Најважна е превенцијатад-р Марија Коцева
гинеколог
ПЗУ Д-р Ложанковски, Скопје
Превенцијата со микробиолошките скрининзи во 12, 24 и 35 гестациска недела од бременоста овозможува откривање и инфекции кои се без симптоми, со што значително се намалува процентот на ризиците и компликациите кои може да настанат како нивна последица
Oбилен вагинален секрет најчесто претставува знак за пореметување на вагиналната флора, но мора да се истакне дека оваа појава во бременоста не значи задолжително и инфекција. Познато е дека леукореа (бело прање) кое се јавува одвреме-навреме кај нормалните бремености настанува и поради хиперестрогена стимулација на цервикалните жлезди. Кога пациентката ќе се пожали на пообилен секрет, секогаш треба да се има на ум и можноста на прснати плодови обвивки, што би значело воедно и сосема различен пристап во лекувањето.
Инфективен вулвовагинитис
Во бременоста е можно да се појави и вистински инфективен вулвовагинитис, било да е тоа инфекција предизвикана од надворешни фактори или при пад на отпорноста на организмот (во бременоста нормално се намалува клеточниот имунитет), па вообичаената вагинална флора станува патогена.
Симптоми: Трудниците се жалат на симптоми како што се перинеално чешање, пецкање, болки при полов однос, обилен секрет, непријатен мирис. Често може да бидат придружени и со уринарна инфекција.
Предизвикувачи: Меѓу предизвикувачите на овие инфекции во бременоста можеме да наброиме неколку:
– бактериските вагинози најчесто се предизвикани од анаеробни бактерии, односно кога ќе се намали бројот на лактобацилите доаѓа до прекумерен раст на овие бактерии, меѓу кои најчеста е Gardnerela vaginalis;
– повеќето од жените кај кои е дијагностицирана бактериска вагиноза немаат никакви симптоми, додека кај останатите се јавуваат симптоми во вид на карактеристичен непријатен мирис (како расипана риба) и секрет со жолтеникава или бела боја.
Превенција: Поради ризикот од предвремено породување, кое овие инфекции може да го предизвикаат, најважна ни е превенцијата. Бидејќи почесто се јавуваат кај сексуално активни жени, се препорачува користење заштита при полов однос, како и третман на партнерот, доколку се утврди инфекција кај жената.
Терапијата ја препишува лекар, според општиот увид во здравствената состојба на трудницата, а таа најчесто подразбира орална терапија на метронидазол во траење од седум дена.
Трихомонијаза
Честа сексуално пренослива болест во бременоста е трихомонијаза. Присутен е жолто-зелен секрет со непријатен мирис. Пациентките се жалат на чешање во пределот на надворешните гениталии и болки при мокрењето.
Лекување: Поради ризикот од предвремено породување, оваа инфекција се лекува во вториот и третиот триместар од бременоста, со метронидазол, а терапијата ја препишува исклучиво лекар. Најдобра превенција е избегнување сексуални односи во текот на бременоста или задолжително користење кондоми.
Инфекции со микроорганизми
Останати сексуално преносливи инфекции кои може да се јават во текот на бременоста се оние предизвикани од микроорганизмите Mycoplasma hominis и Ureaplasma urealiticum. Често инфекциите со овие микроорганизми се доведуваат во врска со спонтани абортуси.
Најчесто користен пристап во терапијата вклучува орална терапија со антибиотици од групата на макролидни антибиотици, како што се еритромицин и азитромицин.
Chlamydia trachomatis е интраклеточен паразит кој морфолошки личи на бактерија и е една од најчестите причинители на сексуално преносливи болести. Во бременоста предизвикува воспалителна реакција на грлото на матката и вагината, но кај голем број жени инфекцијата може да биде и асимптоматска и да се открие како случаен наод од микробиолошки брисеви.
Трудница кај која е докажана инфекција со хламидија треба соодветно да се третира, а најчесто применувана терапија е орална терапија со некој антибиотик од групата макролидни антибиотици, најдобро според осетливоста добиена според антибиограм.
Габични инфекции
Меѓу вагиналните инфекции се вбројуваат и габичните инфекции, чиј предизвикувач е најчесто Candida albicans, а поретко Candida glabrata.
Габичките се нормални жители на вагината каде што се наоѓаат во рамнотежа со другите микроорганизми. Меѓутоа, во бременоста вагината е богата со гликоген, што е последица на зголеменото ниво на естрогени, а намалениот клеточен имунитет во овој период доведува до тоа кај поголем број трудници да се дијагностицира кандидијаза.
Кандидијаза: Најчест симптом е чешање, а често пациентките се жалат и на болно мокрење. Терапијата е со локален антимикотик во облик на вагиналети, како и орален и вагинален пробиотик. Оралните пробиотици се даваат со цел да се спречи повторување на инфекцијата, а во примена се локални пробиотици за да се забрза заздравувањето на сапрофитната флора.
Превентивни мерки: Многу е значајно да ги споменеме превентивните мерки кои се битни за секоја жена пред планирање на бременоста, со цел спречување на појава на овие сексуално преносливи инфекции и да се спречат компликациите кои настануваат како последица на инфекциите, а тоа се:
– користење латекс кондоми при полов однос, што подразбира и нивна правилна употреба;
– еден сексуален партнер (колку помал број сексуални партнери, помал е ризикот за пренос на инфекција).
Компликации: Ако овие инфекции не се третираат, може да доведат до компликации, како што се пелвични инфламаторни болести (со воспаление на горните делови на гениталниот тракт), како и затнување на јајцеводите, што претставува сериозен проблем за забременување.
Навремено откривање на инфекции: Микробиолошките скрининзи кои ги спроведуваме во текот на бременоста во 12, 24 и 35 гестациска недела се, всушност, превенција, а на тој начин е овозможено да се откријат и инфекциите кои се без симптоми, со што значително се намалува процентот на ризици и компликации кои може да се јават како последица од овие инфекции.