Фармацевти
Контакт

<< Назад

ГИНКО

август 1, 2017

Ги подобрува мозочните активностипроф. д-р Радиша Јанчиќ

Ginkgo biloba L. – гинко
(Фамилија Ginkgoaceae)

Германскиот лекар и ботаничар Инглберт Хамфер го открил гинкото во 1690 година во Нагасаки. Гинко е име кое Хамфер го слушнал од своите пријатели Јапонци (ginkyo - сребрена кајсија). Епитетот на видот biloba истакнува дека е лист со два резена. Во Кина, каде гинкото расте како самоник, поради вкусните семиња го нарекуваат и сребрен бадем, сребрена кајсија или бел орев, а поради листовите во лепеза кои личат на нозе од патка, го нарекуваат и „нога од патка“. Гинко се смета за свето дрво, па оттаму и името „дрво на предците“, потоа „Будини нокти“, и „дрво со космички дух“.

Гинко е листопадно дрво високо до 40 метри и има пирамидална крошна. Листовите се наизменично распоредени на долги изданоци, а на кратките се собрани во блиски прешлени. Во пролет се светлозелени, преку лето темнозелени, кожести, со долга дршка, со две или повеќе резени и разгранета нерватура. Растението е дводомно. Машките стробилуси „цветови“ се на кратки изданоци, имаат облик на реси со многу прашници. Женскиот „цвет“ е со долга дршка на чиј крај се наоѓаат две голи семиња на никулецот. Зрелото семе е слично на плодот –  костеливо, долго околу 3 см, надворешниот слој е месест и со непријатен мирис кога е зрел, внатрешниот слој е тврд.

„Плодовите“ и листовите на гинко во Кина се на цена поради своите лековити особини уште од 2800 год. пр.н.е., но лисјата од овој стар вид во западната медицина интензивно се користат од пред дваесет години. Листот од гинко содржи гинколиди (пет вида дитерпеноиди) и билобалиди (сесквитерпеноид), секундарни метаболити изолирани од ткивата на гранките. Тие се многу нестабилни, така што не се користи сиров лист, туку концентриран стандардизиран екстракт. Современата кинеска медицина препаратот од лисја од гинко го препорачува за освежување на мозочната активност, како адстрингенс, кај симптоми на астма и кашлица. Екстрактот од лист од гинко спаѓа во најпродаваните фитопрепарати во Европа.

Гинко е последниот преживеан припадник на фамилијата Ginkgoaceae, која пред околу 170 милиони години имала многу видови. Како самоник расте во шумите во источна Кина. Донесен е во Европа во 1730 година, и од тогаш станал омилено украсно дрво во парковите ширум светот. Поради својата жилавост успева во многу градови долж улиците оптоварени со сообраќај. Отпорен е на ниски температури.

Поради употреба во медицински цели денес се прават плантажи со гинко. Најголема во светот е во Јужна Каролина. Се простира на 400 хектари песоклива земја, а на еден хектар се наоѓаат околу 250 000 стебла. Гинко билоба е предмет на интензивни истражувања и во други научни области (ботаника, палеонтологија, еволуција, антропологија, историја на некои азиски земји, етномедицина). Оттука и терминот гинкологија, кој го објаснува мултидисциплинарниот пристап кон ова чудесно растение. Поради извонредната отпорност, гинко го преживеал ударот на метеорити кој го означил крајот на диносаурусите, а од јагленосаните остатоци од дрвјата во Хирошима се појавиле зелени изданоци еден месец по експлозијата на атомската бомба. Антиоксидативната активност во екстрактот на гинко можеби ја објаснува таквата отпорност.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>