Фармацевти
Контакт

<< Назад

Пикадо

февруари 1, 2018

Игра на концентрацијаМирко Миловановиќ

 

Минувајќи необичен пат од панаѓурска и кафеанска игра до олимписки спорт, пикадото и понатаму е игра на самоуки, во која не се пресудни годините, полот, возраста и телесната градба на играчот, туку прецизноста и способноста за концентрација

Колку пикадото е стара игра никој точно не знае, но се знае дека аристократката Ана Болен, втора жена на англискиот крал Хенри VIII Тјудор, школувана во Франција и позната како личност со префинет вкус, во 1530 година на својот маж му подарила богато украсен пикадо сет. Меѓутоа, пикадото не било само омилен забава на благородништвото и влијателните кралици на Британското Царство, туку оваа игра ја сакале и војниците, кои се одморале помеѓу две битки фрлајќи стрелки или копја прво во буриња за вино, а потоа и во дрвени табли исечени во облик на круг.

Поради својата едноставност, пикадото многу брзо станало омилена забава на огромен број луѓе на сите меридијани. За неговата популарност, секако, придонело и тоа што за оваа игра не е потребен голем простор и посебна облека, како и тоа што физичката сила, годините, полот или висината на играчот не влијаат на резултатот на играта, туку само неговата вештина.

Пикадото набргу почнало да се игра по панаѓури и саеми, а типичен англиски паб веќе не можел ни да се замисли без екипа на играчи која фрлала стрелки во тркалезна мета. За тоа, секако, придонел извесен сопственик на британскиот паб Bigfut, кој се впишал во историјата на оваа игра како прв човек кој од англискиот суд (1908 година) добил дозвола гостите во неговата кафеана да играат пикадо. Во тоа време, во пабовите биле забранети игри на среќа. Досетливиот сопственик на Bigfut ги повикал судиите кои го ставиле и пикадото во таа категорија да се натпреваруваат со него во фрлање стрелки во мета. Бидејќи не успеале да го надминат, им докажал дека пикадото не е игра на среќа туку вештина. Не долго потоа, повеќето пабови имале свои тимови на пикадо играчи, па почнале да се организираат и мечеви помеѓу пабовите, но пикадото и понатаму останало локална игра.

Официјално, пикадото станува интернационална игра во 1927 година, кога британскиот неделник The News of the World организира Светско натпреварување и анимира голем број натпреварувачи. Во 1945 година се основа и Национална пикадо организација на Велика Британија (NDA), која ги дефинира и правилата, промовирајќи го пикадото како спортска активност. Во 1976 година, Британската пикадо организација (BDO) анимира и други држави, што резултира со основање Светска пикадо федерација (WDF), која ја сочинуваат претставници на  15 земји. Почнувајќи од наредната година, се организира и Светски куп, на кој најдобрите играчи ги бранат боите на своите земји. Денес, Светската пикадо федерација  е активна на шест континенти, а постојат и Азиски, Европски и Пацифички куп.

Витешка игра

Првата пикадо табла со непредвидлив и испреместен редослед на бројки ја направил столар од Ланчестер во Англија, и тоа од топола. Како што пикадото добивало на популарност, и самата изработка на пикадо табли во дваесеттите години од минатиот век станува многу развиена домашна ракотворба, за набргу да стане и вистинска индустрија. Кога во дваесеттите години од минатиот век угледниот Daily Mirror запрашал „кој одлучил бројките на пикадо плочата да бидат така измешани и зошто“, одговорот наводно бил дека е тоа своевиден „тест на трезвеност“. Тоа било во време кога сè уште се сметало дека пикадото, пред сè, е игра за саеми и кафеанска забава за гости.

Набргу потоа, пикадото добива епитет на „витешка игра“, спортска дисциплина со јасни правила кон кои играчите мора да се придржуваат како и во секој друг спорт. Забрането е консумирање алкохол и употреба на средства за смирување, а казните се ригорозни. Се воведуваат дури и правила на облекување: играчите мора да имаат чевли (патики, влечки и слични обувки не се дозволени), што е своевидна заштита од самоповредување, бидејќи на играчите некогаш во жарот на натпреварувањето им паѓаат острите стрелки. Пропишаната облека донела и доза на елеганција, за што секако, придонеле и панталоните во црна, сива или тегет боја. Со нив обично се носат маици со јака, кои имаат обележја на клубот и федерацијата за која натпреварувачите играат.

Табла и стрелки

Пикадо таблата има пречник од 45,1 см и е поделена на  21 сектор во вредности од 1 до 20, а целта на играта се погодоци со стрелките во кои се добиваат најмногу или најмалку бодови, во зависност од варијантата на играта. Секое поле го има следниот распоред на бројки: 20 - 1 - 18 - 4 - 13 - 6 - 10 - 15 - 2 - 17 - 3 - 19 - 7 - 16 - 8 - 11 - 14 - 9 - 12 - 5.  Ова преплетување на помали и поголеми броеви е смислено за да се намали можноста за среќни погодоци. Средниот дел од таблата е поделен на два дела – надворешен (bull) кој има вредност 25 бода, и внатрешен (Bull's Eye), од 50 бода. Правилото е пикадо таблата да се постави така што висината од подот до нејзината средина ќе изнесува 173 см. Играчите се оддалечени од таблата помеѓу 237 и 244 см.

Класичните пикадо стрелки на едниот крај имаат врв од заострен челик, а на другиот перце, чија цел е да ѝ даде на стрелката аеродинамичен лет. Играчите фрлаат од рака наизменично по три стрелки, а броевите на погодените полиња се собираат, со цел играчите почнувајќи од договорениот број (на пример, 301 или 501), да го сведат својот резултат на нула. При натпреварувањето играчите не смеат да застанат на линијата на фрлање, но смеат со телото да се свиткаат напред.

Електронско пикадо

Иако класичниот пикадо сет (дрвена табла и стрелки со железен врв) има неповторлив дух на романтика, сепак, денес повеќе се игра електронско пикадо. Играта е побезбедна, а можноста за повреди е сведена на нула, бидејќи се игра со стрелки кои имаат пластичен врв (soft-darts). Електронското пикадо овозможува и автоматско собирање на бодови, што е уште една предност. Инаку, иако денес постојат и пикадо тренери, интересно е што овој спорт и понатаму важи за „игра на самоуки“.

Германскиот шампион на пикадо, Томас Сејлер, кој одвреме-навреме работи и како коментатор на ТВ-преноси од турнири, вели дека основната предност на  овој спорт е достапноста. „Пикадото е спорт кој може да се игра и во поодминати години, а не пречи ни стомак“, вели тој и објаснува: „За пикадо е најважна способноста за концентрација бидејќи сè се одвива во главата. Голем е предизвик кога во сала полна со френетични навивачи на оддалеченост од 2,73 метри мораш да го погодиш полето од неколку милиметри“.

 

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>