Без ризик со редовни контроли
Aвтор: д-р Јасмина Милошевиќ, гинеколог
Бременоста претставува предизвик дури и за целосно здрав организам. Природата обезбедила сложени механизми кои на жената ѝ помагаат да се избори со сите промени низ кои нејзиното тело минува, од забременување до постпородилниот период. Меѓутоа, постојат и ситуации кои бараат дополнително внимание на лекарот.
Во денешно време голем број жени ја планираат бременоста во период кога целосно ќе се остварат како рамноправни членови на општеството, откако ќе изградат кариера и ќе стекнат одредена финансиска стабилност. Просечната старост на трудниците се помести на близу 30 години, а во некои високоразвиени земји и над 30 години. Исто така, денес не е реткост да имаме трудници постари од 40 години, а постои и еден мал број од нив кои имаат и над 45 години. Земајќи ја предвид постарата просечна возраст на трудниците и денешниот ритам на живот, кај значаен број од нив можеме да очекуваме да имаат и некое хронично заболување. Освен овие пациентки, постои и мал број од нив кои имаат хронични болести од раѓање, период на адолесценција и младост, кои главно се од генетска и автоимуна природа. Според научните истражувања, денес секоја петта трудница има некоја хронична болест, а не е реткост една трудница да има и две и повеќе хронични болести.
Најчести хронични тегоби кај трудниците
Трудниците најчесто боледуваат од анемија, астма, дијабетес, покачен артериски крвен притисок, пореметувања на функциите на штитната жлезда, невролошки болести, како што се мигрена и епилепсија, и вродени тромбофилии. Некои од овие болести стануваат позначајни дури во бременоста, додека кај жени кои не се бремени немаат големо влијание. На листата најчести здравствени проблеми, секако, треба да се додаде и дебелината која сè почесто се јавува, главно придружена со некои други хронични болести. Бременоста влијае на текот на хроничните болести на начин што ги подобрува или ги влошува, но во секој случај, хроничната болест значајно влијае на состојбата на мајката и бебето. Постои и мал број хронични болести, како што се кардиомиопатии, примарна белодробна хипертензија итн., кај кои не се советува бременост. Лекарот има обврска да ја соопшти состојбата, а одлуката дали сака да забремени секогаш останува на пациентката.
Анемија – чест придружник на бременоста
Анемијата е најчеста хронична болест кај трудниците и се јавува со самата адаптација на женскиот организам на бременоста. Важно е, сепак, да се знае дека може да се појават и други облици на анемија, но се работи главно за недостиг на железо. Оваа состојба речиси секогаш се регулира со редовна контрола на крвната слика и адекватна примена на препарати од железо. Во други, поретки случаи, може да се работи за недостиг на фолна киселина или витамин Б12, додека постојат и ретки типови анемија каде се потребни дополнителни испитувања.
Влијание на астмата
Во случај пациентката да боледува од астма, би требало да се посоветува со својот пулмолог околу текот на својата болест, за да знае дали е стабилна или би требало да дојде до промена на терапијата поради можното несакано дејство врз бебето. Меѓусебното влијание на астмата и бременоста може да биде различно. Денес приближно кај една третина од пациентките со астма доаѓа до подобрување на текот на болеста, кај една третина состојбата останува непроменета, а кај една третина може да се очекува и влошување. Пациентката, секако, би требало да избегнува чад од цигари и да внимава на респираторни инфекции кои може да го влошат текот на астмата.
Хипертензија – знак за внимание
Хипертензијата е пореметување на кардиоваскуларниот систем и една од најчестите хронични болести во бременост. Важно е да се разликува т.н. хронична хипертензија, кога пациентката боледува од покачен крвен притисок пред бременост, односно кога покачениот крвен притисок е откриен пред 20 недела од бременоста и т.н. хипертензија индицирана од бременост, која се јавува по 20 недела од бременоста. Сите болести може да влијаат на состојбата на мајката и бебето во бременост, а хипертензијата посебно може да биде опасна и дури да премине во прееклампсија и еклампсија, кога доаѓа до пореметување на сите органски системи, како и застој во растот на бебето. Во бременоста е неопходна постојана контрола на крвниот притисок, правилна исхрана и здрав начин на живот со избегнување на пушење и ризик-факторите.
Проверка на хормонскиот статус на штитната жлезда со редовна контрола на шеќерот
Понекогаш жените не знаат дека боледуваат од хипотиреоза или хипертиреоза, така што е пожелно пред бременоста да го проверат својот хормонски статус на штитната жлезда. Во случаи на овие болести најбитна е токму хормонската рамнотежа во првите недели од бременоста. Ова, исто така, се однесува и на проблемот со покачен шеќер во крвта, па се советува согласност од ендокринолог пред забременување. Во текот на бременоста е неопходна редовна контрола на нивото на шеќер во крвта, а по потреба да се направат и дополнителни тестови за испитување на постоење дијабетес.
Редовните контроли се задолжителни
Неопходно е детаљно да се следат и да се контролираат трудниците кои имаат хронични болести. Тоа најчесто подразбира контрола од гинеколог и специјалисти за видот на хроничните болести кои трудницата ги има, а понекогаш и на цел тим специјалисти. Хроничната болест е потребно да се стабилизира и да се стави под контрола, па дури потоа да се планира бременост. Идната трудница ова го прави во консултација со лекар кој веќе ја лекува и со гинеколог кој може детаљно да објасни како најчесто се одвива бременоста кај пациентки со конкретна хронична болест. Ова вклучува и информации за тоа дали постојат дополнителни опасности и што е потребно дополнително да се направи од дијагностика и лабораториски анализи, како и дали треба да се променат некои лекови кои пациентката ги зема, а може да бидат штетни во бременост.