[vc_column width="1/1"]
Симптом или болест?
д-р на медицински науки Срѓан Сретеновиќ, невролог
Центар за главоболки MediHelp, www.medihelp.co.rs
Причинителите на одделни примарни и секундарни главоболки може да бидат надворешни, како временски услови, микроклима, социјална средина, но и консумирање одредени видови храна и пијалаци (конзервирана храна, кафе, алкохол), како и внатрешни, разни заболувања на ендокриниот систем, кардиоваскуларниот систем, психијатриски заболувања и системски инфекции и фебрилни состојби
Главоболка е болка во пределот на главата и делот на вратот, може да биде акутна или хронична, во зависност од настанувањето и траењето. Иако некогаш е придружен симптом на други болести, често главоболката е и болест за себе. Главоболките се едно од најчестите заболувања кај луѓето. Најфреквентните се јавуваат помеѓу 25 и 35 година, почесто кај жени отколку кај мажи.
Симптоми, локализација и карактеристики на болката
„Докторе, имам болка и притисок во главата, сака да експлодира“, се чести зборови на пациенти кои доаѓаат на лекар барајќи помош. Некогаш им е многу тешко да ги опишат карактеристиките на своите тегоби, како што и на докторите им е некогаш тешко да ги разберат симптомите на пациентите. А што, всушност, ги карактеризира главоболките?
Главоболката како симптом ја карактеризира болка во главата (и/или вратот) и најчесто е безопасна, но некогаш, особено ако се јави ненадејно, проследена со пореметување на состојбата на свест или други невролошки пореметувања, може да биде симптом на друго сериозно заболување, како што е прскање на аневризма (проширен крвен сад) во мозокот, што претставува ургентна состојба во неврологијата.
Според начинот на појава, главоболката може да биде акутна (нагло појавена) или хронична, која трае повеќе од 15 дена во текот на месецот.
Некогаш е многу тешко да се одреди местото на главоболка, особено ако знаеме дека болката „се проектира“ преку проекција на нервот кој ја пренесува, така што многу често локализацијата на болката може да го „измами“ местото на потекло. Сепак, она што е типично за мигрената е дека најчесто боли едната половина на главата, примарно делот околу слепоочниците, а болката има карактеристика на пулсирање.
За „обичните“ тензиски главоболки, карактеристично е дека боли целата глава, со умерен интензитет, болката е континуирана, од обрачен тип, иако може да биде и еднострана.
Некогаш е можно пациентот буквално со прст да покаже каде го боли главата, што се случува кај ретка главоболка која се нарекува „нумуларна главоболка“, каде болката јасно се лоцира, а болниот предел е со големина на метална пара.
Долготрајните тапи болки во пределот на вратот, кои се влошуваат со движења на главата често имаат потекло од дегенеративни болести на ’рбетниот столб (дискус хернија на цервикалниот предел на ’рбетниот столб).
Тапи дифузни главоболки кои имаат постепено засилување на интензитетот на болка и проследени со прогресивни невролошки испади (слабост на половина на телото, губење свест, епилептички напад), може да бидат последица на тумор на мозокот или собирање крв внатре во черепот по повреда на главата, а доколку се проследени со зголемена телесна температура, може да бидат последица на воспаление на мозокот и мозочните обвивки.
Симптомите на главоболка често ги следат и други здружени симптоми, како што се мачнина и повраќање, како и зголемена чувствителност на светлина, бучава и мириси.
На главоболката може да £ претходат симптоми, како што се пореметувања на видот, трнење на лицето и екстремитетите или нивна слабост, отежнато зборување, што е типично за мигрена со аура.
Тешки пулсирачки болки во пределот на окото, проследени со солзење и црвенило, во траење и до три часа, речиси сигурно ја карактеризираат и претставуваат симптоми на кластер главоболка.
Видови главоболки – примарни и секундарни
Примарните главоболки се посебни заболувања и не мора да бидат здружени со некое друго заболување, додека секундарните главоболки се последични симптоми на некое друго заболување кое ги предизвикало.
Примарни главоболки се:
- Мигрена (мигрена со аура, мигрена без аура, хронична мигрена, компликации на мигрена, веројатна мигрена, епизодични симптоми кои можат да бидат здружени со мигрена);
- Тензиска главоболка (ретка и честа епизодична главоболка од тензиски тип, хронична главоболка од тензиски тип, веројатна главоболка од тензиски тип);
- Кластер главоболка;
- Останати видови главоболка.
Секундарни или симптоматски главоболки се:
- Главоболка која се припишува на траума или повреда на главата и/или вратот;
- Главоболка која се припишува на кранијални или цервикални васкуларни пореметувања;
- Главоболка која се припишува на неваскуларни интракранијални пореметувања;
- Главоболка која се припишува на супстанции или на нивно отсуство;
- Главоболка која се припишува на инфекција;
- Останати видови главоболка.
Дијагностика и лекување главоболка
Дијагностичките процедури насочени кон испитување на потеклото на главоболката се бројни. Лекарите одлучуваат за избор на метода врз основа на клиничките манифестации на главоболката. Често, но не и задолжително применувани дијагностички процедури се: биохемиски анализи и анализи на крвна слика, офталмолошки преглед, електроенцефалографија (EEG), колор доплер испитување на крвните садови на вратот, колор доплер испитување на крвните садови на мозокот (транскранијален доплер), NMR или CT на главата и крвните садови, а во болнички услови и одделенија на ургентна медицина анализи на цереброспиналната течност и ангиографски дијагностички методи.
Во зависност од видот на главоболка, интензитетот – јачината на болка, и бројот на месечни напади на главоболка, секако, се разликува и тераписката процедура, која грубо се дели на превентивна (се даваат лекови кои треба да го намалат вкупниот број на напади на главоболка), и акутна (терапија на изолиран напад на главоболка). Двете тераписки форми во својот „арсенал“ имаат бројни лекови, кои лекарот, применувајќи тераписки протоколи за секој пациент, посебно ги креира.
Покрај медикаментозната терапија се применуваат и други методи, но и лекување од страна на лекари од други специјалистички гранки, најчесто психијатри. Некогаш е неизбежна и неврохируршка процедура.
Главоболки при патувања и промена на клима
Во текот на патувањето може да се провоцираат од претходно постоечки примарни главоболки, а може да се јават и главоболки специфично поврзани за микро и макроклиматски промени, како и за одредени специфичности на превозни средства и други психолошки и физички влијанија, вели д-р С. Сретеновиќ, невролог.
Познато е дека патувањето провоцира мигренска главоболка, како и зачестена појава кај значаен број пациенти кои боледуваат од мигрена. Ова најчесто се случува поради високи температури, но и поради употреба на клима во возило. Исто така, и промени на ритамот на спиење и исхрана може да влијаат во смисла на провоцирање мигренски атак. Пожелно е пациентите кои од порано имале некоја од наведените примарни главоболки на патување да понесат и лекови кои им ги препишал надлежниот невролог. Доколку интензитетот и карактеристиките на главоболката се изменети, индициран е преглед кај невролог.
Две посебно класифицирани главоболки се главоболки во текот на патување со авион и главоболка која се јавува на голема надморска висина. Двете се често интензивни и се повлекуваат по престанување на факторите што ги предизвикуваат. Интензивни главоболки со прогресивно влошување, проследено со мачнина, евентуално повраќање, со или без невролошки дефицит, бараат задолжителен преглед од невролог.