Фармацевти
Контакт

<< Назад

Како да се скрие вишокот килограми

март 1, 2017

Дискретен дезен и лежерен кројМарија Јоксимовиќ

Како што хероината на филмот Дневникот на Бриџит Џонс не е најсигурна во тоа што треба да облече за да го прикрие вишокот килограми, па носи прекратки и претесни здолништа или проѕирни блузи, така и многу жени со најдобра намера прават модни грешки, иако правилата за шик изглед се многу едноставни и се сведуваат на добар избор на крој, материјал, дезен, должина и бои

Денес преовладува ставот дека женската убавина не се сведува на броење килограми и не се мери со обемот на половината и колковите, туку е многу повеќе од тоа. Трендот наречен mermaid thighs дури фаворизира несовршено-совршени дами со јаки бутини и задник и ги гледа како сирени на новото време. Меѓутоа, факт е дека масните наслаги не се секогаш најдобро распоредени на телото, па со внимателен избор на гардероба тие критични места помалку се истакнуваат.

Пред сè, треба да се определите за долна облека која стеснува и од која килограмите не доаѓаат до израз. Мидери и корсети носеле некогаш и нашите баби зашто со нив облеката подобро им стоела. За долната облека се грижи и филмската хероина Бриџит Џонс, која во комедијата Дневникот на Бриџит Џонс ја игра Рене Зелвегер, глумица која за оваа улога морала да се здебели дури дваесетина килограми. „Дневно јадев шест пици, плус слатки и путер од кикиритки и престанав да вежбам“, ја објаснува таа својата трансформација за улогата на популарната филмска дебелка.

И како што ни Бриџит Џонс не е баш најсигурна во тоа што треба да облече за да изгледа добро, во реалниот живот ист проблем мачи многу жени и девојки. Затоа, еве неколку совети како со правилен избор на гардероба да се чувствувате добро во својата кожа и кога тежината не ви е идеална.

Широки колкови: На модните писти повеќе не шетаат само слаби манекенки, туку им се приклучија и плус-сајз убавици, како Ешли Грејем, Искра Лоренс и Робин Ловли. Модели со бујна фигура и јаки колкови се нов предизвик за стилистите и креаторите кои даваат совети што да се истакне, а што да се прикрие. Да речеме, наслаги на половината и колковите или т.н. крофнички, кои Англичаните симпатично ги викаат muffin top, можат да се скријат со соодветна гардероба.

Правило е дека треба да се избегнуваат панталони со ниска половина зашто визуелно ги скратуваат нозете и шират во колковите. Панталоните со висока половина го прикриваат вишокот килограми на стомакот и боковите, ја издолжуваат фигурата и ѝ даваат поженствен изглед. Исто важи и за здолништата. Висока половина и умерена должина, лежерен пад кој ја следи линијата на телото, без фалти на половината и боковите, сето тоа придонесува за складен изглед и елеганција.

Изразена фигура: Многу дами со вишок килограми и поизразена фигура избегнуваат да носат џемпери, уверени дека дополнително ги шират. Но, фин џемпер со шал јака дава доза на софистицираност, визуелно ги издолжува вратот и фигурата. Исто така, џемпери со асиметричен крој (подолг заден дел, ако е на раскопчување, преден дел во шпиц) проверено градат убава силуета. Треба да се избегнуваат тесни и кратки џемпери (бидејќи визуелно ја сечат фигурата), како и оние со упадливи шари и треба да се бираат џемпери со дискретно и вертикално плетиво.

Слично важи и за блузите и туниките. Добар избор се модели со рамен крој или на преклоп кои ги прекриваат боковите, како и V изрез и вертикални пруги, а лоши се тесните кошули и туники зашто т.н крофнички кои се оцртуваат под облеката не изгледаат убаво.

Градникот никогаш не треба да се бира од око, туку со мерење на градниот кош и обемот на градите, како и со трпеливо испробување на различни големини корпи за да се пронајде вистинскиот кој не е ни тесен ни широк.

Дебели раце: Овој недостаток може успешно да се прикрие и при носење свечени тоалети. Добар избор може да биде фустан чии ракави се спуштени на рамениците затоа што го одвлекува вниманието на деколтето, како и ракави од тантела со неупадлив дезен. Треба да се избегнуваат прерамки, широки и пуф ракави, прекратки ракави кои повеќе откриваат отколку што кријат и да се определите за облека со долги или три четврт ракави, неупадливи шари и потемни бои.

Варирање во килограмите и типови градба: Ако тежината ви варира, па, на пример, во зима или за време на празници сте подебели отколку, да речеме, во лето на одмор, кога повеќе шетате и пливате, никогаш не се обидувајте да влезете во облека со помал број, туку во орманот имајте облека која ви е точна во сите прилики. Правило е ако тежината ви варира околу пет килограми горе-долу, не треба да менувате само број на облека туку и број на градник.

Меѓутоа, иако со текот на годините имаме различен број килограми, па со самото тоа помал или поголем обем на гради, половина и бокови, факт е дека нашата телесна градба секогаш останува иста зашто ја дефинира структурата на скелетот. Нема таква диета или вежбање кои можат да го променат тоа што нам телото ни е во облик на крушка, песочен часовник, јаболко или правоаголник. Така, на пример, кај жените со облик на тело како круша вишокот килограми се таложи на боковите, задникот и бутините, додека кај оние со телесна градба која асоцира на јаболко масните наслаги се распоредуваат околу стомакот и во горниот дел на телото (дебел врат, големи гради, широки рамења).

Иако не сме сите градени во облик на песочен часовник, кој се смета за идеална женска фигура со јасно дефинирана половина, или во облик на правоаголник, значи рамна фигура и без многу облини, кога малкуте вишок килограми и не забележуваат зашто се рамномерно распоредени, важно е да знаеме на кој тип на телесна градба припаѓаме и тогаш применуваме соодветни модни совети кои прикриваат мани, а истакнуваат предности.

Жените градени во облик на крушка треба да го стават акцентот на лицето, вратот и градите, да избегнуваат мини здолништа, шарени и светли панталони, додека оние кои се тип на јаболко треба да ги нагласат нозете и колковите и да се определат за рамни фустани со А крој малку над колена. При тоа не треба да се заборави на личниот стил и да се усогласи со бојата на тенот и косата, а од модните трендови кои доаѓаат и поминуваат да се избере она што одговара како на фигурата така и на личноста.

Модни трикови
Ако имате вишок килограми, не значи дека секогаш мора да носите црно. Добри бои се и темноцрвена, сина, зелена, кафена. Избегнувајте материјали што сјаат или користете ги како детали – јака, манжетни, рабови.

Грешат оние кои мислат дека во поголема облека изгледаат – помали. Облеката треба да биде по мерка и да ја следи линијата на телото.

Вишокот килограми не значи дека треба да се откажете од носење ремен, туку дека не треба да го носите точно на половината. Ременот позициониран малку под градите може убаво да ја дефинира фигурата.

Кратките јакни скратуваат, а долгите ја издолжуваат фигурата, посебно ако се малку струкирани.

Се препорачуваат панталони со рамни ногавици. Жените со градба на круша би требало да избегнуваат претесни, прешироки, со фалти на половината, со впечатливи или премали џебови.

Тесно здолниште во облик на молив издолжува. Прекратки (до половина бутови) или предолги (до половина листови) здолништа даваат лош визуелен ефект.

Фини обетки и ѓердан кој не е до вратот туку слободно виси го одвлекуваат вниманието и придонесуваат за елеганција.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>