Фармацевти
Контакт

<< Назад

ГЛАВОБОЛКА И ЖЕШТИНИ

јули 1, 2018

Зошто главата во лето почесто нè боли?

 

Иако главоболката понекогаш е придружен симптом на друга болест, често се случува да се појави самостојно, посебно во текот на летните месеци.

 

Автор: Владимир Пантиќ

 

Во однос на причините за настанување, зачестеноста и траењето, главоболката може да биде акутна или хронична. Ја карактеризираат болни сензации во пределот на главата и делот на вратот, а најчесто ја погодува популацијата помеѓу 25 и 35 години старост. Се јавува почесто кај жени, отколку кај мажи и деца. Ова е здравствена тегоба со која барем еднаш во животот се соочуваат дури над 70% од популацијата. Најчест облик на примарна главоболка е тензична главоболка, а поновите студии укажуваат на тоа дека нејзините потешки облици имаат невролошка причина.

 

Летниот период претставува време од годината кога главоболката се јавува почесто, вклучувајќи го и оној дел од популацијата кој се фали со тоа дека главата никогаш не го боли. Причините за ова се многубројни. Зголеменото ниво на сончево зрачење доведува до потреба во текот на престојот надвор да трепкаме за да ја редуцираме количина на светлина која допира до нас. Овие несвесни движења причинуваат напрегнување на мускулите на очите и лицето, што може да доведе до појава на главоболка. Решението се состои во носење очила за сонце и капа и шешир со широк обод. Посебно внимание би требало да се обрати на изборот на очила за сонце, бидејќи оние со неквалитетни стакла само можат да ја влошат ситуацијата. Напоменуваме дека причини за главоболка можат да бидат и несоодветни очила за вид, како и нивно неносење и покрај потребата за нив. Врзување на „коњско опавче“ е фризура за која во текот на летото се одлучуваат многу луѓе со долга коса. Меѓутоа, и ова може да биде причинител на болка во главата, посебно ако косата е пресилно затегната.

 

Изложеноста на жештина, во дополнително содејство со високи вредности на влажност на воздухот, ги активира нашите природни механизми за одржување на внатрешната телесна температура. Потење, ширење на крвните садови и зголемено чувство за жед, претставуваат начини на кои природата се погрижила да не се прегрееме. Меѓутоа, со зголеменото потење губиме електролити, а настанатото пореметување во нивната рамнотежа може да доведе до главоболки, мачнини, грчеви и други непријатни симптоми како изнемоштеност, раздразливост и забрзан пулс и дишење. Овие појави главно не бараат посета на лекар, а најчесто е доволно да се скриеме во ладовина и да ја надоместиме загубената течност. Шишенце со вода би требало да ни биде секогаш при рака додека престојуваме надвор. По потреба можно е да се земе и некој од растворите за рехидрација, за што, секако, треба да се посоветуваме со лекар и фармацевт.

 

Сончаница и топлотен удар

 

Под сончаница подразбираме минлива состојба на изнемоштеност проследена со главоболка, а предизвикана од изложување на топлина и сончева светлина.

 

Топлотен удар претставува многу посериозна состојба која може да се развие постепено, но може да настапи и ненадејно. Во прашање е многу опасна состојба во која организмот ја губи способноста да ја намали температурата на нормално физиолошко ниво. Симптомите вклучуваат силна главоболка, скок на телесна температура над 40ºC, несвест, мачнина, грчеви, забрзана работа на срцето и забрзано дишење. Лекарската интервенција е неопходна во што пократок рок, инаку може да дојде до сериозни последици.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>