Фармацевти
Контакт

<< Назад

Рагби

март 1, 2018

Комбинација од брзина и силаМирко Миловановиќ

Светскиот куп во рагби е трет по гледаност спортски настан во светот, после ОИ и СП во фудбал. Иако за многумина овој спорт е како гладијаторска борба, го играат и жени. Кон крајот на 2017 година за нов извршен директор на австралиската Рагби унија е поставена Релин Кастл, прва жена која се нашла на така висока функција во светот на рагбито

Колкава е популарноста на рагбито можеби најдобро илустрира постоењето на необична рагби капела, Нотр Дам де Рагби, на брдото над француското село Леравије, во долината на реката Адор. На територијата на Гаскоња, во делот на Франција кој обожавателите на рагби го нарекуваат „земја на долгњавеста топка“, се вгнезди овој едноставен храм од жолт камен со витражи на тема рагби игра, кој свештеникот Мишел Девер во 1967 година го посветил на својот омилен спорт. На полиците во внатрешноста на капелата се изложуваат рагби дресови на играчи од целиот свет, како и пораки „се молиме за подобри резултати оваа година“ и „нашиот благороден спорт ќе продолжи да ги спојува луѓето на овалната планета“. Покрај олтарот се наоѓа и отпечатена рагби-молитва, во која се спомнуваат „победа“, како и „храброст, полет и тимски дух“.

Јајцевидна топка

Фановите на рагби најмногу ги нервира кога овој спорт ќе се побрка со американскот фудбал. Тие истакнуваат дека сличноста е само во јајцевидната топка и соборување на противничките играчи на земја, а дека сè останато е различно. Рагби тимот има 15 играчи и поголема топка, а во американскиот фудбал се 11 и играат со помала топка. Во американскиот фудбал е дозволено додавање на топката и кон напред, додека во рагбито тоа е забрането.

Историчарите на рагби (анг. rugby) велат дека американскиот фудбал, како и канадскиот и австралискиот, всушност се развиле од овој спорт и дека се сродни со рагбито. Ниту околу обликот на топката нема многу тајни – таа го задржала јајцевидниот облик уште од времето кога топките се правеле од свински мочен меур и се полнеле со воздух. Први ги правеле Бернардо Солано и Ричард Линдон за рагби училиштето во Ворикшир, и тоа така што свинскиот мочен меур рачно го опшивале со кожа, па сите топки биле различни. Од 1870 година, Линдон почнува да користи гума со сфероиден облик и овој облик во 1892 година станува стандард според правилата на Англиската рагби асоцијација. Најчесто се користи топка со должина од 11 инчи, чиј обем е 24 инчи, а тежината 13,5 унци, а најпознат произведувач е Стиден (Steeden).

Гратчето Рагби

Формалниот почеток за рагбито се поврзува со гратчето Рагби во грофовијата Ворвик во Англија и 1823 година, кога студент од тамошниот колеџ Вилијам Веб Елис, за време на спортските активности, ја зграпчил топката во раце и побрзал накај противничката линија. Тоа бил потполно нов елемент на игра – да се носи топката во раце, а поентирање да се остварува со спуштање на терен во означен простор. Необичниот потег на Вилијам Веб Елис не ги збунил другите играчи. Напротив, тие веднаш се обиделе да го соборат на земја. Новината ја прифатиле и играчите и публиката, а и управата на колеџот. Сето останато е историја во која е влезено дека првото здружение на рагби клубови (Rugby Football Union) е основано во 1871 година во Лондон во ресторанот Pall Mall. Истата година во Единбург е одржан и првиот меѓународен натпревар во кој се натпреварувале тимовите на Шкотска и Англија, а во 1871 година натпреварот помеѓу Оксфорд и Кембриџ.

Рагби унија

Социјалните разлики во Англија кон крајот на 19 век биле големи, потресувајќи го и овој спорт, затоа што меѓу основачите и љубителите во почетокот доминирале образовани аристократи и богати индустријалци кои заговарале теза дека рагби треба да биде аматерски спорт. На нив жестоко им се спротивставувале, пред сè, играчи од сиромашни, работнички слоеви, кои сметале дека рагби треба да биде професионален и платен спорт. Меѓу играчите имало и многу рудари, кои работеле и во сабота, кога се играле натпреварите. Доколку работникот игра натпревар и не оди на работа, според аматерските правила тој не може да добие надомест за дневница за одигран натпревар. Овој проблем е решен така што е основана Рагби лига (Rugby Leage), која ја сочинувале клубови подготвени на работниците-играчи да им ја надоместат дневната заработка, додека во Рагби унијата и понатаму се држеле до принципот на аматеризам, т.е. неплаќање. За да се разликуваат овие две организации и по други прашања, Рагби лигата го намалила бројот на играчи од 15 на 13. Требало да поминат повеќе од 120 години за Светската рагби федерација да ја ослободи оваа игра од ограничувања кои ги наметнал аматеризмот.

Правила на игра

Рагби унија (или рагби 15, според бројот на играчи) се игра во 117 држави во светот, а во 19 европски е професионален спорт. Постои и варијанта со 7 играчи, која минатата година е ставена во програмата на Летните олимписки игри во Рио де Жанеиро.

Натпреварот трае час и дваесет минути и се состои од две полувремиња, со можни продолжувања, доколку дојде до повреда на играч. Се игра на терен кој не смее да биде подолг од 100 метри, а ни поширок од 70. Се контролира судијата со двајца помошници, како и т.н. „видеосудија“ кој текот на играта го следи во живо, преку ТВ-пренос. Цел на играта е да се постигнат што повеќе бодови, кои се добиваат кога топката ќе се пренесе во противничкиот гол-простор. Стандардни термини кои се користат се „дроп гол“ (удар со нога со отскочна топка), „пенал“ (удар кога противничкиот тим ќе направи прекршок), „претворање“ (успешно вметнување на топката во гол-просторот).

Интересно е дека во рагбито топката секогаш „патува“ наназад, затоа што правилата налагаат дека во напредувањето кон противничкиот гол никогаш не смее да се фрли со рака напред туку само назад. Во тим од 15 играчи, рагбистите се делат на напаѓачи и бекови. Напаѓачите обично се потешки и појаки од играчите на линија (бекови), кои се побрзи. Најбрзите играчи на терен се викаат „крила“. Во текот на играта, рагбистите кои имаат топка се движат кон голот на противникот, додека противничкиот тим се обидува да фрли на земја играч кој има топка.

Борбата за топка умее да биде прилично брутална, а ни повредите, скршениците и истегнувањата не се ретки. Затоа произведувачот на Салта пиво ветил дека на сите рагбисти кои си ги изгубиле забите на натпреварите ќе им даде бесплатни импланти. А Франк Гифорд, ѕвезда на американскиот фудбал и познат спортски коментатор вели: „Професионалното рагби е како нуклеарна војна. Во него нема победник – само тие што преживеале“.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>