Фармацевти
Контакт

<< Назад

ХЕПАТОПРОТЕКТОРИ

декември 1, 2018

Заштита на функцијата на детоксикација

 

Метаболистичките процеси во црниот дроб се одвиваат константно и преку нив се филтрира целокупниот крвоток и лимфоток.

 

Автор м-р по фармација Душан Гољиќ

 

 

Црниот дроб е главен метаболизатор на екстерни супстанции кои влегуваат во крвотокот. Се состои од функционални клетки – хепатоцити, кои произведуваат специјални биомолекули чија улога е хемиски да го обработат соединението од надворешно потекло (ксенобиотик). Покрај обработка на сите погодни молекули кои ги земаме преку храна, ги вдишуваме или ги внесуваме преку кожа, во хепатоцитите константно се одвива и процес на синтеза на некои од есенцијалните биомолекули.

 

Заболувања на црниот дроб и лекување

Било да е во прашање инфективно заболување (вирусен хепатитис), хроничен внес на штетни материи (алкохолна или наркотична цироза) или, пак, преоптоварување со туѓа супстанција (токсичен хепатитис), причина за повеќето е намалена способност на цепатоцитите хемиски да ги обработат ксенобиотиците, па овие се насобираат во организмот. Активните супстанции кои се користат во тераписки цели, како лекови или заштита од понатамошна прогресија на заболувањето, ги нарекуваме хепатопротектори. Кај метаболистички заболувања на црниот дроб или билијарни заболувања се користат деривати на аминокиселини, како што се: пролин, лизин, цистеин. Дополнително, лековите на база на есенцијални фосфолипиди или деривати на жолчните киселини се регистрирани за лекување разни стадиуми на цироза.

 

Хепатопротектори на база на лековити растенија

Денес можеме да најдеме капки за детоксикација на база на глуварче, смрека, бозел и ѓумбир. Дополнително, производи од куркума или црн кумин имаат потврдено тераписко дејство во лекување болести на црниот дроб и се наоѓаат во вид на течен екстракт или капсули. Црниот бибер, копривата, кантарионот, ајдучката трева и оревот се наоѓаат како состојки на стари рецепти за лековити чаеви, одамна користени на нашето поднебје за овие цели. Иако нашироко позната како природен засладувач, постојат студии кои укажуваат на хепатопротективниот ефект на растението стевија. Екстракти од невен и црвена детелина се наоѓаат во одделни препарати наменети за лекување хормонски состојби каде имаат улога на компоненти за детоксикација.

Повеќето споменати растенија се наоѓаат во аптеките во вид на комбинирани препарати, кои се консумираат во вид на напиток, капсули или таблети. Во зависност од составот, потоа од чистотата и јачината на активните компоненти, овие препарати може да бидат во класата на суплементи или растителен лек. Овие производи, притоа, не треба да се користат доколку не постојат јасни индикации за нивната употреба, а за сите прашања во врска со нив можете да го прашате својот фармацевт.

 

Докажано дејство на млечниот трн

Растението кое се користи како прв избор во модерната терапија за инсуфициенција на црниот дроб кај нас е вид на чичок познат кај народот како млечен трн. Неговата активна состојка силимарин е хепатопротектор со клинички потврдено дејство. Терапијата добро се поднесува и ефикасно се спроведува со години. Се претпоставува дека фармаколошкото дејство на силимаринот се заснова на ефектот на биохемиска заштита на мембраните на хепатоцитите од дејството на токсините.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>