Фармацевти
Контакт

<< Назад

Исхрана кај болести на црниот дроб

октомври 1, 2017

проф. д-р Владимир Илиќ

 

Малнутриција или пореметување на нутритивниот статус настанат како резултат на неадекватна исхрана или пореметувања на метаболизмот, е релативно честа  кај лица со акутни и хронични болести на црниот дроб.

 

На сите пациенти со болести на црниот дроб строго им е забранета употреба на алкохолни пијалаци, пушење, газирани сокови, конзервирана храна и напитоци со кофеин. Се советуваат чести и мали оброци, од пет до седум дневно, со пауза помеѓу оброците која не е подолга од 3 часа. Дебелите лица би требало секоја недела да ја намалат телесната маса за околу килограм, што се остварува со дефицит од 150 до 250 калории на ден. Рестриктивните диети не се препорачуваат, бидејќи може да доведат до влошување на функцијата на веќе оштетениот црн дроб. Заедничко за сите диети е дека  се базираат на ограничен внес на кујнска сол (до грам дневно), посебно доколку е изразено задржувањето течности.

 

Важен е зголемениот внес на јаглехидрати, посебно сложени полисахариди и намирници  богати со влакна (житни растенија и производи од цело зрно, ориз, компир, морков, мешунки, јаткасти плодови, зелен зеленчук со влакна). Сложените шеќери имаат низок гликемиски индекс и на тој начин го одржуваат стабилно нивото на глукоза во крвта и го намалуваат ризикот од појава на инсулинска резистенција која е честа кај оваа група болни. Внесот на прости јаглехидрати не би требало да биде поголем од 10 насто од вкупно внесените калории во текот на денот. Тие главно се обезбедуваат со консумирање мед, овошје и преработки од овошје (сокови, џемови, мармалади, сушено овошје, компот, сирупи). Посебен бенефит има доцниот вечерен оброк со 50 г јаглехидрати, бидејќи на тој начин се намалува оксидацијата на протеините кои се важни бидејќи одржуваат адекватен баланс на течности помеѓу клетките и спречуваа појава на отоци и појава на асцит (собирање на течности во стомачната празнина).

 

За да се одржи позитивен протеински биланс, 15-20 насто од вкупната енергија треба да се обезбеди од протеини (1-1,5 г по килограм телесна маса) од животинско потекло (месо од живина и риба, поретко црвени меса како телешко, јагнешко, месо од дивеч, од коњ). Се препорачуваат и млечни производи (млеко, сурутка, младо сирење, јогурт, кисело млеко), јајца и намирници од растително потекло (кикиритки, соја, авокадо, банани, кокос, карфиол, грав, печурки и мешунки).

 

Вкупниот внес на масти не би требало да ја премине границата од 60 до 80 грама во текот на денот, при што е неопходно да се зголеми количината на незаситени масти и омега 3 масни киселини кои се наоѓаат во риба, ладно цедено масло од репка, соја, маслинки, исто така, и во бадеми, лешници, ореви и семки од тиква, сусам и лен. Покрај наведеното, кај некои пациенти често е потребна и дополнителна суплементација со витамини Ц, Е и Б-комплекс.

 

Промената на животниот стил на пациентот игра важна улога во лекување на болестите на црниот дроб, а исхраната со балансиран внес на јаглехидрати, масти и протеини со секојдневна физичка активност од аеробен тип може да ги забави патолошките процеси и да спречи загуба на мускулната маса. Затоа од исклучителна важност е да се почне со диета пред да се уочат првите симптоми на пореметувања на метаболизмот.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>