Фармацевти
Контакт

<< Назад

Исхрана за подобар тен

април 3, 2017

Ана Николиќ

Пролетното време и престојот на воздух поволно влијаат на тенот, но можат да поттикнат и различни воспаленија на кожата, како мозолки, митесери и акни. За да го превенирате тоа или да ѝ помогнете на кожата да заздраве доколку е воспалена, треба да обрнете внимание на исхраната. Исто така, последиците од зимата може да бидат и сува и дехидрирана кожа, па со исхрана треба да ѝ се помогне да се ревитализира, да стане поеластична и поблескава.

Тоа како се храниме и тоа како влијае на нашиот тен. Несоодветни намирници може да го поттикнат воспалението, а добар избор на намирници може да го смират. Здравата исхрана не само што поволно влијае на изгледот на кожата, туку е и благотворна за целиот организам.

Рафинирани растителни масла и маргарин не се препорачуваат. Треба да се избегнува и подготвување манирници во исто масло повеќе пати, односно не треба да ви биде жал да фрлите искористено масло во кое, да речеме, веќе сте пржеле компирчиња. Корисни се нерафинирани и девствени масла, како маслиново масло или масла од маслодајна репка. Исто така, многу е подобро да јадете варена храна отколку пржена, без разлика дали термички сте ја обработиле со варење во вода или на пареа.

Благотворни се намирници богати со омега-3 масни киселини, па два до три пати неделно се препорачува риба на трпезата, по можност свежа или замрзната. Повеќекратно е корисно и рибино масло зашто е богато со омега-3 есенцијални масни киселини и витамини А, Д и Е.

Наместо слатки, колачи и торти, треба да се консумира свежо овошје, особено она кое е богато со антиоксиданти како зрнесто овошје. Свежо цедени сокови од овошје, на кои може да им додадете малку цимет, повеќекратно се корисни зашто им помагаат на работата на органите за варење, што, исто така, влијае на нашиот тен.

Зеленчукот е многу важен за добриот тен и во исхраната треба да биде секојдневно застапен. Зелен зеленчук, брокули, спанаќ, блитва, морков, грашок, цвекло, целер, трупка и друго може да се подготват како салати, варива, чорби и супи, но и од тие намирници да се подготват свежо цедени сокови.

Со црвеното месо не треба да се претерува, а од пилешко и мисиркино месо треба да се извади кожичката. Две до три јајца неделно се корисни, како и младо, несолено, бело сирење, јогурт и кисело млеко.

Храна богата со влакна, како интегрални житни растенија и овесни снегулки, исто така, се препорачува. Овесните снегулки со јогурт, на пример, богати се со пробиотици и пребиотици, како и со антиоксиданти, па се одличен избор за појадок или ужина, особено  ако ги збогатите со зрнесто овошје, банана или јаболко.

За здрав и убав тен неопходно е и внесување два до два и пол литри вода на ден во која можете да ставите неколку капки лимон, парче изрендан ѓумбир или свежо гранче нане.

Ваквиот избор на намирници на трпезата многу е корисен за убав тен. Дополнителна предност е што од одредени намирници можете да правите и хранливи маски за лице (банана, жолчка, кисело млеко, рендан морков и сл.).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>