Стратегии за самопомошМарина Брашиќ, специјален педагог и интегративен психодинамски психотерапевт
Позитивната промена и надминувањето на тешките животни ситуации се одвиваат во четири чекори, од прифаќање на она што нам ни се случува како реална животна фаза, преку подготовка за промена и фокусирање за надминување, до барање помош од блиски луѓе и стручњаци
Кога ќе го погледнете својот живот, сè оди некако добро, не е совршено, но е по некаков план. Тежнеете да имате успешни моменти и да бидете задоволни. Тежнеете да бидете во животен баланс. А тогаш нешто ќе се случи. Некоја ситуација ќе ги промени животните околности, ќе го наруши животниот баланс и ќе донесе тешкотии. И без разлика на тоа колку сметате дека сте силни, во такви ситуации може да се чувствувате изгубено, ранливо или беспомошно. Можеби ќе си речете дека ништо полошо не сте доживеале и дека не можете со тоа да се носите. И во ред е така да се чувствувате, но вистината е далеку од тоа.
На самиот почеток би требало да знаете дека не сте сами и дека лоши работи не ви се случуваат само вам. Во некоја фаза од животот сите сме биле изложени на тешки ситуации. Тие се составен дел од животот и даваат можност да научиме важни животни лекции, иако нам тоа во тој момент не ни изгледа баш така. Од секоја тешка ситуација може да се излезе со нови знаења, вештини и нови стратегии. Колку и да ни се непожелни, можат да ни дадат прилика за личен развој.
Зошто некои ситуации се доживуваат како тешки
Тешките ситуации често се поврзуваат со некои загуби (работа или блиска личност), развод, ненадејно преселување и др. Тие се посебно тешки зашто носат со себе силни емоции и тага. Меѓутоа, тешки ситуации можат да бидат и некои позитивни промени, како што се, на пр., стапување во брак, раѓање дете, тргнување во училиште или одење во пензија.
Ситуациите се доживуваат како тешки зашто ни се нови и непознати. Тие носат со себе неизвесност, лична несигурност и безброј прашања дали ќе се снајдеме и соодветно ќе одговориме на новонастанатите промени. Покрај сето тоа, тешките ситуации ни носат и различни чувства, кои можат да бидат силни и преплавувачки и со кои треба да се носиме.
Тешките ситуации нè тераат дополнително да ги ангажираме своите емоционални и социјални капацитети (да ги повлечеме резервите одвнатре) за повторно да воспоставиме рамнотежа и задоволство. Надминувањето на овие ситуации бара ангажирање на сите лични ресурси за приспособување на новонастанатите околности.
Ако се прашувате како можат да се надминат тешките ситуации и како од нив да го добиете тоа што е најдобро за вас, ви нудиме некоја од стратегиите на самопомош.
Како позитивно да се приспособиме или да надминеме тешката ситуација
- Прифаќање тешка ситуациј
Кога ќе доживеете шок поради одредени животни околности, прво ќе се јави неверување. И тоа е нормална реакција. Во тој процес на размислување дали сте го заслужиле тоа или не, се чувствувате вознемирено и послабо од обично. Не паничите, вашиот психофизички аларм ве предупредува дека треба да направите некоја промена. Ве подготвува за одбрана и фаќање во костец со дадените неволји.
Прифатете го тоа што ви се случило како реалност и животна фаза од која ќе излезете посилни или барем поискусни. Разгледајте ја ситуацијата во сите нејзини аспекти, како целина, и како таа влијае на вас. Обидете се да ги препознаете и да ги прифатите емоциите зашто ќе ви дадат прилика да ги дефинирате причините кои ви пречат во надминување на моменталните околности.
- Подгответе се за промена
Промените не се лесни, посебно ако се проследени со болни емоции. Силните емоции можат да ве преплават и да ви пречат во приспособувањето. Ако сте ги препознале и прифатиле, ќе можете да се посветите на промената. Емотивната подготовка за промена е процес, па немојте да очекувате на самиот почеток дека ќе можете своите емоции да ги избалансирате и контролирате. Меѓутоа, во текот на овој процес силните емоции постепено ќе се вклучуваат во вашето емотивно искуство.
Подгответе се за дополнителен напор. За да успеете да ја надминете тешката ситуација, морате да вложите напор. Можеби ќе морате да работите нешто што не сте го правеле до тогаш или да научите некои нови вештини (на пр., кај развод или губење блиска личност). Некогаш ќе погрешите и ќе биде потребно повторно да се обидете. Насочете ја волјата кон новото приспособување, кон истражување, размислување и одлучување што е добро за вас и за вашата реална ситуација. Треба да се има на ум дека приспособувањето бара присуство на постојана волја да се истрае во обидите за приспособување.
- Фокусирајте се на тоа како да ја надминете ситуацијата, а не на тоа дека тоа не можете да го направите
За да надминете некој проблем, мора да размислувате за тоа кои сè чекори можете да ги преземете во согласност со тоа. Секоја тешка ситуација носи ограничувања, нешто можеме да менуваме, а нешто не можеме. На некои околности можеме да влијаеме, а на некои не. Ако се насочите кон тоа што можете, дајте си прилика да излезете од дадените тешкотии.
Размислете кои промени би требало да ги направите во животот за да ви биде полесно. Согледајте кои вештини ги поседувате за надминување на ситуацијата, а кои дополнително треба да ги развиете. Не очајувајте туку фокусирајте се на практични работи кои ќе ве водат кон надминување. Согледувањето на своите сили за носење со промената (на пр., што јас можам да направам во дадена ситуација) може да овозможи поставување листа со позитивни реагирања на дадени околности. Ирационалните уверувања како што се „јас не можам да поднесам промена“ или „оваа ситуација е катастрофална и неподнослива“, заменете ги со уверувања кои се рационални: „јас можам да се носам со новата ситуација зашто се носам и сега со неа иако таа е тешка“. Направете план кој ги вклучува вашите сили и можности.
- Барајте помош
Тешката ситуација можеби е тешка за вас, но не мора да биде за вашите пријатели. Можеби некој од нив имал слично искуство. Разговарајте со нив и прашајте ги како тоа го надминале. Дозволете им да ви помогнат и да ви бидат потпора и поддршка. Ако имате чувство дека блиските луѓе не можат во целост да ви помогнат, побарајте помош од психотерапевт.
Животот не е едноставен и не е можно да се предвидат ситуациите кои нè чекаат. Животот е интересен, возбудлив и има смисла токму поради промените кои ни се случуваат. Набљудувајте ги новите ситуации и барањата за промени како предизвици во личниот раст и развој. Унапредете ги психолошките капацитети, вложете дополнителни напори кога тоа е потребно, прифатете се себеси и своите емоции, прифатете ја моменталната ситуација и животните околности. Промените се составен дел од нашиот живот, а на нас е од нив да го извлечеме тоа што е најдобро за нас.