[vc_column width="1/1"]
Совети за ублажување на симптомите на инфекции на уринарниот тракт
Инфекции на уринарниот тракт
Инфекциите на уринарниот тракт или уринарните инфекции, по респираторните, претставуваат најчести воспаленија предизвикани од микроорганизми, како и најчести бактериски инфекции, воопшто, а воедно се и главна причина за препишување антибиотик. Здравата урина е стерилна, а инфекцијата се појавува кога ќе се размножат бактерии кои продираат во уринарните патишта од површината на телото и од цревата. Самото навлегување на микроорганизмите во мочниот меур не значи и појава на болест бидејќи ако мокрењето е нормално, а количината на бактерии мала, тие ќе се исфрлат преку урината. Ако нема редовно празнење на мочниот меур, ако организмот е настинат, исцрпен од некоја друга болест, со намален имунитет или под стрес – бактериите се размножуваат и се појавува инфекција.
Уринарни инфекции кај жените и мажите
Инфекциите на уринарниот тракт се почести кај жените отколку кај мажите бидејќи кај жените уретрата е пократка, рамна и широка и поради тоа бактериите полесно може де преминат во мочниот меур. Отворот на уретрата кај жените е во близина на вагината и дебелото црево па со тоа е изложен на поголем број микроорганизми. Поради истата причина, и кај децата девојчињата почесто заболуваат. Кај жените, исто така, почести се и воспаленијата на мочниот меур или циститис, а кај мажите почесто е воспалението на уретрата или уретритис. Ако овие воспаленија не се лекуваат, може да дојде до компликации, при што воспалението се шири до бубрезите и се појавува пиелонефритис или многу тешка инфекција уросепса. Кај мажите може да дојде и до воспаление на простатата или простатитис, воспаление на надсемениците или епидидимитис, како и воспаление на тестисите или орхитис, а кај жените воспаление на вагината или вагинитис.
Симптоми на уринарна инфекција
Инфекциите на уринарниот тракт имаат препознатливи симптоми:
• често мокрење мали количини на урина, често со непријатен мирис.
• чувство на пецкање или непријатен притисок.
• со зајакнувањето на инфекцијата се зголемува болката во меурот, притисокот или болката во карлицата, болката во долниот дел од грбот, телесната температура е зголемена, а може да се најде и крв во урината.
• кај малите деца симптомите се општи и неспецифични - обично започнуваат како истоштеност, безволност, одбивање храна и пијалаци, со висока температура, а урината може да биде со интензивен мирис.
НИЕ ВО АПТЕКИТЕ BETTY ЌЕ ВИ ГИ ОТСТРАНИМЕ СИТЕ ВАШИ ДИЛЕМИ ВО ВРСКА СО ТЕРАПИЈАТА СО АНТИБИОТИЦИ ПРИ ИНФЕКЦИИ НА УРИНАРНИОТ ТРАКТ ПРЕКУ СОВЕТИ ЗА НАЧИНИТЕ НА ПРИМЕНА, КАКО И ЗА МОЖНИТЕ НЕСАКАНИ ДЕЈСТВА И КОНТРАИНДИКАЦИИ.
Причинители на уринарни инфекции
Инфекциите на уринарниот тракт се најчесто предизвикани од бактеријата Escherichia coli, дури и до 80% од воспаленијата. E. coli е природен жител во цревната микрофлора, но во уринарниот тракт може да дојде до нејзино прекумерно размножување и да предизвика воспаление. Кај чувствителните лица и лицата со ослабен имунитет оваа инфекција понекогаш се лекува долготрајно бидејќи често се повторува. Други предизвикувачи може да бидат Enterococcus, Staphyloccocus saprophyticus, Pseudomonas aeruginosa или Proteus mirabilis.
Дијагностицирање на уринарна инфекција
• Инфекциите на уринарниот тракт се докажуваат со преглед и лабораториски тестови првенствено на урината, но и на крвта, а ако е потребно и со рендгенско или ултразвучно снимање.
• Кога е можно, уринарните инфекции се лекуваат според антибиограм, односно утврдување на најефикасен антибиотик за одредено воспаление.
• За преглед најдобро е да ја соберете првата утринска урина во стерилна чаша. Пред собирањето треба добро да ги измиете гениталиите, да ги исушите (најдобро со хартиена крпа), да го испуштите првиот млаз и да го соберете следниот млаз во чашката.
• Урината на малите деца се собира во стерилна торбичка, која по миењето на гениталиите се лепи на кожата.
ДОПОЛНИТЕЛЕН СОВЕТ:
Анализа на урината секако треба да се направи пред да се започне со третманот со антибиотици, но може и во рок од два часа од нивното земање.
Лекување уринарни инфекции
Лекувањето на инфекциите на уринарниот тракт зависи од тежината на симптомите и може да се применуваат следните антибиотици: цефалоспорини, флуорохинолони и оние при хемотерапија, односно котримоксазол и нитрофурантоин кои кај лицата кај кои често се повторуваат инфекциите може да се даваат и превентивно или на продолжено време. Терапијата со антибиотици може да трае од 3 до 10 дена, а должината на лекувањето ја одредува лекарот. Симптомите може да исчезнат веќе по два дена, но важно е да се испијат сите пропишани лекови за да не дојде до враќање на инфекцијата и да не се развие отпорност на причинителот на антибиотици. Во текот на лекувањето на секоја инфекција на уринарниот тракт треба да се пијат големи количини течности со што би се вршело што почесто измивање на слузницата. Добро е да се пие увин чај, уролошки чај и чај и сок од брусница, но важно е да се знае дека увин чај не смее да се пие истовремено со брусница, хибискус и други чаеви и производи кои ја закиселуваат слузницата на уринарниот тракт.
Повторувачките инфекции се проблем кој бара долготрајна контрола на уринарното здравје со цел да се искоренат од уринарниот тракт бактериите кои ги предизвикуваат.
Во позадина на повторувачките инфекции најчесто е таканаречен биофилм кој го создаваат некои бактерии на површината на уринарните патишта и кои се еден вид на резервоар кој ги обновува инфекциите. За искоренување на повторувачките инфекции потребно е доследно да се следат препораките од Вашиот лекар и фармацевт, односно да се делува и превентивно најмалку 3 до 6 месеци.
ДОПОЛНИТЕЛЕН СОВЕТ:
За ублажување на симптомите добро е да се зголеми киселоста на слузницата на уринарниот тракт и алкалноста на урината, што може да се постигне со земање ацидофили.
Превенција на уринарни инфекции
Инфекциите на уринарниот тракт се почести кај жените, посебно во менопаузата. Може да бидат посериозни кај бремените жени, дијабетичарите, лицата со бубрежни заболувања и кај сите оние со нарушен имунолошки систем. Посебно внимание треба да се посвети на луѓето кои заболуваат повеќе од три пати годишно.
• Жените можат да ја намалат можноста за појава на инфекции со правилно бришење на анусот после празнење на цревата – од напред кон назад.
• Треба да се пијат осум чаши вода на ден и да се уринира на секои 2 - 4 часа.
• Пиење вода пред и по сексуален однос.
Совети за ублажување на симптомите
Земањето витамин Ц и избегнувањето носење тесна облека ја спречуваат појавата на уринарни инфекции.
• Како превенција се препорачува редовно внесување на брусница.
• На жените во постменопаузен период лекарот може да им препорача примена на локални естрогени препарати.
ПРИ СЕКОЈА ИНФЕКЦИЈА НА УРИНАРНИОТ ТРАКТ ТРЕБА ДА СЕ ПИЈАТ ДОВОЛНО ТЕЧНОСТИ, НА ПРИМЕР, УВИН ЧАЈ, УРОЛОШКИ ЧАЈ И ЧАЈ И СОК ОД БРУСНИЦА, СО ЦЕЛ ИЗМИВАЊЕ НА СЛУЗНИЦАТА. НО ВАЖНО Е ДА СЕ ЗНАЕ ДЕКА УВИН ЧАЈ НЕ СМЕЕ ДА СЕ ПИЕ ИСТОВРЕМЕНО СО БРУСНИЦА, ХИБИСКУС И ДРУГИ ЧАЕВИ И ПРОИЗВОДИ КОИ ЈА ЗАКИСЕЛУВААТ СЛУЗНИЦАТА НА УРИНАРНИОТ ТРАКТ.
ДОПОЛНИТЕЛЕН СОВЕТ:
Кај жените може да се случи микроорганизмите во областа на вагината (Chlamydia trachomatis, Mycoplasma, Trichomonas) да се пренесат во уринарните патишта. Затоа рамнотежата на нормалната флора на вагината е многу важна за здравјето на уринарните патишта и половите органи, за што придонесува земањето пробиотици.
За повеќе совети обратете се во аптеките на BETTY.