Фармацевти
Контакт

<< Назад

Исхрана за здрави крвни садови

септември 1, 2017

Ана Николиќ

Кардиоваскуларните болести може да се превенираат со урамнотежена исхрана, која е богата со антиоксиданти, омега 3 масни киселини, магнезиум и други здрави нутриенти. Нутриционистите препорачуваат медитерански тип на исхрана, кој се базира на зеленчук, овошје, риба, немасно месо, житни растенија, маслиново и други нерафинирани масла и јаткасти плодови, бидејќи содржат мононезаситени и полинезаситени масти кои го помагаат одржувањето на здрави нивоа на маснотии во крвта.

Магнезиум: Недостигот од овој минерал го нарушува срцевиот ритам и го зголемува ризикот од покачен крвен притисок, па треба да се внесува преку исхрана и суплементи. Го има во зелениот зеленчук со лисја, ореви, бадеми, интегрален ориз, семки од сончоглед, хељда, смокви.

Омега 3 масни киселини: Познато е дека омега 3 масните киселини го превенираат формирањето на крвни згрутчувања кои може да го загрозат животот. Најдобар избор на омега 3 масни киселини е рибата (сардини, харинги, лосос, скуша, ослиќ). Идеално би било рибата да се консумира три пати неделно, а ако не, омега 3 масни киелини може да се земаат и во облик на суплементи. Рибиното масло содржи еикозапентаенолинска киселина (EPA) и докозахексаеноилинска киселина (DHA), кои дејствуваат антивоспалително и ги штитат артериите и срцето. Омега 3 масни киселини има и во семе од лен (да се сомеле веднаш пред употреба), ореви, нерафинирано соино масло и масло од канола.

Антиоксиданти: Треба да се вклучат во секој оброк, бидејќи постои директна врска помеѓу внесот на антиоксиданти и здравјето на крвните садови, затоа што ја спречуваат оксидацијата на масните материи во крвотокот и формирање згрутчувања и ја подобруваат нормалната циркулација на крвта. Намирници богати со антиоксиданти се зеленчук и овошје со јаки бои, како што се брокули, цвекло, зелка, морков, домат, блитва, магдонос, пиперки, боровинки, капини, јаболка, сливи и др. Добар извор на антиоксиданти се и црното чоколадо (висок процент на какао, од 75 насто па повеќе), интегрални житни растенија, зелен чај. Идеално е два оброка во текот на денот да содржат и вариво од минимум три вида зеленчук, со различни бои (црвена, жолта, зелена).

Зачини: Не само што го подобруваат вкусот на храната, туку се и многу важни за крвните садови. Лукот е вистински „чистач“ на крвните садови, па се препорачува да се внесува што почесто. Многу е корисен и ѓумбирот, кој се користи како зачин, но  и како чај и додаток на свежи сокови од зеленчук и овошје. Се смета дека поволно влијае на разредување на крвта.

Суплементи: Кога не сме во можност секојдневно да внимаваме на исхраната, суплементите се добар избор за да ги надоместиме важните состојки кои ни се неопходни за здрави крвни садови. При изборот на суплементи добро е да се обрати внимание на витаминот Е и витамините од Б-комплекс, растителните стероли, екстракт од лук, омега 3 масни киселини, коензим  Q10 и фолна киселина. Консултирајте се со фармацевт во аптека кој препарат содржи најмногу од овие состојки и што е најдобро да се избере.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>