Фармацевти
Контакт

<< Назад

ИСИПУВАЊЕ ПО КОЖАТА

јуни 1, 2018

Причина за вознемиреност или безопасна појава?

 

Појавата на какви било промени на кожата ги носи вознемирените родители во педијатриската ординација. Како да се открие дали тоа навистина е потребно?

 

Автор д-р Радмила Косиќ

педијатар

 

Во текот на бременоста детето престојува во совршени услови, мајчиното тело го грее и го штити од надворешни влијанија. Кожата е негов најголем орган, созрева заедно со него. Нероденото дете плива во амнионската течност, заштитено е од неа со слој на маснотија, кој заедно со влакненцата го покрива целото тело. Се развиваат потни и лојни жлезди, како и нервни завршетоци кои го известуваат за температурата, допирот, болката. По раѓањето кожата е тенка, розеникава, со сложена структура која се навикнува на предизвиците на надворешната средина.

 

Промените на кожата кај децата се чести, но главно безопасни и имаат добра прогноза. Ретко кога е потребен неодложен преглед кај лекар. Прво побарајте совет со детален опис на појавите кои сте ги забележале. Загадувањето на воздухот и храната, многу средства за хигиена, претерано бањање и нанесување средства ја нарушуваат заштитата која здравата кожа ја обезбедува.

 

МИЛИАРИЈА (топлотно исипување) претставува појава на ситни, точкести промени по кожата на лицето и вратот, може да се јави на кое било место на телото. Обично се појавува околу првиот месец од животот на бебето – нашите баби зборувале дека се работи за чистење на телото. Последица се на зголемени температури и влажност на воздухот, се засилуваат на образот на кој детето спие, црвенилото се намалува кога кожата се суши и разладува, најтешко поминуваат таму каде се свиваат рацете и нозете, каде е влажно и топло. Некогаш имаат и бел врв, па се мисли дека станува збор за гној и бактериска инфекција. Поминуваат спонтано, педијатрите советуваат почесто миење и разладување.

 

КОПРИВНА ТРЕСКА се манифестира како исипување во вид на црвени и испакнати делови со посветол средишен дел. Интензивно чеша, може да се појави на кој било дел од телото, и да се поместува во текот на неколку дена. Причина обично е алергија на храна (јајца, риба, јаткасти плодови, млеко), или на козметика (крем, купка, детергент, омекнувач). И покрај верувањето, ретко е опасна по живот. Родителите треба да дадат лек од групата антихистаминици, да воведат диететска исхрана без намирници што провоцираат. Хроничните облици се ретки и бараат преглед од алерголог.

 

БОЛЕСТ НА ДЛАНКИТЕ, УСТАТА И СТАПАЛАТА е вирусно заболување кое го добило називот по типичната локализација на исипувањето. Се јавува во мали семејни или колективни епидемии. Почнува со покачена температура, намален апетит, болка во грлото. Во текот на првите денови ќе се појави исипување околу устата и во усната празнина, на дланките и стапалата, поретко на лактите и колената. Исипувањето личи на меури кои пукаат и оставаат ранички. Детето одбива храна, па треба да му се даваат многу течности во превенција на дехидратација. По неколку дена раничките спонтано ќе зараснат, се случува да дојде до лупење на кожата на дланките и стапалата (како после шарлах). Типичниот изглед, локализацијата на исипувањето и епидемискиот карактер го олеснуваат поставувањето на дијагноза. Болеста има добра прогноза.

 

ROZEOLA INFANTUM (Exanthema subitum) е вирусно заболување кое се јавува обично во првите две години од животот. Почнува со висока температура без знаци на инфекција на горните дишни патишта (нема течење од нос, кивање, кашлање). Високата температура нагло престанува, се појавува ситно црвено исипување во ниво на кожата. Почнува по лицето и вратот, се спушта на трупот, на места се слева во поголеми површини. Исипувањето не чеша, детето е добро расположено. Болеста може да се јави и неколку пати во детството. Кај овој случај многу е важно тоа што се јавува после пад на температура и детето е во добра општа состојба. Се смета дека ова е „виновник“ за погрешна дијагноза алергија на антибиотик, кој обично се препорачува поради висока температура која трае неколку дена.

 

ПЕТЕХИИ се промени со црвена, кафена или виолетова боја. Настануваат поради поткожно крвавење, а кога ќе се појават во групи, аборуваме за петенхијално исипување. Рамни се на допир, не ја губат бојата при притисок со прст. Може да се јават на слузокожата на усната празнина и капаците. Поголеми петехии ги нарекуваме пурпур. Може да се јават после интензивно напрегање, плачење или повраќање, во помал број околу очните капаци или на вратот. Лековите кои влијаат на процесот на згрутчување на крвта (ибупрофен, аспирин...), вируси и бактерии влијаат на бројот и активноста на тромбоцитите, но и на состојбата на ѕидот на крвните садови. Доколку забележите кај дете појава на петехии во кој било број, на кое било место, однесете го на лекар кој ќе ја процени причината за нивното појавување. Доколку се појават во тек на болест која е проследена со покачена температура, потребно е итно да го прегледа лекар – ова може да биде знак за опасно ширење на инфекцијата со попуштање на одбранбениот имунолошки систем.

 

Појава на црвенило, исипување, рапавост

Детските болести со исипување предизвикуваат карактеристични промени по телото. По изгледот на исипувањето, дистрибуцијата по телото, крвната слика и останатиот клинички наод, педијатарот заклучува за која треска со исипување се работи. Шарлах, варичела, рубеола и мали сипаници се разликуваат по карактеристичното исипување – дијагнозата препуштете му ја на стручњак со документ за примени вакцини.

Чести се безопасните исипувања (каснувања од инсекти, модринки на типични места за повредување во таа возраст, кожа изгорена од сонце). Исипувањето кое побледува на притисок со прст секогаш е помалку опасно од она кое на притисок не се менува. Дете со висока температура кај кое ќе се јави исипување треба секогаш да се однесе на лекар. Појава на голем број модрици без претходно повредување треба да му се каже на лекарот.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>