Фармацевти
Контакт

<< Назад

Исхрана после диета

август 23, 2016

Ана Николиќ

Храна варена на пареа или обарена, комбинирана со свежи овошје и зеленчук, поделена во 5 помали оброци, со консумирање незасладени чаеви, вода и природни сокови без шеќер, избегнување благо, нездрави грицки, пржени и печени намирници е клуч за трајно зачувување на линијата

Намалувањето килограми со некоја од популарните диети, како оние што се засноваат на консумирање лимони, банани, јаболка, јогурт, јајца или зелка, секогаш е меч со две острици, бидејќи изгубените килограми најчесто брзо се враќаат, што не само што е нездраво туку и погубно за самодовербата, бидејќи трудот и одрекувањата паѓаат во вода. Испробување друга диета донесува сличен, поразувачки резултат, па со причина се поставува прашањето каде грешиме и што треба да направиме за трајно да ја одржиме линијата.

Прво и основно правило за килограмите да не се вратат е да се променат животните навики, пред сè, во исхраната но и во секојдневниот живот да се воведе што повеќе активно движење и вежбање. Второто правило е повеќе од психолошка природа и се однесува на ставот кон сопственото тело и реален увид во тоа што е можно да се промени, а што не. Со диета во комбинација со вежбање можеме да добиеме рамен стомак, но не можеме од широки колкови кои ни ги дала мајката природа да направиме тесни.

Значи, кога ќе ја прифатиме својата градба, време е да се размисли за навиките во исхраната: дали јадеме во оброци или го прескокнуваме појадокот, грицкаме храна од нозе, дали јадеме брзо, па уште доцна навечер, масно, пржено, калорично? Ако одговорите се потврдни, тогаш прехранбените навики се причина за деблината, и тука временски ограничените диети не можат многу да помогнат. Држењето диета има смисла само ако е поттик за нареден чекор, промена на лошите навики во исхраната.

За почеток, регулирајте го режимот на исхрана! Не го прескокнувајте појадокот, јадете 5 пати на ден помали порции. Секојдневно комбинирајте сирова, обарена и варена храна. Консумирајте свежи овошје и зеленчук, намалете го внесот на јаглехидрати (леб, тестенини и сл.). Истражете кои намирници не се согласуваат, како, на пример, месо и компир. Не се прејадувајте и не дозволувајте храната да ви биде утеха.

Ако не можете без благо, не го јадете секој ден, туку одвреме-навреме, еднаш неделно, да се засладите, одредувајќи однапред некоја ограничена количина, на пример, три коцки чоколадо, а не цело. Заборавете ги калоричните преливи и сосови и наместо нив засилете во вкусот на намирниците со зачински билки. Исфрлете ги газираните и засладени пијалаци и уживајте во водата, билните чаеви и свежо цедените сокови од овошје и зеленчук. Не дозволувајте ненадејниот налет на глад да ве затекне неподготвени, токму кога поминувате покрај продавница со свежи пецива. Наместо кифла со путер, почестете се со банана и јогурт. Ако така постапите, нема да ви е потребна веќе никаква диета, а тежината со време ќе се сведе на вашата природна мерка.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>