Фармацевти
Контакт

<< Назад

Итни состојби кај децата

септември 1, 2017

Неодложна помош во домашни условид-р Радмила Косиќ
педијатар

Колку состојбата на детето е посериозна, толку и значењето на првата помош во домашни услови е поголемо, посебно во околности кога брзото дејствување го спасува животот на детето. Родителите треба превентивно да ги совладаат техниките на прва помош, но и да го организираат просторот во кој детето престојува на тој начин да биде максимално заштитено од повредувања

Развојот на модерната медицина, техниката и сообраќајот овозможи многу подобри услови за лекување на тешко болните или повредени деца. За жал, чести се ситуациите кога здравствената состојба на детето изискува неодложна помош, а се случуваат далеку од единиците на брза помош, па дури и од лекар од примарна заштита. Се подразбира дека сложената дијагностика и лекувањето треба да се препуштат на стручњаците, меѓутоа има околности во кои брзото дејствување ќе го спаси животот на вашето или на туѓо дете. Ако некогаш се најдете во ваква ситуација, имајте на ум дека нема да имате време да ги читате прирачниците за техниките за прва помош, па затоа потрудете се многу работи да научите на време и да се надевате дека таквото знаење никогаш нема да ви биде потребно.

Причините кои може да доведат до сериозно загрозување на здравјето и животот на детето може да бидат последица на болест или повреди. За среќа, болестите се многу поретка причина, родителите знаат да го препознаат влошувањето на хроничните болести или состојби (астма, алергија на каснување од инсект, ларингитис и др.). За жал, повредите со тешки последици кај децата се почести отколку кај возрасните, се случуваат речиси секогаш поради недоволно внимание кое мора да им го дадат останатите членови на семејството. Повредите се во блиска врска со степенот на психомоторен развој, па поради тоа превенцијата треба секогаш  да биде на прво место во организација на просторот во кој детето престојува и во начинот на однесување кон него.

ВИСОКАТА ТЕМПЕРАТУРА секогаш предизвикува паника кај родителите. Некои деца одеднаш ќе добијат грчеви во екстремитетите, вкочанет поглед, нема да одговараат на дразби од надворешната средина. Овие краткотрајни напади се викаат фебрилни конвулзии или фрас. Склоноста кон конвулзии е наследна и тие се случуваат обично до петтата година. Иако состојбата изгледа драматично, нападот поминува спонтано и не остава последици по здравјето. Ставете го детето на страна, не се обидувајте со сила да му ја отворите устата, обезбедете го просторот така што нема да ја удри главата или да се изгори. Додека нападот трае (од неколку секунди до неколку минути), нема да стигнете на лекар. Кога нападот ќе помине, измерете ја температурата, дајте му парацетамол или ибупрофен сируп во соодветна доза и побарајте лекарска помош.

ИЗГОРЕНИЦИТЕ кај децата се чести, а она што можете да го направите е да го ладите изгореното место со вода од чешма десетина минути. Прекријте ја кожата со неколку слоеви газа која може да биде сува или натопена со физиолошки раствор. Дајте му на детето една доза сируп против болки и покачена температура. Не го премачкувајте изгореното место со никакви масти, не ги фаќајте плускавците. Секоја поголема изгореница, а посебно оние кои го зафатиле лицето треба да ги види лекар во што пократко време.

УДАРОТ ОД СТРУЈА може да предизвика изгореници, но и застој на срцето. Имајте на ум дека детето се наоѓа во струјно коло и дека не можете да му помогнете додека не го исклучите доводот на струја или со некој сув неспроводник (дрвена дршка од метла, ногарки од стол и слично) не го одвоите од него. Задолжително проверете ја состојбата на свеста, пулсот и ритамот на дишење, проверете ја состојбата на изгорениците на кожата и побарајте стручна помош. Важно е да знаете дека дури и краткотраен контакт со струја може да предизвика сериозни последици. Некогаш местото на контакт со струја изгледа безначајно, но во наредните неколку часови изгореницата знае да добие застрашувачки размери.

КРВАВЕЊАТА може да бидат артериски или венски. Артериското крвавење е последица на длабока повреда, крвта истекува брзо, во млаз и во ритам на срцевата работа, додека венските крвавења се површински со помала загуба на крв. Не ги вадете предметите од раната, не ја испирајте и не ставајте ништо на местото на повреда. Притиснете директно на раната чиста ткаенина или своите прсти и побарајте помош додека не пронајдете компресивен или обичен завој. За длабоки рани ќе биде неопходен преглед од хирург.

ТРУЕЊАТА може да настапат со вдишување или со голтање отровни материи. Предизвикување повраќање не се препорачува, многу е поважно да знаете кој е предизвикувач на труењето за во здравствена установа да се даде помош. Распрашајте се за телефонскиот број на Националниот центар за контрола на труења, дежурниот лекар секогаш можете да го прашате која би била првата помош во случај на материи кои детето ненамерно ги внело.

ТУЃО ТЕЛО ВО ДИШНИТЕ ПАТИШТА ќе предизвика драматична слика на гушење. Помало дете треба да се постави преку колената со главата надолу, да се удри отсечно пет пати помеѓу лопатките со коренот на шаката. Поголемо дете може да стои свиткано кон напред и треба да се бодри силно да кашла и да се применат истите силни удари помеѓу лопатките. Постојат разни други тактики кои се опишуваат во прирачниците за прва помош, усвојте една која ќе биде доволна за помош во овие прилично чести итни случаи во детска возраст.

АЛЕРГИСКИТЕ РЕАКЦИИ на лек или на каснување од инсекти ретко се смртоносни. Доколку детето по земање на некоја храна или лек почне да отекува во лицето или му се појави исип од тип на уртикарија, постои сомнеж дека е во прашање алергиска реакција. Дајте му вообичаена доза на антихистаминици, извадете го осилото од кожата, ставете ладна облога на местото на каснување.  Не го спречувајте повраќањето, тоа е пожелен начин предизвикувачот на алергијата да се исфрли од телото. Организирајте транспорт до лекар или побарајте итна помош.

Неможно е да се опишат сите случаи со кои можете да се соочите во својата најблиска околина. Би било добро сите да ги совладаме основните техники на оживување во вонболнички услови, само така ќе ја победиме паниката која ќе нè надвладее кога ќе видиме тешко болно или повредено дете. Пред вознемирени да потрчате до лекар, размислете дали некако можете да помогнете во тие први моменти  –  колку состојбата на детето е посериозна, толку и значењето на првата помош во домашни услови е поголемо.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>