Фармацевти
Контакт

<< Назад

КАКО ДО ПОУБАВ ТЕН

април 1, 2019

Маски од природни состојки

 

По долгите зимски месеци на нашето лице му е потребна дополнителна нега за да се обнови од негативните временски влијанија.

 

Автор Весна Марковиќ

 

Природната ризница во себе крие бројни лесно достапни состојки со чија помош можеме да го вратиме свежиот и младешки изглед. Пред користење домашни рецепти задолжително консултирајте се со својот козметичар и фармацевт.

 

Пилинг на кожата на лицето

Редовното отстранување на изумрените клетки придонесува за посвеж изглед и затегнатост на кожата. Ви препорачуваме да набавите четка од природни влакна со чија помош ќе го правите т.н. суво миење. Со лесно триење и четкање ќе го отстраните слојот од стари клетки. Мешавина од мед и јагоди е, исто така, еден од начините за правење редовен пилинг. Медот ја смирува кожата, а ситните зрнца од јагодите имаат нежно абразивно дејство. Авокадото е честа состојка на домашните козметички производи, а ние ви советуваме семката од авокадо да ја оставите да се исуши една до две недели. Потоа сомелете ја во блендер и помешајте ја со три лажици гмечено авокадо. Со добиената смеса направете нежен пилинг.

 

Маска од ориз

Една од тајните на соврешниот тен на убавиците од Истокот се крие во оризот. Ова житно растение покрај витамин Е содржи линолна киселина и сквален, кои ја поттикнуваат синтезата на колаген. Маска против брчки се прави од три лажици ориз, една лажица млеко и една лажица мед. Оризот треба да се свари (не ја фрлајте водата од варењето) и помешајте го со мед и лажица топло млеко.Маската нанесете ја на сува и чиста кожа и оставете да се исуши. Потоа отстранете ја, а лицето измијте го со водата во која се варел оризот.

 

Сливи и куркума

Три до четири сливи без семки ставете ги во блендер со лажица мед, лажица масен јогурт и половина лажица куркума. Добиената смеса нанесете ја со нежни,  кружни движења на чисто и суво лице и оставете да дејствува десетина минути. Потоа измијте го лицето со топла вода.

 

Банани со мед и лимон

Изгмечете една помала банана и помешајте ја со лажица мед и половина лажичка лимонов сок. Нанесете на лице и оставете да дејствува дваесет минути. Маската извадете ја со помош на влажен топол пешкир.

 

 

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>