Фармацевти
Контакт

<< Назад

ИСХРАНА НА ДЕТЕ ОД ПРЕДУЧИЛИШНА ВОЗРАСТ

август 21, 2015

[vc_column width="1/1"]

Не користете ја храната како мито, награда или казна

д-р Радмила Косиќ
спец. педијатар

Гладта е наша насушна потреба, ниедно дете не гладува за инает на родителите покрај полн фрижидер; неволјите почнуваат кога детето не го јаде она што вие мислите дека треба, во време кога сте вие расположени да му дадете оброк и на начин кој вам ви е по волја

Во првата година од животот основна храна на вашето дете е мајчиното млеко или адаптирана млечна формула. Кога помеѓу 4 и 6 месец ќе се намалат калориите, ќе му воведете постепено различни видови намирници: овошје, зеленчук, житни растенија, јајце, месо...

По првиот роденден ќе биде подготвено да ги зема оброците заедно со другите членови на семејството. Во втората година значајно ќе се забави растењето во висина, а добивањето на тежина нема ни одблизу да биде така видливо. Доколку детето не било потешко болно нема потреба да го мерите повеќе од два пати годишно.

Детето кое проодало има безброј интересирања – мирното седење на столче „додека сè не се изеде“, никако не е едно од нив. Незаинтересираност за храната сè до одбивање на омилени намирници и мало зголемување на телесната маса после првиот роденден, им задаваат најмногу грижа на родителите. Секако, инсистирање на количина и видови храна кои очекувате да ги изеде во текот на денот ќе го исполнат вашето секојдневие со нервоза и грижа.

ШТО Е РАЗНОВИДНА ИСХРАНА ЗА ДЕТЕ ОД ПРЕДУЧИЛИШНА ВОЗРАСТ: Ниеден вид храна не е чудотворно добра сама по себе – нема намирница која му е апсолутно неопходна, сè што има во неа може да се внесе и со некоја друга. Ако внесува во текот на неделата разни видови храна во комбинација која треба да одговара и на вашите семејни навики и поднебјето, сигурно ќе внесе сè што му е потребно. На пр., доколку денес јадело јајце, утре месо, а задутре риба, тоа е идеален внес на протеини, но нема да му штети и да внесе протеини преку сирење и јогурт кои тие денови му биле подраги.

Ако не сака кајгана, не инсистирајте! Веројатно во сласт ќе изеде палачинка или пита, ете доволно јајце за тој ден. Меките ќофтиња во себе содржат и месо и јајце па ќе ги задоволат потребите и на оние кои немаат време долго да го џвакаат парчето говедско месо. Ако му понудите разни видови храна во текот на неколку дена бидете сигурни дека, без разлика колку од вашите специјалитети одбива да јаде, од комбинациите кои ги сака ќе добие доволно од сè што му е потребно во тој период.

ГРУПА НА НАМИРНИЦИ – ПИРАМИДА НА ДОБРА ИСХРАНА: Сите намирници можеме да ги поделиме на неколку групи.
ЈАГЛЕХИДРАТИТЕ се база на нашата исхрана, тие обезбедуваат поголем дел од нашите енергетски потреби. Најчесто мислиме на скроб и сахароза, но за децата се значајни и млечните шеќери – лактоза и целулоза кои го регулираат варењето. Јаглехидрати има во брашното, шеќерот, оризот, пченката, но и во овошјето и зеленчукот.

Децата од предучилишна возраст обично јадат доволна количина на леб и компир, тоа за нив е доволно брз начин да си обезбедат енергија за освојување простор со сопствените нозе. Ако на тоа додадете и некое благо немојте да се грижите „од каде му е толкава енергија кога толку малку јаде“. Проблем со внесување доволна количина јаглехидрати и не постои, почесто се среќаваме со прекумерен внес кој води во прекумерна ухранетост.

ОВОШЈЕТО И ЗЕЛЕНЧУКОТ важат за неизоставен извор на здравје, но се и најчеста причина за војна! Содржат витамини, минерали, овошни шеќери, ензими и растителни влакна кои се неопходни за раст и развој. Зеленчукот им се дава свеж или варен, најдобро на пареа. Ретки се децата кои одбиваат овошен сок или овошна салата, но потешко се наоѓа тригодишник кој е луд по спанаќ. Пронајдете во многуте видови нешто што сака, понудете му
сечкано овошје и зеленчук кои може да ги грицка за ужинка.

МЕСОТО, МЛЕКОТО, РИБАТА И ЈАЈЦАТА се драгоцен извор на белковини и калциум. Во нашата традиционална кујна се јадат доволно од овие намирници – сигурно ќе му се допадне некое јадење од месо. Сирењето и млечните производи се одлична замена за шницла (а и побрзо се џвакаат) и содржат големи количини калциум за раст на коските. На врвот на оваа пирамида се концентрирани шеќери и МАСТИ кои треба да се внесуваат во помали количини, но никако не смееме потполно да ги изоставиме зашто се неопходни за растворање на витамините. Обично децата ги добиваат доволно од сосема невидливи извори, како што се кекси или сладолед.

КАКО ДА ГИ ИЗБЕГНЕМЕ ПРОБЛЕМИТЕ СО ХРАНЕЊЕ: Размислете дали повеќе се грижите околу неговото однесување на маса отколку за самото јадење. Сте вложиле труд и пари со љубов да подготвите и сервирате здрав оброк, а ќе доживеете безредие кое го прави играјќи си со храната. После неколку залчиња ќе стане нестрпливо да се симне од столчето и да продолжи со игра – семејниот ручек ќе ја изгуби убавината на собирање. Кога ќе му кажете дека мора да изеде домат, се грижите ли за ви таминот Ц или за дисциплина на масата?
Витаминот Ц ќе го добие во доволна дневна доза и од лимонада за ужинка, а за тренирање на дисциплина изберете подобро место. Ако го силите да го изеде главното јадење, потсетете се дека ваша задача е да му обезбедите разновидна храна во доволна количина, а детето НАВИСТИНА само чувствува колку му е потребно.

Родителите кои за дисциплинирање на своите деца ќе го изберат времето на хранење обично за тоа плаќаат голема цена. Необично е како многу одговорни родители ќе се вплетат во орото хранење на сила, кое потоа со месеци го окупира семејниот живот. Прооденото дете, како секое друго, редовно, кога-тогаш, ќе огладне. Гладта е наша насушна потреба, ниедно дете не гладува за инает на родителите покрај полн фрижидер. Неволјите почнуваат кога детето не го јаде тоа што вие мислите дека треба, во време кога сте вие расположени да му дадете оброк и на начин кој вам ви е по волја. Наскоро ќе сфати дека тоа е место каде што секогаш може да го има вашето целосно внимание – ситуацијата е неодолива во време кога му созрева свест за сопствената моќ и независност...

ЗА КАВГА СЕ ПОТРЕБНИ ДВАЈЦА: Одлучно одбивајте да ја прифатите борбата околу храната. Вие сте попаметни и затоа сè ќе зависи од вас. Бидете потполно сигурни дека никогаш нема да се прекорувате себеси, сè додека му давате доволно храна. Можеби ќе ве охрабрат резултатите од истражувањата во кои пред деца од предучилишна возраст ставале разни видови храна со поттик сами да изберат вид и количина. Иако таквата исхрана изгледала потполно еднолично на дневно ниво, била многу изедначена на подолг рок. Можеби со денови ќе ужива во леб, а потоа ќе јаде овошје – верувајте дека тоа знае најдобро што му е потребно. Давајте му храна во облик кој го сака – нека со прстињата задоволно ја става храната во уста. Нека јаде по кој било ред и каква било комбинација – потсетете се дека и во скапи ресторани сте виделе некои за вас неподносливи комбинации на вкусови. Не користете ја храната како мито, награда или казна – во системот на неговите вредности тоа има појако оружје да ве награди или казни, така што нема да го изеде грижливо планираниот ручек.

Доколку и понатаму сте загрижени, проверувајте ја неговата тежина и крвна слика на три месеци. Ако и понатаму постојано напредува и има добри резултати немате причина за грижа. Направете еднонеделен дневник на внесена храна и ќе видите дека сигурно направило добар избор на намирници од секоја група. Доколку и понатаму сте загрижени одведете го на педијатар кој со потврдата за добро здравје ќе ве увери дека добро се развива. Потсетете се дека ние возрасните купуваме и подготвуваме храна која ја сакаме и дека себеси ретко се ставаме во ситуација да го направиме спротивното. Зошто тогаш нашите деца секојдневно се соочени со проблемот да го јадат она што за нив го одбрале другите?

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>