Неопходен на нашето телоДушан Гољиќ
м-р по фармација
Модерната медицина нуди суплементи како помош на лековите во терапијата. Без разлика дали се од минерално или од органско потекло, користа од суплементацијата е неспорна. Диететските суплементи се додаток во исхраната или помошни лековити средства и никако не би требало да се сметаат за замена за избалансирана исхрана. Меѓутоа, многу е важно да се држиме до упатството за препорачано дозирање, зашто секое прекумерно или, пак, недоволно внесување може да има последици.
Што е јод и како треба да се зема?
Јодот е минерал кој се наоѓа во природата во траги. Во нашиот организам го користи штитната жлезда (тиреоидеа) заради продукција на тироксин. Тоа е хормон кој регулира низа метаболични реакции. Продукција на енергија, телесна температура, дишење, ритам на срцето, тонус на мускулите и метаболизам во ткивата се само некои од витални функции под контрола на тироксинот.
Јодот му е неопходен на нашето тело, но тоа не може да го произведе, туку го внесува преку храната. Природните суровини инаку имаат малку јод во себе. Некои намирници се наменски збогатени со јод за да ни обезбедат соодветен дневен внес, како што е случај со готварската јодирана сол. Меѓутоа, јодираната сол овие својства ги задржува до истекот на рокот на траење, па се препорачува до тогаш да се користи зашто потоа губи голема концентрација од јод. Дополнително, јодот се наоѓа во морските плодови, алгите, оревите, потоа во зрното од соја, гравот, лукот, спанаќот и во мали количини во млекото. Со консумирање неделна порција морска риба можеме значајно да го зголемиме внесот на овој минерал.
Дефицит од јод
Поради намален внес на јод штитната жлезда работи посилно, што може да доведе до нејзина хипертрофија (зголемување), кое уште се нарекува и гушавост (хипертиреоидизам). Дефицитот од јод неповолно влијае на репродуктивноста кај жената, а се зголемува и ризик од развивање автоимуни болести на штитната жлезда. Ниско ниво на јод во бременоста може да доведе до зголемен крвен притисок кај трудниците. Со оглед на тоа дека јодот има улога во развојот на нервниот систем на бебето, поради недостиг кај мајката може да дојде до ментална ретардација на новороденчето.
Земање суплементи со јод е препорачливо, зашто модерната исхрана не може секогаш да обезбеди доволна количина. Се препорачува нивна употреба како првенција кај гушавост, како и на лица со зголемени параметри на функцијата на штитната жлезда. Исто така, јодот може да биде состојка на мултивитамински препарати наменети за заздравување на нервниот систем, регенерација на репродуктивните функции кај жената и корекција на метаболизмот на кожата. Во консултација со лекар или фармацевт овие препарати треба да се земаат три месеци во континуитет, а потоа повторно да се консултираме за евентуално продолжување на терапијата.
Дневен внес на јод
Употребата на препарати на база на јод е безбедна за децата, возрасните, како и за трудниците и доилките сè додека дозите одговараат на препорачаниот дневен внес кој го дефинирала Светската здравствена организација. За дозите можете да се консултирате со вашиот лекар или фармацевт, кој ќе ве посоветува за тоа кои се соодветни за конкретна состојба и возраст. Суплементација со јод не е проследена со потешки несакани дејства, но, сепак, може да се јават мачнина и болка во стомакот, чувствителност на забите и непцата, чувство на метален вкус во устата и дијареја.