туризам
Во непосредна близина на Гевгелија има неколку туристички локации.
Кожуф планина со својот највисок врв „Зелен бег“ кој се наоѓа на 2.167 метри надморска височина, претставува природна граница меѓу средоземната и континенталната клима.
На
надморска височина од 850 м и на 24 км оддалеченост од градот можете да го посетите туристичкиот локалитет
Смрдлива Вода. Се наоѓа на падините на
Кожуф Планина, а е позната е по минералната вода и нејзината лековитост се користи за стомачни и заболувања на
желудникот и
бубрезите.
На само 4 км северозападно од Гевгелија, се наоѓаат познатите Негорски бањи, каде што во прекрасниот амбиент со јасенова шума се наоѓаат двата извори со минерална вода, познати како „Врела бања“ и „Ладна бања“ со температура на водата од 40 Целзиусови степени, односно од 38 Целзиусови степени. Негорските бањи, покрај големиот број на гости кои доаѓаат на лекување на повеќе болести во базените и модерно опременото одделение за физикална терапија, претставуваат прочуена мека за спортистите. Минералната вода е погодна за лекување на ревматски заболувања, стерилитет, гастроинтестинални и заболувања на кардиоваскуларниот систем, воспаленија и други заболувања на периферниот систем, како и на кожата.
Поради својата позиција и влијанието на медитеранската клима, Гевгелија сè повеќе се стреми да стане туристички центар. Природните, климатските и географските погодности, како и богатото културно наследство овозможуваат во општина Гевгелија подеднаков развој на транзитниот, бањскиот, планинскиот и културниот туризам. Самата топлина на градот, градот на срдечноста - ГЕВГЕЛИЈА, ве кани да го посетите, да уживате во секој момент, чувствувајќи се прекрасно.
Редакцијата на BETTY магазин се заблагодарува на Општина Гевгелија за отстапените фотографии.