Со подобрување на циркулацијата и регенерација на површинските клетки, кожата на лицето ќе стане посвежа, а мускулите поеластични и поцврсти, поситните брчки ќе се изгубат, а оние подлабоките ќе се намалат
Со стареењето нашата кожа губи влага, еластичност, мекост и сјај, но тој неминовен процес може да се забави, а лицето да се подмлади со комбинирана примена на природни третмани и техники како пилинг, маски за затегнување и чистење, масажа и гимнастика на лицето, со користење хранливи препарати, хидратација и консумирање витамини и минерали.
Чистење на лицето: Хидролат од лаванда, ружина водичка и слични нежни и природни средства се корисни за чистење на лицето наутро и навечер. Се препорачува и миење без користење сапун. Лицето се чисти и „одвнатре“ така што секое утро и вечер се пие по една чаша млака вода.
Пилинг: Пченкарно брашно, трици, мелен овес помешани со малку јогурт или маслиново масло ги чистат и отстрануваат мртвите клетки од површината на кожата, ја освежуваат и £ го враќаат сјајот. Кожата на лицето по пилингот полесно прима влага и се обновува, па со самото тоа се забавува и процесот на стареење на кожата.
Маски за затегнување: Еднаш неделно добро е на лицето да се нанесе маска за затегнување на кожата, да се држи 15 минути и потоа да се исплакне со млака вода. Природни маски за затегнување на лицето можат да се прават од свеж квасец и млеко, мед и сок од лимон, белки или павлака со малку свеж сок од зеленчук.
Масажа на лицето: Лицето треба да се масира нежно, со кружни движења. Така се стимулираат мускулите на лицето и се подобрува циркулацијата. На чисто лице треба да се нанесе малку бадемово масло и со врвовите од прстите да се натапка и да се прават кружни движења. Неагресивната масажа на лицето ја подобрува циркулацијата и дава свежина, а може да се применува повеќе пати на ден.
Гимнастика на лицето: Фацијалната гимнастика е еден од најдобрите природни лифтинзи, со кои кожата добива подобар тонус, станува цврста и освежена. Се знае дека на лицето и вратот има дури 57 мускули, но во секојдневниот живот користиме само помал дел. Гимнастика на лицето е, всушност, збир на движења и гримаси со кои ги активираме сите мускули на лицето и вратот. Може да се вежба секаде и многу е забавно. За да се видат резултатите, треба да се вежба континуирано повеќе месеци. Вежбите опфаќаат прчење на усните и нивно затегнување преку забите, максимално подигање на веѓите, силно затворање на очите, затегнување и опуштање на челото, надувување на образите и слично.
ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР
Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци