Низ историјата со Скопје владееле многу владетели кои, меѓу другото, и граделе. Тоа се објекти покрај кои секојдневно поминуваме, а можеби никогаш не сме се запрашале кога настанале. Нека оваа репортажа придонесе за поблиску да се запознаеме со Камениот мост, Даут-пашиниот амам и Аквадукот.
Ивана Коцевска
Камен мост ‒ најпознатиот симбол на Скопје
Кога сакате да ја поминете реката Вардар и од плоштадот да стигнете во Старата чаршија, патот ве води преку Камениот мост. Една од најмонументалните градби во земјава и пошироко се смета за симбол на градот Скопје и се наоѓа и на грбот на градот.
Но, дали некогаш сте размислувале за тоа кој и кога го изградил овој мост по кој секојдневно врви река од пешаци? Постојат две претпоставки. Според првата, потврдена со археолошки проучувања, мостот бил изграден во VI век, веднаш по катастрофалниот земјотрес од 518 г., во екот на градежните активности кои биле преземени низ целата Империја од страна на императорот Јустинијан I. Според втората претпоставка, поддржана со историски извори, мостот бил изграден во времето на владеењето на султанот Мехмед II Освојувачот, во периодот 1451 ‒ 1469 год. Во минатото е нарекуван и Душанов мост.
Камениот мост е изграден од обработени камени блокови, врзани со железни куки и зацврстени со леано олово и кршен камен и малтер. Неговата масивна конструкција се потпира на цврсти столбови, меѓусебно поврзани со полукружни лакови. Во својата првобитна форма мостот имал 13 свода, со вкупна должина 213,85 м и ширина од 6,33 м. Во минатото по него се одвивал и сообраќај, а денес мостот е прооден само за пешаци. Името „Камен мост“ го добил поради тоа што бил изграден со употреба на кршен камен.
Низ вековите неговиот изглед се менувал, бидејќи често бил жртва на поплави, земјотреси и пожари. Правени се доградби и реставрации. Доградуван е за време на владеењето на турскиот султан Сулејман Величествениот и на српскиот владетел Душан.
Со последната реконструкција, Камениот мост наместо железна, доби камена ограда. Поставена е спомен-плоча, посветена на Карпош, водачот на народното востание во XVII век, кој бил погубен на мостот во 1689 година.
Даут пашин амам ‒ бисер на монументалната исламска профана архитектура
Откако ќе поминете по Камениот мост, на влезот во чаршијата ве пречекува Даут-пашиниот амам. Фасцинантен по својата монументалност и добрата локација, не може да остане незабележан. Се наоѓа на раскрсница помеѓу модерно Скопје и старо Скопје, од едната страна опкружен од нови објекти, изградени по земјотресот од 1963 г., а од другата страна се соединува со Старата чаршија, формирајќи една целосна композиција на автентични ориентални елементи.
Вброен е меѓу најмонументалните споменици на исламската профана архитектура, а неговата историја започнала во втората половина на XV век кога во Скопје живеел Даут-паша. Во периодот 1489 ‒1497 година Пашата бил на позиција голем везир на Румелија и во тој период со свои средства го подигнал објектот. Даут-паша бил познат по склоноста кон раскош, особено кога станувало збор за потребите на убавиците од неговиот богат харем.
Изградбата на објектот траела околу три години и во неа учествувале познати ѕидари од Дебар. Однадвор, ѕидан е со наизменично редење камен и по два реда тула. Покриен со 13 куполи со различна големина. На западната страна на објектот доминираат двете големи куполи, додека другите 11, различни по големина (3 со средна големина, 2 помали и 6 мали) се несиметрично распоредени врз другиот дел на амамот. Под куполите се наоѓаат 15 поединечни простории осветлени преку ѕвездестите отвори на куполите покриени со стакло. Ѕидовите во внатрешноста на амамот биле украсени со живописна орнаментика.
Амамот извесно време работел, но за загревање на пространите и високи простории се трошеле големи количества дрва, па биле исечени речиси сите шуми во околината на градот. Постојат и легенди дека амамот никогаш не бил пуштен во употреба. Христијанското население ја раскажува легендата за клетвата на овој објект, бидејќи бил изграден врз стара црква. Затоа на првиот ден од неговото отворање наместо вода се појавиле змии кои ја каснале ќерката на Даут-паша, по што тој наредил затворање на амамот.
Амамот во правец исток-запад бил функционално разделен на две целосно одвоени крила со по една чекалница и просторија за соблекување и чување на гардеробата. Двете големи сали имале многу убави и богато орнаментирани шадрвани, а помалите простории служеле за капење. Амамот бил составен од два оддела, машки и женски, што овозможувало тој да биде користен истовремено и од мажите и од жените. За таа намена постоеле посебни влезови, па така влезот на западната страна го користеле мажите, а влезот на северната стана жените. Источниот влез го користела послугата. Во просторот за бањање на женскиот дел се поставени и столбови, што е единственото вакво решение во амамите од регионот.
Амамот претрпел оштетувања од пожарот во 1689 година и од скопскиот земјотрес во 1963 година. Тој е единствената преостаната градба на некогашната „исламска тројка“, која уште ја сочинувале џамијата Ибни Пајко и Караван-сарајот. Денес функционира како уметничка галерија и во него е сместена Националната галерија на Македонија.
Аквадукт ‒ водоводот кој некогаш ги снабдувал скопјани со питка вода
Овој објект се наоѓа на 6 км од центарот на Скопје, помеѓу скопската тврдина Кале и археолошкиот локалитет Скупи, над речната долина на реката Серава. И покрај тоа што е така блиску до центарот на градот, малкумина го имаат посетено, а претставува културен споменик од прва категорија.
Како што кажува и самото име, кое произлегува од латинските зборови aqua – вода и ducere – спроведува, аквадукт е објект кој има намена да пренесува вода. Се смета дека преку него била спроведувана вода од изворот Лавовец во селото Глуво на Скопска Црна Гора, до „топџиската касарна“, Мустафа-пашината џамија, до некогашниот турски уќумат, Куршумли-ан и Сија-беговата џамија. Водата се пренесувала преку цевки поставени во правец запад-исток. Количеството вода која била пренесувана било константно и бил загарантиран нејзиниот довод преку целата година.
За времето кога е изграден постојат два можни датуми: според едни, граден е во VI век за време на владеењето на Јустинијан, со цел снабдување со вода на новиот град Јустинијана Прима, а според други, изграден е во XV век, за време на владеењето на Иса-бег и Мустафа-паша, кога Скопје започнал интензивно да се зголемува. Се граделе новите исламски градби амами и џамии за чија градба и функционирање биле потребни големи количества чиста вода. Овој грандиозен објект бил во функција до крајот на XIX век.
Станува збор за извонредна, инвентивна и опсежна инвестиција. Необичната архитектура, издржливост и старост ја прават оваа монументална градба туристички раритет во Македонија. Изработен е со голема умешност и прецизност, од камен и тула, со должина од 384 метри, има 62 столба, од кои секој е висок 6 метри, долг 5 метри, а широк 4 метри.
Интересно е што патниците, историчарите и сите кои пишувале за скопскиот Аквадукт не се согласувале околу бројот на неговите лаци: според некои тврдења нивниот број бил 200, па 60, а бројот од 55 лака е забележан и во „Енциклопедијата на ликовните уметности“ објавена во Загреб во 1960 година. Според должината, единствен е во Македонија и еден од трите сочувани аквадукти на просторот на поранешна Југославија, покрај тој кај Бар во Црна Гора и Диоклецијановиот аквадукт кај Сплит.
За последен пат бил обновен по земјотресот во 1963 г., кога биле поправени три лака и два столба кои паднале од силината на земјотресот. Загрижува негрижата на државата и луѓето кон негово одржување и зачувување.