Фармацевти
Контакт

<< Назад

Како до првите зборови

септември 21, 2016

РАЗГОВАРАЈТЕ СО СВОЕТО БЕБЕд-р Радмила Косиќ
педијатар

Без оглед на тоа колку сте по природа молчаливи, натерајте се во друштво на детето повеќе да зборувате, зборувајте му што работите додека го бањате или го облекувате, покажете му играчка и именувајте ја, зборувајте природно бидејќи му е потребен течен секојдневен говор

Новороденчето јасно слуша разни звуци од околината, но со посебно внимание го слуша звукот на човечкиот глас.

СЛУШАЊЕ И ИСПУШТАЊЕ ЗВУЦИ: Интересирањето за човечкиот глас е вродено – без помош од возрасните тој интерес детето нема да го задржи. Видот и слухот се раздвоени – детето слуша не барајќи го изворот на звукот. Звукот кој новороденчето го произведува е плач, а мајката брзо учи да ги разликува видовите плачење. Плачењето поради глад ќе предизвика кај мајката надоаѓање на млеко, кога болно дете плаче ќе го однесе на педијатар, плачењето поради страв од напуштеност ќе ве натера да го заборавите заморот и да го земете од креветчето.

Ќе помине уште многу време додека бебето не разбере што му зборувате (и обратно), важно е да реагира на вашот глас, да разликува пријатни и непријатни звуци и на свој начин да ви ги соопштува потребите.

ВО ВТОРИОТ МЕСЕЦ со поглед ќе го бара изворот на звукот. Со насмевка ќе одговори на вашата насмевка. Задоволството ќе биде проследено со многу сопствени звуци кои ги нарекуваме гугање. Гласовите кои детето ги испушта не се свесно соопштување на потреби, туку покажуње желба за комуникација.

Во следните месеци ќе ги изговара отворените самогласки: „ааа“ и „ооо“, па ќе им ги додаде: п, б и м, и гугањето почнува да личи на зборови. Многу мајки ќе се воодушеват на првото „мама“. Оваа фаза од говорот не е именување лица или предмети, но не може да се прескокне.

Без оглед на тоа колку сте по природа молчаливи, натерајте се во друштво на детето повеќе да зборувате. Зборувајте му што правите додека го бањате или го облекувате, покажете му играчка и именувајте ја. Зборувајте природно, потребен му е вашиот течен секојдневен говор. Подеднакво ќе го радува вашиот „извештај“ за филмот или за временската прогноза. Ако поминувате многу време сами со бебето, и вам ќе ви годи „разговорот“. Одговарајте му секој пат кога ќе произведе некој звук и сте направиле многу за тоа порано да ги слушнете првите зборови на детето.

ВО ВТОРАТА ПОЛОВИНА ОД ПРВАТА ГОДИНА детето го учи разбирањето на говорот. Ќе совлада нови гласови, ќе поврзува слогови и бескрајно ќе се забавува себеси и семејството. Ќе плаче кога е незадоволно, а ќе гуга кога е задоволно, бидејќи говорот го поврзува со задоволство. Расте и интересирањето за разговорот на возрасните, со викање набрзо ќе го сврти вниманието кон себе и „ќе се вклучи во разговор“.

Околу 9 месец ќе зборува со развлечени серии на слогови „маа-маа-маа“, со моделирање и нагласување одделни звуци. Со внимателно слушање ќе можете да разликувате прашање или воодушевување, потоа ќе комбинира различни слогови „таа-баа-маа“. Ако му се радува на вашиот глас, го проширува својот репертоар на гугање – на вистински пат е до првите зборови. Детето ќе го сфати значењето на зборовите слушајќи ги во различни интонации, набљудувајќи ги изразите на лицата и движењата на говорниците. Ќе издвојува клучни зборови кои често се изговараат во опкружувањето: „каде е куклата“, „колку е убава куклата“ и сл. Кога ќе ја уочи врската, ќе ги поврзе зборот и предметот.

Ако употреби ист збор секогаш кога ќе види одреден предмет, можете да бидете горди зашто почнало да зборува. Зборувајте за предметите кои детето често ги гледа, кои го интересираат, служете се со мимика, настојувајте да ги разберете неговите кованици. Во оваа возраст не е способно за поинаков говор – тоа е најдобро што засега го може.

Тоа што не му ја давате топката зашто секогаш за неа вели „то-та“, само ќе го онерасположи. Подобро радосно да му одговорите „еве ја твојата топка“. Детето зборува доволно добро за да разберете што сака, зарем не?

ДЕТЕТО КОЕ ПРООДАЛО има богат репертоар на слогови и зборови кои ги користи. За него разбирањето сè уште е поважно од говорот. Првите зборови се именки: мамо, тато, дадо, па ќе го проширува интересирањето на храна, делови од облека и тело. Ќе ги користи своите називи за предмети кои му се од интерес. Зборовите ќе ги употребува со различни интонации: „маче!“ ќе рече изненадено кога ќе види маче; „маче?“ кога ќе го снема од водокругот. Поврзувањето на два збора нема да биде граматички точно. Воздржете се од поправање, подобро е да ја повторувате точната верзија на неговите кратки реченици. Вашиот правилен говор е модел кон кој треба да стреми.

Ако почувствува дека зборот или реченицата е важна и прифатена, со задоволство ќе зборува – поправањето ќе го забави развојот на говорот. Детето зборува со свој  јазик, вие го разбирате и зборувате онако како што треба. Не е способно да зборува поправилно, со задоволство ќе ви каже нешто ново. Ако преминете и вие на детски жаргон, како ќе знае што е правилно?

ПО ВТОРАТА ГОДИНА бројот на зборови и реченици се зголемува. Говорот му служи за опишување нешта кои моментно не се во собата. Говорот и мислењето се уште повеќе поврзани. Сакате ли да го поттикнете развојот на говорот и мислењето, ви претстојат часови разговор. Ако ги именувате предметите, понудете му зборови за облик, боја и големина. Не ги поедноставувајте речениците („не знае за тој збор...“), низ разговор понудете му нешто ново.

Заменете „која коцка ја сакаш?“ со прашањето „сакаш црвена коцка?“, ете можности да ги научи боите. Понудете му голема и мала топка – ќе го насочите неговото размислување на разлика во големината. Од размислување до зборување чекорот е мал, колку и да ви се чини детскиот речник сиромашен. Секоја негова игра или сликовница ќе ви даде доволно материјал за повторување нови зборови кои ќе ги поврзува со сликата која ја гледа. Проширување на речникот и речениците секогаш е поважно од правилен изговор.

МАЛИ И ГОЛЕМИ ПРОБЛЕМИ: Кај децата совладувањето одредени фази од говорот е индивидуално. Ако во која било возраст не реагира на ненадејни јаки звуци, проверете му го слухот. Ако изостане гугањето до шестиот месец или по првиот роденден не изговорило ни еден збор, однесете го на лекар.

Разговорот кој го слуша гледајќи цртан филм не може да ги замени бојата, ритамот и емоциите кои ги препознава во гласот на родителот. Ако почне да пелтечи, изостава слогови или одбива да разговара со лицата надвор од домот, побарајте стручна помош. Улогата на родителите и останатите членови на семејството е пресудна, а едноставна – разговарајте често и многу со своето дете, без оглед на возраста и моменталниот фонд на зборови, тоа е влог кој повеќекратно се исплати.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>