Фармацевти
Контакт

<< Назад

Камен во бубрег

октомври 28, 2015

[vc_column width="1/1"]

Причини, симптоми, лекување

д-р К. Давидов, уролог
д-р Е. Попов, уролог

Едно од најраспространетите заболувања е камен во бубрег, кој најчесто се јавува кај луѓе на возраст помеѓу 20 и 55 години, со тоа што мажите имаат два пати повеќе проблеми со ова заболување од жените

Каменот во бубрег се состои од материи кои урината ги содржи во природна и неприродна состојба. Има различен облик, големина и состав и затоа се зборува за уратен, оксалатен, фосфатен и мешан камен. Уратниот е тврд, мазен и има кафена боја, оксалатниот е груб и многу тврд, а фосфатниот е белузлав, поголем од останатите и лесно се крши. Може да биде во самиот бубрег, во бубрежната карлица, во уринарниот тракт или во мочниот меур. Кај третина од луѓето кои страдаат од камен во бубрегот се формира нов камен во рок од 5 години, а 75 насто чувствуваат некои симптоми на заболувањето подоцна во животот.


Што предизвикува создавање камен во бубрег?
Кај секој заболен причината е различна, но климата, водата и земјата се основни причинители за појава на камен во бубрегот. Човечката урина е сложена биолошка  течност. И кај здрав човек често е презаситена со раствори на различни соли. Благодарение на присуството на одредени материи, солите се одржуваат во растворена состојба. Ако нормалниот состав на урината се промени, на пр., нагло се зголеми киселоста, тоа може да доведе до појава на камен. Ризикот се зголемува во потопла клима, ако не земате доволно витамини од групата Б и витамин А и ако пиете малку течности.

Кои се симптомите?
Симптомите можат да варираат од остра болка до отсуство на болка, во зависност од карактеристиките на каменот – големина, облик и место во уринарниот тракт. Ако каменот го блокира нормалниот проток на урината низ мочните канали, се чувствува јака болка која се нарекува бубрежна колика. Тоа е остра болка во половината и во пределот од ребрата до колковите. Ако каменот е во мочниот канал, болката може да биде во слабините или во бедрата. Мажите можат да чувствуваат болка и во тестисите. Болката е во бранови и не се намалува дури ни при промена на положбата на телото. Се опишува како една од најболните состојби, како што се породилните болки.

Други симптоми кои може да ги придружуваат бубрежните колики се: мачнина, повраќање, крв во урината (урината е со розова боја), болка при мокрење, зголемена температура. Каменот кој не ги затвора мочните канали може да предизвика непрекината тапа болка во колкот. Овој вид на болка може да биде знак и за други заболувања, па треба да се утврди дали имате камен во бубрегот или во мочните канали. Постојат видови камења кои се обично со мал облик и не предизвикуваат никаква непријатност. Ваков камен обично се открива при рендгенски испитувања на некои други состојби.

Како да се постави дијагноза за присуство на камен во бубрег или во мочниот канал?
При првата средба, лекарот детално ќе ве испита за симптомите, историјата на слични симптоми, фактори кои го олеснуваат или го отежнуваат манифестирањето на заболувањето, како и слични тегоби кај членовите на вашето семејство. Потоа внимателно ќе ве прегледа, посветувајќи посебно внимание на стомачните и слабинските предели (вклучувајќи и преглед на тестисите кај мажите). Се прави и ултразвучен преглед, анализа на крвна слика и друго.

Во што се состои лекувањето?
Бубрежните колики се јавуваат кога каменот ќе почне да се движи низ најтесниот дел на уринарниот тракт – мочните канали. Во поголем број случаи каменот успева да помине спонтано низ мочните канали. Тоа зависи од низа фактори, како што се големината и обликот на каменот, присуство на поранешни слични состојби, бременост, зголемена простата и др. Камен со пречник 4-5 мм обично излегува спонтано во 85 насто од случаите. Поголем камен, оној кој предизвикува целосно запирање на уринарниот проток и камен со неправилен облик кој не може да излезе спонтано, може да биде скршен или отстранет со разни постапки.

Лекувањето може да биде конзервативно или хируршко. За да се изведе правилно лекување, потребно е да се утврди хемискиот состав на бубрежниот камен и причините кои влијаеле за негово создавање со анализа на урината, која е собрана за 24 часа. Лекувањето е насочено кон одреден вид на камен.

Немедикаментозното лекување вклучува и операција и се применува:

– кога одреден камен во бубрегот не се исфрла спонтано после подолг временски период и предизвикува постојана болка;
– многу е голем за да се исфрли спонтано;
– целосно го блокира уринарниот тек и потенцијално ја загрозува функцијата на бубрезите;
– предизвикува и одржува инфекција на мочните канали;
– му штети на бубрежното ткиво или предизвикува континуирано крварење;
– значително е зголемен во однос на димензиите од претходното снимање.

Дали постојат превентивни мерки со кои може да се избегне формирање камен?
Најважна мерка на претпазливост претставува внесот на поголеми количини течности (над 2,5 л/24 ч). Количината е значително поважна од составот на водата. Кај луѓе кај кои постои ризик од формирање на калциум-оксалатен камен (најчест камен во бубрег), се препорачуваат одредени промени во исхраната и тоа поради закиселување на урината (намален внес на месо и животински белковини, зголемен внес на зеленчук) и намален внес на намирници кои содржат големи количини калциум и оксалати (млеко и млечни производи, спанаќ, ореви, коприва, кељ, грозје, брокула, какао, чоколада и др.), потоа ограничување на внесот на кафе поради диуретското дејство. Луѓето во чии семејства постојат лица кои имаат проблеми со камен во бубрег се изложени на голем ризик од формирање камен во бубрег и развој на симптоми на ова заболување. Тоа бара превентивни мерки и детални анализи на урината.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>