Фармацевти
Контакт

<< Назад

Грчеви во нозете

јануари 1, 2018

Аларм за тревога или неМарија Стаменковиќ

Постојат многу причинители за грчеви во нозете. Тие можат да бидат стеснување на крвните садови и лоша циркулација, дисбаланс на електролити, недостиг од магнезиум и калиум, системски болести како што се мултиплекс склероза, заболувања на штитната жлезда и бубрезите, пренапрегнатост на мускулите која настанува како последица од вежбање, оштетување на нервите, долго стоење, ладна вода и ниска температура, дехидрација, бременост, како и некои лекови. Поради тоа е потребно  да се обратите на лекар, посебно доколку грчевите во нозете, без разлика дали станува збор за листот или стапалото, траат подолго време и често се јавуваат.

Генерално, доколку грчевите во нозете се јавуваат ретко (на пример, еднаш во месецот или поретко, после напорно пешачење од повеќе километри или после некои поинтензивни спортски активности, долго стоење на ладно и слично) оваа појава не претставува причина за грижа.

Меѓутоа, доколку грчевите во нозете се јавуваат неколку пати неделно, веќе после кратка прошетка, или ноќе, кога мируваме, задолжително треба да се јавите на лекар, кој единствен може да ја утврди причината и да препише соодветна терапија. Причините за чести грчеви во нозете може да бидат и воспаление на нервите (посебно оние кои се јавуваат ноќе), васкуларни пореметувања, срцеви заболувања, зголемено ниво на шеќер во крвта и друго. Пушењето, исто така, е и една од честите причини за грчеви во нозете, затоа што оваа нездрава навика ги оштетува крвните садови.

Грчевите во нозете доаѓаат одненадеж и поради тоа се карактеризираат како „нагли“. Болката може да биде многу интензивна и непријатна, а најчесто се јавува во пределот на стапалото и листовите на нозете. Може да укажува на стеснување на крвните садови и затнатост на артериите. Ваквиот вид болка е аларм за посета на лекар, посебно доколку се долготрајни.

Во некои случаи можеме и сами себе да си помогнеме со истегнување на мускулот и негова масажа. Помагаат и топли купки и топли облоги, како и суплементи од магнезиум и калиум, во случај причинителот на болката и грчењето да е нивен недостиг. До дефицит на калиум во организмот може да дојде и поради употреба на некои лекови за исфрлање течности, па добро е за тоа да се посоветувате со лекар.

Во случај грчевите во нозете да не се симптом од некоја болест, нивната појава може да се спречи со секојдневно земање  доволно течности (вода, супа, сокови од свежо овошје и зеленчук), консумирање намирници  богати со калиум (банана, компир, грав, сладок компир, јогурт, цвекло), умерено, не претерано вежбање два до три пати неделно, користење собен велосипед и секојдневни прошетки. Луѓе кои на работа стојат по повеќе часа (фризери, сообраќајни полицајци, продавачи), треба да ги одмораат нозете колку почесто можат во подигната положба, масирајќи ги и истегнувајќи ги мускулите.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>