Многу често се наоѓаме пред предизвикот и прашањето колку долго да се изложиме на сончевите зраци, при тоа да имаме корист од нивното дејство, а да ги избегнеме несаканите ефекти по нашето здравје.
Билјана Божиновска
м-р по фармација
ПЗУ АПТЕКА ДНА АННИ ФАРМ, Скопје
Сè повеќе се среќаваме со пациенти кои имаат проблем со недостиг на витамин Д. Знаеме за неговото позитивно дејство на нашето здравје (заштита и превенција од рахитис и остеопороза, здрави заби, јак имунолошки систем). Повеќе од 20-минутна активна изложеност на сончеви зраци го зголемува негативниот ефект со ризик за оштетување на кожата, а при тоа не се зголемува нивото на витамин Д во вашето тело.
Употреба на додатоци во исхраната
Пред да се изложиме на долготрајното дејство на сончевите зраци, треба да го подготвиме организмот со внес на одредени додатоци во исхраната. Тоа се витамини најчесто од групата на антиоксиданти (бета-каротин, ликопен, лутеин, зеаксантин, витамин Ц, ниацин) и минералите (селен, цинк, бакар).
Луѓето кои имаат проблем со алергиски реакции на сонце најмалку 10-15 дена пред долготрајно изложување на сонце треба да земат антихистаминик и калциум со витамин Ц, за да ги намалат можните алергиски реакции. Сè почесто има алергии и на средствата за сончање со висок заштитен фактор. Затоа мора да се направи избор на средство за сончање кое создава физичка (површинска) заштита и е хипоалергено.
Употреба на средства со заштитен фактор
Денес има огромна понуда и избор на средства со различен заштитен фактор. Кое средство со УВА+УВБ заштита и кој заштитен фактор се потребни за нашата кожа? Средството за сончање мора да се нанесува најмалку 15 мин. пред изложување на сонце и на секои два часа повторно да се нанесе за оптимална заштита. Тоа треба да нуди широк спектар на заштита од УВА И УВБ-зраци, да е со најмалку SPF 30 и да е водоотпорно.
Доколку се придржувате до наведените препораки, ќе ја заштитите вашата кожа од изгореници, прерано стареење и рак на кожата.
За крај, ни останува само да препорачаме да ги земете предвид сите претходно наведени факти и совети за заштита и да уживате во летото.
ШТО ТРЕБА ДА СОДРЖИ ВАШАТА ПАТНА АПТЕКА
Одморот на море има непроценливо значење за здравјето на сите членови на семејството, но во исто време е погоден за многу инфекции.
Даниела Јовановска Јорданов
дипл. фармацевт
ПЗУ АПТЕКА ДА-ЈАНА ФАРМ, Скопје
Во повеќето туристички центри постојат аптеки, но, сепак, може да се случи да го нема лекот кој може да ви биде потребен. Затоа е најдобро со себе да ја понесете терапијата за хронични болести, но нема да биде на одмет да понесете и мала патна аптека со лекови кои може да ви затребаат.
Што треба да понесете на патување?
- Ако за време на патувањето сте склони кон мачнина или повраќање, половина час пред патување испијте таблети против мачнина.
- Лекови за намалување на температурата – таблети на база на парацетамол или ибупрофен за возрасни и сируп или чепчиња за деца.
- Лекови против алергија – алергиите не се ретки во лето. Затоа при рака треба да имате антихистамински таблети или сируп, како и маст против алергии и каснувања од инсекти.
- Пробиотик или друго средство против дијареја, како и средство за рехидратација и надополнување на електролити изгубени при пролив и повраќање.
- Понесете со вас и медицински јаглен кој ќе ви помогне во случај на труење со храна.
- Препарат за заштита од сонце со заштитен фактор +50 или +30, крем за хидратација на кожата, како и крем во случај до дојде до изгореници.
- Во случај да дојде до повреда или рана, добро е да имате завој, стерилна газа, фластер, ханзаплас, алкохол и 3 % хидроген за првично дезинфицирање на рана, антибактериски спреј или маст.
- Понесете и хартиени и влажни марамчиња, пинцета, ножички и топломер.
Кога ќе стигнете, лековите би требало да ги чувате на темно и ладно место, што подалеку од сонце. За сите дополнителни информации консултирајте се со Вашиот BETTY фармацевт. Среќен пат и пријатен престој на избраната дестинација.