Фармацевти
Контакт

<< Назад

ХРОНИЧНО ВОСПАЛЕНИЕ НА ПРОСТАТАТА

октомври 1, 2018

Чест уролошки проблем

 

Машките генитални органи, простатата и семените кесички се поврзани во анатомска и функционална целина. Поради тоа, како и поради поврзаноста на функцијата, често доаѓа до истовремено заболување.

 

Автор: д-р Марко Биџиќ, доктор по медицина

 

Простатата е жлездест, добро васкуларизиран орган, подложен на периодична физиолошка конгестија (прилив на крв во ткивото поради процес на мокрење, дефекација, коитус) и често е место на акутна и хронична инфекција. Поради својата положба е подложна на инфекции чиј почеток е во мочниот меур и мочниот канал. Градена е од жлездено и мускулно ткиво. Се наоѓа под мочниот меур, пред ректумот и го обвиткува почетниот дел од мочниот канал. Главна функција ѝ е производство на секрет кој влегува во состав на семената течност. Има големина и облик на костен, со просечна тежина од околу 20 грама.

 

Причини за воспаление на простатата

Воспалението на простатата (prostatitis) е многу често уролошко заболување. Почесто се јавува кај мажи помлади од педесет години, додека кај мажи постари од педесет години е на трето место, по бенигната хиперплазија на простатата и карциномот на простатата.

Голем број фактори можат да бидат причинители за простатитис. Често се наведува дека е мултифакторијално заболување. Најчести причини се: бактериски инфекции, автоимуна болест, повреди, додека како поретки причини можат да бидат стеснување на мочната цевка, гихт, камења во простатата, тумори, бенигна хиперплазија на простатата, вируси, габички. Одредени медицински зафати и состојби го зголемуваат ризикот за настанување на простатитис, како што се поставување катетер во мочната цевка, инфекции и повреди на мочниот систем, пореметување во мокрењето, неконтролирана сексуална активност, анален секс, прекумерно консумирање алкохол, фиксирана положба на телото при долготрајно јавање.

 

Акутно и хронично воспаление

Акутниот простатитис почнува нагло и се карактеризира со висока температура, силна болка во малата карлица, болно, отежнато и оскудно мокрење. Симптомите кај хроничен простатитис се неспецифични. Се јавуваат постепено, со слаб интензитет, без зголемена телесна температура.

 

Хроничниот простатитис настанува како последица на несоодветно лекување на акутниот простатитис и како компликација на воспаление на мочната цевка и мочниот меур. Може да биде бактериски, кога јасно ќе се открие причинителот, и небактериски, кога причинителот не може да се изолира.

 

Хроничната небактериска инфламација се јавува во 64 % од случаите со слични симптоми како акутен простатитис, но со помал интензитет и без зголемена телесна температура. Карактеристично е што по лекувањето се повторуваат уринарни инфекции. Инфекциите предизвикани од микоплазма, кламидија, уреаплазма, трихомонас, кои се пренесуваат при незаштитен сексуален однос, најчесто се причинители за хронично бактериско воспаление на простатата. Кај помладите мажи, дури 80 % од простатитисот е предизвикан од овој микроорганизам. Чести причинители се и Escherichia coli и Pseudomonas.

 

Симптоми и компликации

Симптоматологијата се манифестира со слаб притисок и напнатост во долниот дел од стомакот која се шири кон тестисите и внатрешноста на бутините. Болката е ниско лоцирана и се зголемува при седење. Болките се непријатни, тапи, иритирачи. Некои пациенти имаат и ноќно мокрење, болки и непријатност во ректумот при празнење на дебелото црево, изнемоштеност и слабост. Се јавуваат и пречки во сексуалната функција кај мажите, болна ејакулација. Чест симптом е и болно и отежнато мокрење, чувство на неиспразнување на мочниот меур и напнатост. Ретко може да се јави и крв во урината и спермата. Влошување на болеста настанува под влијание на алкохол и студ.

 

Компликациите од хроничен простатитис се: чести уринарни инфекции кои се повторуваат, воспаление на тестисите, епидидимисот и семените кесички. Доколку воспалението не се лекува, настанува стерилитет кај мажите. Може да се создадат простатолити – камења во простатата. Поради тоа лекувањето мора да биде со стриктна контрола од уролог.

 

Дијагностика

Дијагнозата се поставува врз основа на добиените податоци за претходни воспалителни процеси на простатата и мочниот систем. При ректален преглед со прст постои чувствителност на простатата. Пред и после простатична масажа се зема примерок од урината т.н. тест во две чаши. Лабораториските анализи и преглед на урината можат да покажат присуство на бактерија, додека ултразвукот и ендоскопските методи, биопсија од простатата и имунолошки анализи можат да ја потврдат дијагнозата небактериски хроничен простатитис.

 

Правилно и навремено лекување

Лекувањето се спроведува со примена на антибиотици кога микроорганизмите се докажани и кај акутен простатитис терапијата дава брзо позитивни резултати од лекувањето, додека терапијата за хроничен простатитис е долготрајна. Нелекувано, хронично воспаление на простатата може да доведе до стерилитет. Потенцијата во текот на инфекцијата може да биде нарушена. Најчеста компликација е инфекција на уринарниот тракт која обично се враќа. Изборот на антибиотици не зависи само од чувствителноста на причинителот, туку и од способноста на продирање во ткивото на простатата. Лекувањето мора да се спроведува и до 3 месеци. Покрај антибиотска се применува и симптоматска терапија.

Лекувањето на небактерискиот простатитис е најчесто симптоматско, подразбира употреба на антибиотици, анксиолитици, антидепресиви, нестероидни-антиинфламаторни лекови, алфа блокатори, инхибитори на 5 алфа редуктаза, како и физикална и психолошка терапија.

 

Дополнителни препораки

Масажа на простатата може да помогне да се одведе течноста која предизвикува воспаление. Топли купки можат да помогнат да се ублажи непријатноста. Квалитетот на живот се намалува кога се зголемуваат симптомите кај овие пациенти, па затоа се препорачува антистрес терапија и намалување на внес на зачинета храна или кисели пијалаци, зашто тие можат да ги влошат симптомите. Многу е важно лицата заболени од хроничен простатитис да бидат физички активни и да спроведуваат хигиено-диететски режим без алкохол и силни зачини.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>