[vc_column width="1/1"]
Дали им е потешко на родителите или на доенчето?
д-р Радмила Косиќ
Додека коликите траат, посветете му на детето време и внимание со што помалку очај и возбудување и примените го она што мислите дека ќе му годи, како греење на стомачето, лежење на стомак, ритмично лулање, подждригнување во текот на доењето, и давање препарати кои ја намалуваат количината на гасови во цревата во договор со педијатар
Грчевите кај бебињата се добро позната, за вас и за вашето мало дете, но слабо објаснета појава во педијатријата. Иако за тоа нема научни докази, обично се поврзува со видот на храната, техниките на хранење или подждригнување, незрелост на системот за варење, вознемиреност на мајката.
Грчевите кај бебињата се најчеста причина за долготрајно и неутешно плачење во првото тримесечје од животот на детето, кога семејството допрва се навикнува на новодојдениот член. Родителите се склони секоја промена во однесувањето на бебето да ја припишуваат на грчевите, меѓутоа, вистинските грчеви, за среќа, се многу поретки.
Педијатрите ги нарекуваат „тримесечни инфантилни колики“ и ги дефинираат по правилото „три“ – плачењето трае минимум три часа дневно, три дена во неделата, во текот на три недели. Бидејќи во педијатриската пракса предолго се чека плачот да трае преку дваесет дена за да се потврди дијагноза, потребно е секое доенче кое неутешно плаче да се прегледа, за да се исклучат други можни причини, како што се, на пример, воспаление на средното уво, вклештена кила, инфекција на мочните патишта...
Децата кои се склони кон грчеви плачат во попладневните или во вечерните часови, обично после втората недела од животот. Коликите достигнуваат врв во вториот месец и потоа стивнуваат. Како и обично, постојат и отстапувања од ова правило. Кај некои деца грчевите ќе се јават порано или подоцна, па затоа секое отстапување од правилото бара уште поголемо внимание на педијатарот.
Карактеристичниот тип на однесување полека созрева веќе по доаѓањето од болница. Типичниот „напад“ се јавува кај деца кои добро напредуваат и се задоволни, со исклучок на попладневните часови, кога со плачење го вознемируваат целото семејство, а неискусната мајка може да ја доведат до очај.
СИМПТОМИ: Доенчето има напнато сто маче, ги собира нозете кон него, лицето му е црвено со болен израз, а плачењето сосема поинакво од плачењето во текот на денот. Исто така, доенчето не се смирува без оглед што ќе преземете. Може да престане за момент ако го подигнете да ждригне, ќе прифати лажливка, или млеко и ќе ги пушти со врескање по само неколку голтки.
Затоплете го или легнете го на стомак, малку ќе се опушти и смири и за минута повторно ќе вресне со грчење на нозете, како да трпи жестока болка. Целата епизода може да трае до 3 часа. Истата ситуација се повторува неколку пати неделно (или секој ден), сè додека не престане околу влегувањето во четвртиот месец. Вознемирените родители ги посетуваат педијатриските ординации барајќи причина и решение на проблемот, во неверување дека детето е здраво и дека проблемот „ќе исчезне сам од себе“. Бебето навистина изгледа вознемирено како да трпи големи болки, но по неколку часа ќе заспие сито и задоволно, како ништо да не се случило.
За оваа честа појава која е позната на генерации мајки ширум светот, дури ни современата педијатрија нема сигурно објаснување. Постојат разни клинички студии кои доведуваат во врска одредени соеви на пробиотски бактерии во цревата на доенчето, недоволна количина на ензимот лактаза кој го разложува млечниот шеќер лактоза, преголеми или премали количини млеко кои детото ги зема, напнатост или незадоволство на изморената и загрижена мајка кои достигнуваат врв во попладневните часови...
Ниедна од овие теории сама по себе не ја објаснува појавата на иста слика во колепките ширум светот. Пронаоѓањето ефикасно решение би усреќило милиони родители кои поминуваат часови чекајќи на преглед кај педијатар, кој ќе им го реши проблемот. За детето кое страда од грчеви навистина малку може да се направи – испробајте препарати кои ќе ви ги препорача лекар, бидејќи секое олеснување е добредојдено и – вооружете се со трпение.
Напливот од плач и погледот на вашето дете кое дава впечаток на голема мака, ќе влијае да се чувствувате беспомошно. Во попладневните часови целото семејство е уморно од секојдневните грижи и сите едвај чекаат на мира да го поминат остатокот од денот. Обидете се да го прифатите фактот дека причината за грчевите е недоволно позната. Ако постојано трагате по неа, само ќе ја пореметите едвај стекнатата рутина во негата на вашето бебе (ритамот на хранење и спиење, видот на храна, времето за капење и пресоблекување).
Соочете се со „конструктивно помирување со проблемот“, бидејќи ве очекуваат неколку тешки недели. Додека траат грчевите, посветете му време и внимание со што помалку очај и возбудување – нема да го оставите да страда, туку примените го она што мислите дека ќе му годи: греење на стомачето, лежење на стомак, ритмично лулање, подждригнување во текот на доењето, давање препарати кои би можеле да го потпомогнат варењето на млекото, или дополнителна количина на лактаза која постои одамна на пазарот во вид на капки. За сè договорете со педијатар и почитувајте ги упатствата на производителот.
СУШТИНА НА ПОСЕТАТА НА ПЕДИЈАТАР: Одењето на педијатар е важно за да се отстранат сомнежите дека детето е болно и дека причина за плачењето е болест, или пореметување кое не смееме да го превидиме. Детето кое страда од грчеви инаку е расположено, добро јаде и добро добива на тежина.
Специфичната дијагностичка постапка за докажување грчеви не постои – патот до дијагноза води преку детален преглед, разговор со родителите кои опишуваат типично однесување на бебето за време на грчевите и исклучување на заболувања кои би можеле да влијаат на слично однесување на доенчето во првите три месеци од животот.
Доколку грчевите се нетипични и изразени, детето треба да се упати кај специјалист гастроентеролог, кој ќе ја утврди природата на тегобите и евентуално ќе го измени видот на храна со која детето ќе има помалку тегоби. Доколку доенчето добро напредува, нема температура и не дава впечаток на болно дете во текот на денот, малку е веројатно дека ќе се разболи секој ден во исто време, со исти, типични симптоми и дека тегобите ќе поминат без последици. Трпението и довербата во избраниот педијатар ваше се единствено оружје во борба против оваа голема мака Грчевите кај бебињата се добро позната, за вас и за вашето мало дете.
Други видови плачење
Ако бебето навечер плаче и се смирува по дополнителен оброк, тогаш не се работи за грчеви (колики). Мајките кои дојат често имаат намалено доаѓање на млеко во попладневите часови, па решението е детето да го нахраните порано, или дополнете го оброкот со адаптирано млеко во договор со педијатарот. Доколку бебето плаче по оброк, а престанува по долго носење и обилно подждригнување, подигнете го во текот на хранењето, бидејќи сигурно се наголтало воздух кој му создава непријатност во стомакот, па со плачењето ве повикува на помош. Доколку плаче навечер или ноќе и престанува кога ќе го подигнете, задоволно е во прегратка, а потоа повторно плаче кога ќе го спуштите во креветче – не се работи за грчеви, туку само за желба за ваша близина и друштво.