Фармацевти
Контакт

<< Назад

Исхрана за подобар вид

мај 10, 2016

Ана Николиќ

За зачувување на здравјето на очите и одложување и запирање на некои дегенеративни промени до кои доаѓа со стареењето, битна е исхраната со намирници богати со антиоксиданти, витамини и минерали.

Таков е, на пример, морковот, бидејќи содржи бета-каротин, неопходна состојка за добар вид, а значајни се и кељот, брокулите, спанаќот и прокељот, богати со лутеин и зеаксантин, кои како и бета-каротинот припаѓаат на каротеноидите, кои го намалуваат ризикот од појава на катаракта и дегенерација на жолтата дамка.

Лутеин содржат и капините, како и витамини Б1, Б2, Б3, Б6, Ц, А, Е и К и минерали како калциум, железо, цинк, магнезиум, фосфор и калиум, па во сезона треба да се јадат што повеќе, како одгледувани како и диви. Лековитоста на зрнестото овошје, како малинки, боровинки и капини, како самоникнато така и култивирано, одамна е позната за јакнење на целиот организам. Од зрелите плодови на боровинката се прави и екстракт за јакнење на очниот вид, кој помага подобро да гледаме во темница, а антоцијантите од ова растение се корисни и за зачувување на цврстината на капиларите и штитат од катаракта и ноќно слепило. Важно е зрнестото овошје да се консумира свежо и да се избегнуваат преработки со додаден шеќер.

Бета-каротин содржат и праските, особено нектарините, па во топлите денови може да се прават и вкусни освежителни шејкови од разно овошје. Со витамин А и бета-каротин богати се и сливите, па во сезона треба да се консумираат во свежа состојба, а вон сезона сушени. На трпезата што почесто треба да има и лубеници и дињи, бидејќи се добар извор на зеаксантин, четвртиот важен каротеноид, кој заедно со бета-каротинот, ликопенот и лутеинот има исклучителни антиоксидативни својства, важни кај оштетувања и одумирања на жолтата дамка со која распознаваме облици и бои.

Исклучително квалитетна намирница за зачувување на здравјето на очите е доматот, богат со ликопен, лутеин и витамин Ц, силни борци за зачувување на видот. Треба да се има предвид дека во термички обработениот домат се зголемува искористливоста на ликопенот. Лукот и кромидот изобилуваат со сулфурни соединенија кои се благотворни за здравјето на леќите и превенција за глауком и катаракта.

Каротиноиди имаат и тиквиците, пченката и тиквите, па треба што почесто да бидат на трпезата. Сезоната на свежо овошје и зеленчук е добро да се искористи и за подготовка на овие намирници за студените денови, на пример, со замрзнување, бидејќи е познато дека со овој облик на конзервирање не ги губат драгоцените својства.

Од намирниците кои се штетни за видот, треба да се избегнуваат шеќер, транс-масти, рафинирани производи, индустриски грицки како чипс, кои може да се заменат со бадеми и ореви кои содржат витамин Е, корисен во превенција на катаракта.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>