Фармацевти
Контакт

<< Назад

Јаболкобер

август 23, 2016

Ивана Коцевска

Во чест на јаболкото, за многумина кралица на овошјето, во втората половина на септември во најголемиот град во Преспа, Ресен, се одржува манифестација наречена Преспански јаболкобер. Посетете ја и уживајте во изобилството од јаболка  во разни бои и големини и во разни специјалитети подготвени од јаболка

Јаболкото е симбол на првиот грев, на знаењето и на бесмртноста, плод на спознанието и слободата. Се сеќаваме на бајките кои сме ги читале како деца во кои се раскажува дека оној што јаде јаболко никогаш нема да биде гладен и жеден, ниту ќе чувстува болка, ниту ќе биде болен. Јаболкото ја одржува младоста и е симбол на постојано обновување. Англичаните, пак, велат дека едно јаболко на ден го држи докторот подалеку од вас. Од времето на стариот Рим постои поговорката од јајце до јаболко, што значело дека јадењето почнува со јајце а завршува со јаболко. Старите луѓе велат дека ден поминат без барем едно изедено јаболко е изгубен ден.

Јаболкото е навистина делотворно и многу корисно овошје. Се смета дека сите кои редовно јадат јаболко имаат долг живот, здраво тело, а, пред сè, здрави бели дробови. Јаболкото не треба да се чува близу друго овошје или зеленчук ако не сакате пребрзо да созрее, затоа што испушта етилен, кој го забрзува процесот на  зреење. Компирот ’рти кога се наоѓа во негова близина, а цвеќето венее ако се наоѓа во близина на чинија полна со јаболка.

Според Библијата, Адам и Ева биле голи во рајoт, можеле да јадат од секое дрво, забрането им било само јаболкото. Змијата ја натерала Ева да касне, таа му дала на Адама, им се отвориле очите, виделе дека се голи и почнале да го распознаваат доброто и лошото. Господ им ја укинал бесмртноста, ги облекол во кожа и ги избркал од рајската градина, така што денес ниеден жив човек ниту влегол ниту излегол од рајот, ниту го нашол дрвото на вечниот живот.

Во македонските преданија за јаболкото најпознато е она за Златоврв кај Прилеп, каде во 13 век калуѓерите од манастирот Трескавец на височина од 1425 метри поставиле златно јаболко на висок крст. Златното јаболко го украле Турците и го однеле во Стамбол. Златното јаболко на Златоврв над Трескавец е своевиден громобран, заштитник од молњи и природни непогоди.

Јаболкото е при врвот на скалата на најраспространети овошја во светот. Денес постојат околу 10 000 сорти јаболка. И нешто што малкумина го знаат, јаболкницата припаѓа на фамилијата рози, што дава уште поромантична симболика.

Ресенско јаболко
Во нашата земја постојат идеални услови за одгледување разни сорти на јаболка, а подрачјето на јужна Македонија отсекогаш било препознатливо по квалитетното јаболко. Според површината засадена со јаболков насад по глава на жител, Преспа не само што е најголема во Р. Македонија, туку и на целиот Балкан. Опколена од планините Бигла, од запад Галичица, Сува Гора и од исток од Баба, Преспа има климатска моќ и воздух кој ќе ве нахрани со здравје. Преспанската котлина заедно со Преспанското Езеро се наоѓаат на 850 метри надморска височина и создаваат одлични услови за одгледување јаболка.

Преспа е крај во кој со години наназад се одгледуваат јаболка. Низ годините, јаболкото стана симбол на целиот регион. Најмногу јаболка се одгледуваат во Царев Двор и Јанковец. Како што и самото име на Царев Двор кажува, тоа во минатото било царско место на цар Самоил. Денес во него царува нејзиното височесто јаболката. Сорта која најмногу се одгледува е ајдарет, по која Преспа се препознава во светот. Следуваат златен и црвен делишес, зелено муцо, јонаголд, чадел.

Во процесот на одгледување на јаболката се вклучени цели семејства. Да се одгледа квалитетно јаболко, значи да си предаден на овоштарниците, да работиш за да се роди квалитетен плод. А за да се оствари тоа, работата започнува во зимските месеци, во декември и јануари. Март е месецот кога се кројат овошките. Овој процес трае 40 работни дена, а потоа се собираат гранките. Таа работа денес е олеснета, бидејќи гранките се дробат со мулчер, а со гребла се чистат стеблата од оно што паднало под нив. Оваа работа трае уште 10 дена и се одвива по цел ден.

Во текот на летото нема многу работа во овоштарниците. Почнувајќи од средината на јуни па сè до почеток на берба во крај на септември, најчесто во утринските часови овошките се наводнуваат. Три до четири пати е потребно е мулчирање на тревата во редовите.

Бербата започнува на 28 септември, на празникот Крстовден, и крајот ќе биде на почетокот на ноември, на празникот Митровден. Значи, време за одмор кога се одгледуваат овие овошки, речиси и не постои.

А во септември, цела Преспа мириса на јаболка. Во овоштарниците врие како во кошница, за да се собере навреме богатиот род, и да се ослободат гранките од тешкиот товар. Берачи качени на скали со торби префрлени преку рамо или на врат, тоа е секојдневна глетка во Преспа. Се берат и по 20 килограми одеднаш во торбите. А кога торбата ќе биде полна, потребни се двајца луѓе за да ја симнат. Работа има за сите. Потоа јаболката се складираат во магацини каде се чуваат сè додека не се обезбеди нивна продажба, зависно од побарувачката.

Манифестација Преспански јаболкобер
Јаболкото е нешто по што Преспанскиот регион е препознатлив во светски рамки. Во таа чест, во Ресен се одржува и манифестацијата „Преспански јаболкобер“, која се однесува на свечениот чин на симболично откинување на првото јаболко, односно почетокот на сезоната на берба. Со откинување на првото јаболко на верскиот празник Крстовден, гајбите и официјално може да се полнат.

Оваа манифестација се одржува во втората половина на септември и вклучува голем број на различни активности и тоа спортски натпревари, уметнички изложби, музички настапи на познати естрадни уметници, литературни читања и други културно-забавни активности. Со еден збор има активности кои може да го привлечат вниманието на секој посетител. Овој фестивал има за цел промоција на регионот, промоција на преспанското јаболко, како и развивање на агротуризмот кој тука има широки основи за развој.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>