Фармацевти
Контакт

<< Назад

ХИПЕРТЕНЗИЈА

мај 1, 2019

Опасна ако не се држи под контрола

 

Регулирањето на телесната тежина во голема мера го олеснува лекувањето на хипертензијата, така што намалувањето на телесната тежина веќе од пет килограми може значително да влијае на намалување на крвниот притисок.

 

Автор: д-р Јелена Биџиќ

 

Крвниот притисок во човечкиот организам има улога во одржување на функцијата на кардиоваскуларниот систем. Крвниот притисок во организмот се одржува со помош на многубројни фактори на неврохуморалниот систем кои дејствуваат на минутниот волумен и периферниот васкуларен отпор. Вредностите на крвниот притисок се изразуваат во милиметри на живин столб (mmHg) или во килопаскали (kPa), според меѓународниот систем на мерни единици SI. Нормални вредности на крвниот притисок се – за систолен притисок до 140 mmHg (18.7 kPa), за дијастолен притисок до 90 mmHg (11.9 kPa). Кај пациенти кои имаат дијабетес мелитус крвниот притисок треба да биде до 130 mmHg за систолниот и 80 mmHg за дијастолниот притисок. Артериската хипертензија е сериозно заболување поради можните компликации кои можат да го загрозат животот на заболениот. Многубројните истражувања утврдиле дека од компликации на срцето умираат половина од заболените, од компликации на мозокот една третина, а од бубрежна инсуфициенција 10-15 % од заболените.

 

Дефиниција и поделба

Артериската хипертензија се дефинира како систолен притисок поголем од 140 mmHg и дијастолен притисок поголем од 90 mmHg кај лица постари од 18 години кои не се под антихипертензивна терапија. Според настанувањето, сите хипертензии може да се поделат во две големи групи: есенцијална (примарна) хипертензија, кај која не е утврдена органската причина и сочинува 95 % од сите облици на артериска хипертензија, и секундарна хипертензија. Хипертензија од познат причинител сочинува 5 % од сите облици на артериска хипертензија: бубрежна, ендокринолошка, кардиоваскуларна, неврогена, хипертензија во бременост, хипертензија кај полиглобулија, хипертензија предизвикана од медикаменти. Од хипертензија боледуваат од 12 % до 30 % од севкупното возрасно население.

 

Генетски, ендогени и егзогени фактори на создавање

Денес се знае дека повеќе различни причини може да влијаат на зголемување на крвниот притисок. Постои мултифакторијалност во настанување на ова заболување. Сите фактори може да бидат генетски, ендогени и егзогени. Постои вродена склоност за настанување есенцијална хипертензија.

Ендогени фактори се: хуморалниот систем ренин-ангиотензин-алдостерон кој има вазоконстрикторен ефект (ги стеснува крвните садови), доведува до задржување на натриум во организмот, ретенција (задржување) на електролити и вода, инхибира влегување на норадреналин во симпатичните нервни завршетоци, зголемен внес на сол и хипотеза за клеточната мембрана и натриуритичниот хормон; автономниот  нервен систем, т.е. зголемена активност на симпатичниот нервен систем, невроген фактор, систем на простациклини, систем каликреин-кинин-брадикинин, пореметување на функцијата на ендотелата.

Покрај наведените ендогени фактори и наследството, утврдено е дека во настанување на есенцијалната хипертензија значајна улога имаат надворешните влијанија кои се манифестираат преку начинот на живот, работата и навиките. Во овие фактори спаѓаат: дебелината, претераниот внес на кафе, алкохол, никотин, физичката неактивност. Дебелината има важна улога во настанување на артериската хипертензија.

 

Симптоми и дијагностика

Клиничката слика е одредена со степенот на напреднатост на заболувањето. Од симптомите може да се јават: несвестица, пореметување на сонот, палпитации, недостиг на воздух, морничавост, потење, промена на бојата на лицето, утринска главоболка во тилот, зуење во ушите, крвавење од носот.

Дијагнозата се поставува врз основа на анамнезата, мерење на крвниот притисок, физички преглед, лабораториски анализи, ЕКГ, 24-часовен холтер за крвен притисок, РТГ на срцето и белите дробови, ехокардиографија. Дијагнозата артериска хипертензија не се поставува врз основа на едно мерење. Зголемувањето на крвниот притисок треба да се потврди на најмалку две последователни контроли во текот на една до неколку недели.

 

Терапија

Постојат два основни принципа во лекувањето – нефармаколошко и фармаколошко лекување. Нефармаколошкото подразбира општи мерки и диета. Општите мерки подразбираат правилен ритам на живот и работа и физички активности во вид на движење. Правилниот ритам на живот и работа се однесува на дневен, неделен и годишен ритам на работа и одмор. Физичката активност треба да биде умерена, 40-60 % од максимална потрошувачка на кислород и е неопходно да се примени во вид на брзо одење, 100 чекори во минута, од 3 до 5 пати неделно, во траење од 30 до 45 минути. Под диета се подразбира редукција на телесната тежина, рестрикција на внесот на сол помалку од 5 г сол дневно, зголемен внес на калиум преку исхрана, зголемен внес на овошје и зеленчук, намален внес на маснотии од животинско потекло, престанување со пушење и умереност во консумирањето алкохол и кафе. Доколку, и покрај нефармаколошката терапија хипертензијата и понатаму постои, се преминува на фармаколошка терапија. Не постои еден идеален лек, туку се користат повеќе групи лекови. Денес во употреба се антихипертензивни лекови: диуретици, инхибитори на ангиотензин конвертирачки ензим (ACE инхибитори), блокатори на ангитензиски рецептори, калциум антагонисти, бета блокатори, блокатори на алфа рецептори. Најновиот водич за почеток на терапијата се темели на два основни параметра: вкупно ниво од кардиоваскуларен ризик и ниво на систолен и дијастолен крвен притисок.

 

Правилно мерење на крвниот притисок

Во текот на мерењето раката мора да биде во висина на срцето, а пациентот во седечка положба. Најмалку 30 минути пред мерење не треба да има физичка активност, ниту да се пуши и да се внесува кофеин. Мерењето треба да почне 5 минути после одмор. Треба да се направат две мерења во просек со растојание од 2 минути помеѓу мерењата. Треба да се измери артерискиот притисок на двете раце. Како вредност на крвен притисок се зема онаа вредност со поголемо ниво на крвен притисок. Во домашни услови се препорачуваат две мерења наутро и две мерења навечер, најмалку три дена во текот на неделата. Сите вредности на притисокот се користат заради пресметување на средната вредност на крвниот притисок, измерен дома, кој не треба да биде поголем од 135/85 mmHg.

 

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>