Веќе по навршени дваесет години од животот, човечкиот мозок почнува да ги губи своите мемориски способности. За среќа, тој процес можеме да го забавиме.
Автор Јасна Петровиќ
Нашиот нервен систем реагира на нови дразби со создавање поголем број синапси (врски помеѓу нервните клетки). Овој процес е поврзан со складирање податоци во кората на големиот мозок, и колку повеќе стимулации му пружиме во текот на секојдневните активности, толку нашите мемориски способности ќе бидат подобри. Постојат неколку битни фактори кои влијаат на подобрување на памтењето.
Балансирана исхрана
Прескокнувањето оброци, особено појадокот, има негативни последици на нашата моќ за концентрација. Ист ефект има и друга крајност, т.е. прејадувањето. Преобилен оброк предизвикува поспаност и намалени когнитивни способности. Намирниците кои важат за „храна за мозок“ се: риба, јаткасти плодови, лиснат зеленчук, овошје, мешунки и јајца. Билните чаеви, како оние од коприва, женшен, како и препарати на база на гинко билоба, исто така, имаат позитивно дејство.
Здрави навики
Редовната и умерената физичка активност придонесуваат за подобра циркулација, со самото тоа и снабденост со крв на мозочните клетки. Истражувањата покажале дека загубата на сеќавањата за одредени случувања не е поврзана исклучиво за алкохолизмот како болест, туку се јавува и кај лица кои консумираат алкохол умерено. Пушењето има лошо влијание на способноста за памтење.
Ментална хигиена
Живееме во време во кое сме затрпани со многу информации. Обидете се да направите свесна селекција на тоа што може да допре до вас. Елиминирајте го беспотребниот товар во вид на впивање вести за луѓе и настани кои немаат некаква реална врска со вас и со вашиот живот. Фокусирајте се на позитивни нешта. Пронајдете начин да се ослободите од стресот преку квалитетно исполнето слободно време.
Избегнувајте рутини
Натерајте се секој ден да направите нешто што инаку не го правите. Променете ја рутата по која инаку се движите, измијте ги забите со другата рака, посетете дел од градот во кој одамна не сте биле. Обидете се да читате од усните на ТВ-водителот додека тонот е намален, или да речеме погледајте го излогот на некоја продавница и потоа затворете ги очите обидувајќи се да се сетите што сè сте виделе.
Кој се смее, подобро памти
Смеењето, покрај тоа што е одлична вежба за стомачните мускули, придонесува за намалување на напнатоста. Кажување шеги придонесува за создавање нови асоцијации, што е добра вежба за малите сиви клетки.
ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР
Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци