Фармацевти
Контакт

<< Назад

ХРОНИЧНИТЕ БОЛЕСТИ И ПАТУВАЊАТА

јули 1, 2018

Совети за превенција на тегоби

 

На пат е неопходно да се понесат сите лекови кои редовно ги земате во терапија на своите болести и кои се препишани од вашиот лекар.

 

Автор д-р Јелена Биџиќ

 

Најчестите хронични болести кои ги среќаваме во општата популација се хронични кардиоваскуларни болести (хипертензија, срцева инсуфициенција, ангина пекторис), дијабетес мелитус, хронични белодробни болести (астма, хронична опструктивна болест на белите дробови) и хронична бубрежна инсуфициенција.

Општа препорака за сите пациенти со хронични болести е пред заминување на пат да го посетат својот избран лекар и да се посоветуваат со него за сите недоумици кои ги имаат во врска со нивната болест и патувањето, како и да ја проверат својата моментна здравствена состојба за да бидат сигурни дека таа е на оптимално ниво, односно дека нивната болест е добро контролирана.

 

Чест проблем при патување

Еден од здравствените проблеми со кој туристите најчесто се соочуваат во текот на патување е патничката дијареја. Патничката дијареја настанува со консумирање контаминирана храна, вода и воопшто лоши хигиенски услови. Најчести предизвикувачи се бактериите (ентеротоксична Escherichia colli, Salmonela, Shigella, Vibrio cholerae) и вирусите (ротавируси и норовируси). Покрај зачестени, течни или полуформирани измети, присутни се и болни грчеви, мачнина, а можно е и повраќање. Најзагрозени се хронично болните, а и децата поради опасноста од дехидрирање на организмот поради загуба на големи количини течности и електролити.

 

За превенција на патничките дијареи се препорачува превентивна употреба на пробиотици, пет дена пред патување, како и во текот на патувањето. Исто така, препорака е да се пие исклучиво флаширана вода на патување, често да се мијат рацете, особено пред оброк, користење средства за дезинфекција на рацете, а овошјето и зеленчукот пред консумирање би требало детаљно да ги измиете со вода. Не јадете храна која долго стоела на собна температура. Избегнувајте млечни производи, различни сосови, бидејќи се погодна средина за размножување на микроорганизми ако се чуваат на неадекватен начин.

Патничката дијареја обично не трае долго. Кај здравата популација може да помине без посебен третман, но кај хронично болните пациенти, секако, битна е рехидратацијата за надомест на изгубени течности и електролити. Со себе на пат понесете неколку кесички рехидратациска сол, која се раствора во пола литар превриена и изладена вода и се пие по една голтка на две до три минути.

 

Препораки за кардиоваскуларно болните

Високите надворешни температури неповолно влијаат на болните со хронични кардиоваскуларни проблеми. Оваа ситуација дополнително се влошува доколку влажноста на воздухот е поголема од 70 проценти. На споменатите услови нашиот организам реагира со проширување на крвните садови. Тоа доведува до пад на крвниот притисок, вртоглавици и несвестица. Наведените симптоми треба да се сфатат сериозно, бидејќи може да претходат на инфаркт.

 

Во овој период е вообичаено лекарите на пациентите да им воведат одредено коригирање на терапијата. Се намалува дозата на калиумски антагонисти и диуретици за да се компензираат ефектите на дополнително ширење на крвните садови, како и зголемена загуба на течности преку потење. Секако дека ова е мерка на внимание и пациентите никако не би требало да ја земаат самостојно! За сите измени задолжително консултирајте се со својот лекар или фармацевт. Како и кај сите хронично болни, и овде се советува избегнување престој на отворено во период од 10 до 17 часот. Исхраната би требало да се приспособи на надворешните температурни услови (свежо или обарено овошје и зеленчук како основа на исхраната), а посебно внимание би требало да се посвети на хидратација на организмот.

 

Совети за дијабетичарите

Кога се во прашање пациенти заболени од шеќерна болест, тие мора строго да се придржуваат на сите препораки за оптимално контролирање на нивната болест и за спречување и максимално одложување на појава на компликации, како додека се дома, така и во текот на патување.

 

Тоа практично значи дека на патување треба да јадат редовно. Подобро оброците да се почести, помали, базирани на зеленчук, житни растенија од цело зрно, овошје, млечни производи и месо со малку масти (пилешко, риба). Да се води сметка исхраната да биде избалансирана со дневните потреби и со целокупната физичка активност. Доколку тој ден имате поголема физичка активност од вообичаено, зголемете го и енергетскиот внес преку храна. Ако, сепак, ви се случи да почувствувате слабост, вртоглавица, потење, тресење, мачнина, глад, немир, земете коцка шеќер или парче чоколадо. Во прашање се симптоми на хипогликемија, кои настануваат кога гликемијата е под 2,5 mmol/l, а причините може да бидат токму непочитување на препораките за диета при дијабетес или прекумерна физичка активност.

 

Патувајте во удобни чевли. Секојдневно негувајте ги своите стапала и прегледувајте ги евентуално да не има некои повреди на нив. Ова е битно поради превенција на појава на дијабетичко стапало, како една од компликациите на шеќерна болест, во чија основа се наоѓа полиневропатија на долните екстремитети (трнење, парестезија, болка).

 

Задолжително понесете!

Лековите понесете ги во оригинално пакување, а е пожелно со себе да имате и копии од рецептите, вклучувајќи и генерички називи на лековите. Покрај основната терапија, а во консултација со избран лекар, на пат да се понесат и лекови за санирање состојби кои може евентуално да се појават во текот на патување, а кои може дополнително да ја влошат вашата основна болест, како што се лекови против болести при возење, антибиотици за третман на тешки дијареи, антихистаминици, парацетамол, аспирин, ибупрофен или други лекови за болка и покачена температура, слаби лаксативи, антибактериски и антимикотични креми.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>