Ана Николиќ
Губењето на масните наслаги не е едноставен и краткорочен процес, а подразбира менување и отфрлање на лошите навики во исхраната, како што се прејадување, консумирање рафиниран шеќер (торти, колачи), индустриски грицки (чипс и слично), месни преработки и брза храна, како и производи од бело брашно. И термичката обработка на храната е важна, па треба да се даде предност на варењето на пареа и во вода, а да се избегнува пржењето. Некои намирници директно помагаат во топењето на масните наслаги, па затоа треба секојдневно да ги има на трпезата.
Спанаќ: Спанаќот и другиот зеленчук со зелени листови содржат малку калории, многу влакна, витамини, минерали и антиоксиданти, па би требало секојдневно да се застапени во исхраната, во суров облик (салати), и подготвени како варива, супи, прилог. Секој ден добро е да се планира мени со друг зеленчук со листови, спанаќ, зелје, блитва, брокули, зелка, кељ, праз итн.
Грејпфрут: Грејпфрутот се смета за идеална ужина, бидејќи содржи нарингин, антиоксидант кој ги согорува мастите. И другите цитруси се многу корисни, имаат малку калории, но и кај нив важи правилото дека не треба да се претерува. Еден портокал на ден може да биде идеална замена кога ќе посакате нешто благо, а лимонот е одличен избор за салати и свежи напитоци во кои не сте додале шеќер.
Домат: Доматот содржи малку калории, а многу важни нутриенти. Ликопенот од доматот има силно антиоксидативно дејство, па треба да се консумира често, во салати, како сос и супа. Идеално се согласува со свежи краставици и млад лук, што со додаток на немасно сирење претставува здрав оброк кој ги топи килограмите.
Пиперка: Богата со витамини и минерали, пиперката го забрзува метаболизмот и до 50 насто, бидејќи содржи и капсаицин (состојка која ја дава лутината). Треба да се консумираат често, како лути, така и „благи“, во свежа состојба, сушени, печени со лук, или како додаток на јадењата.
Пилешко: Пилешкото содржи малку масти а многу протеини, под услов да не се консумира кожата. Консумирањето умерена количина немасно месо го зголемува процентот на мускулна маса, го забрзува метаболизмот и ги топи масните наслаги.
Ѓумбир: Ѓумбирот содржи гингерол кој го подобрува метаболизмот и помага во согорување на мастите. Може да се користи како незасладен чај, но и како вариво, ако исечен на листови го динстате со зеленчук (тиквички, грашок, морков) и лук.
Зелен чај: Познато е дека зелениот чај го забрзува метаболизмот и помага во согорување на мастите, па треба да се консумира секојдневно, незасладен, меѓу оброци.
Во намирници кои ги топат масните наслаги спаѓаат и интегрални житни растенија, ленено семе, јаткасти плодови, разни зачини, како босилек, магдонос, мајчина душица, ким и цимет, јаболка, банани, боровинки, малинки, целер, морков, цвекло, карфиол, тиквички, кромид и лук, печурки, мешунки и др.