Кога после сонот не сте одморнид-р Јелена Биџиќ
Синдромот на хроничен замор е комплексно пореметување кое подразбира необјаснив и постојан замор кој трае шест месеци и подолго, настанат од полно здравје, кој не се јавува како последица на напор и не поминува после одмор
Во 21 век секојдневно сме сведоци на сè почеста употреба на поимот „замор“. Овој збор најчесто нè асоцира на минлива последица од долга и тешка работа која се гледа во намален квалитет на психофизичкото функционирање. Обично после соодветен одмор исчезнуваат симптомите на замор. Меѓутоа, често се случува и после одмор сè уште да чувствуваме замор, а некогаш симптомите на замор можат да траат и со месеци.
Во средината на минатиот век во развиените западни земји во неколку наврати е забележана речиси епидемиска појава на долготраен, повеќемесечен замор со многубројни симптоми и сериозни последици по здравјето на луѓето, и тоа дури меѓу здравствените работници. Од тогаш таквите состојби се групирани како невролошки и инфективни заболувања и промениле повеќе називи (атипичен полиомиелитис, бениген мијалгичен енцефаломиелитис). Конечно, во 1988 година е предложен називот синдром на хроничен замор. Американскиот медицински институт предложил синдромот на хроничен замор да се преименува во болест системска нетолеранција на стрес, како болест на модерното време.
Заморот најчесто се јавува помеѓу 40. и 50. година од животот, почесто кај жените отколку кај мажите. Иако не е лесно да се постави дијагноза и со самото тоа да се одреди прецизна зачестеност на ова заболување, се проценува дека само во Америка 4 од 1 000 луѓе заболеле од оваа болест. Исто така, се смета дека е голем процентот на луѓе на кои оваа болест не им е дијагностицирана, иако имаат проблем.
И покрај многубројните истражувања, сè уште не е прецизно утврдена причината за настанување на ова заболување. Постојат теории кои ги наведуваат најверојатните причини, како што се: инфекции, имунолошки болести, стрес, траума, токсини, несоодветна исхрана, односно интеракција на повеќе причини. Неодамнешното истражување открило и дека луѓето со синдром на замор имаат пониско ниво на клучни супстанции во крвта.
Симптоми
Синдромот на хроничен замор е комплексно пореметување кое подразбира необјаснив и постојан замор кој трае шест месеци и подолго, настанат од полно здравје, кој не се јавува како последица на напор и не поминува после одмор.
Ги пореметува секојдневните и професионални активности и содржи најмалку четири од осум наведени симптоми:
- општа лоша состојба која трае 24 часа после одмор
- сон кој не носи одмор
- оштетено помнење или лоша концентрација
- болки во мускулите
- болки во зглобовите без отоци и црвенило
- воспаление на грлото, често и повторувачко
- болно чувствителни лимфни јазли на вратот и под пазувите
- главоболки од нов вид или интензитет.
Покрај овие симптоми, кај некои лица можат да се јават: болки во градниот кош, болки во стомакот, мачнина, дијареја, вртоглавица, утринска вкочанетост, чувство на недостиг на воздух, слабеење, психичка или физичка изнемоштеност, нерасположение и апатија.
Дијагноза
Дијагнозата на хроничен замор е многу тешка. Кога лекарот бара од пациентот да ја опише својата состојба, се соочува со сиромашен опис, монотонија и стереотипи. Од друга страна, сè уште не постојат тестови за дијагностицирање на болеста.
Меѓутоа, она што е значајно за дијагнозата е дека заморот трае подолго од шест месеци и дека лицето има повеќе од четири наведени симптоми. Исто така, поради исти и слични симптоми за многу други болести, неопходно е прво да се исклучи некоја друга болест како причина.
Слични симптоми се јавуваат кај мултиплекс склероза, ревматоиден артритис, вродени срцеви мани, инфективни мононуклеози, неурастенија, хипотиреоза, психички болести, пореметување во исхраната, карциноми, алкохолизам, пореметување во спиењето и др. Дијагноза за која било од овие болести и состојби ја исклучува дијагнозата на синдром на хроничен замор.
Истражувањата покажуваат дека помалку од 20 % од претпоставениот вкупен број лица со синдром на хроничен замор се дијагностицирани. Доцната дијагноза влијае и на исходот на лекувањето.
Бидејќи причината е непозната, терапијата е индивидуална. Не постои лекување по протокол. Како методи на лекување се препорачуваат: физикална терапија, нутриционистичка терапија и лекување со антидепресиви. Според многу истражувања најголем ефект има когнитивната бихејвиорална терапија и терапија со дозирано вежбање.
Самопомош
Често треба малку да застанеме во забрзаниот од по времето, да се замислиме, да се загледаме во подлабоките слоеви на нашата душа за таму да ги откриеме не само причините на замор, туку и начините за негово отстранување.
Секој од нас може во некоја мера да влијае на тоа да не заболиме од одредени болести. Превенцијата е важен фактор во развојниот тек на повеќе болести, како и нивното лекување. Што се однесува до синдромот на хроничен замор, препорака е да не си поставуваме себеси невозможни цели во остварување на амбициите. Позитивното однесување и размислување, забавување на ритамот, редовната физичка активност, здравата исхрана, избегнување на стресот, добриот сон и уреден одмор, како и земање витамини можат да бидат важни фактори во превенцијата, во текот на болеста и лекување на синдромот на хроничен замор.
Подигање на енергијата
Чувството дека животните батерии ни се испразнети може да се поправи со внес на витамини и минерали, кои можат да помогнат во подигање на падната животна енергија. Витамините од Б-групата го подобруваат функционирањето на нервниот и мускулниот систем и ја враќаат енергијата. Ги има во пивскиот квасец, јаткастите плодови, грашокот, гравот и зелениот зеленчук. Корисни се и продукти богати со железо, како, на пример, месо, јајца и црн дроб. Намалување на оксидативниот стрес се постигнува со внес на антиоксиданти, како што се витамини Ц и Е, омега-3 масни киселини и коензим Q10. Витамин Ц содржат: зелката, пиперката, лимонот и портокалот, витаминот Е го има во маслиновото масло, семките од тиква и сончоглед, а со омега-3 масни киселини е богата сината риба.