Фармацевти
Контакт

<< Назад

КАШЛИЦАТА И НЕЈЗИНИОТ ТРЕТМАН

декември 1, 2018

Важен одбранбен рефлекс

 

Самата кашлица не е болест, туку симптом кој укажува на некој друг проблем.

 

Автор д-р Весна Атанасовска

ПЗУ Медико Марија ‒ Скопје

 

Кашлицата претставува одбранбен рефлексен механизам преку кој се отстрануваат секретот и туѓите тела од дишните патишта. Нејзината појава често укажува на инфективна болест на дишните патишта или на белите дробови, предизвикана од вируси или бактерии. Поретко, но може да се јави и при употреба на одредени лекови (на пример,  антихипертензиви) или како знак на болести кои не ги засегаат дишните патишта туку други органи (на пример, желудникот).

 

Типови на кашлица

Според времетраењето, кашлицата може да биде акутна, субакутна и хронична, додека,  пак, според карактерот истата може да биде непродуктивна (сува) и продуктивна (влажна). При сува, надразнителна кашлица вообичаено не се создава секрет. Оваа кашлица обично е надразнителна и непријатна. Пациентот чувствува дека треба нешто да искашла, но не може и овој тип на кашлица може да го наруши и спиењето. Кога постои прекумерно создавање густ секрет, кој често пати тешко се искашлува, станува збор за влажна, продуктивна кашлица. Пациентот се чувствува подобро после секое искашлување. Многу често сувата може да премине во продуктивна кашлица.

 

Продуктивна кашлица

Продуктивната или влажна кашлица е чест симптом на респираторна инфекција или алергија. Најчеста причина за кашлица се настинката, грипот или воспаление на синусите. Во овие случаи почнува поголемо лачење слуз од страна на слузницата која ги обвиткува дишните патишта. Слузта ги задржува вирусите, бактериите и туѓите честички кои при кашлањето се исфрлаат надвор. Со тоа кашлицата спречува заразената слуз да се спушти во бронхијалните патишта, белите дробови и да предизвика бронхитис или воспаление на белите дробови. Продуктивната кашлица генерално не треба да се супресира, затоа што ги прочистува белите дробови. Од голема важност е да се исфрли собраниот секрет со што ќе се оневозможат услови за прогресија на инфекцијата, а ќе се овозможат услови за нормална размена на кислород со јаглерод диоксид.

 

Третман на кашлица

Различните типови на кашлица треба да се третираат на различни начини поради различните симптоми. Антитусиците се препорачуваат за смирување на сувата и надразнителна кашлица. Тие ја препокриваат слузницата со заштитен слој при што го намалуваат рефлексот на кашлање. Муколитиците се препорачуваат за полесно искашлување во случај на продуктивна кашлица. Го разводенуваат густиот секрет во белите дробови и овозможуваат полесно искашлување. Во случај на бактериска инфекција покрај симптоматска терапија се употребуваат и антибиотици.

 

Муколитици

Ацетилцистеин е муколитик кој има брз ефект во елиминирање на секретот и постигнување клинички ефект. Ацетилцистеинот дејствува  уште од првиот ден на употреба. Брзо го разградува секретот без да го зголеми неговиот волумен и го олеснува исфрлањето на разводенетиот секрет. Ефикасен е против сите видови на секрет кај вирусни и бактериски инфекции и безбеден за употреба кај деца и возрасни. Ацетилцистеинот има превентивно дејство намалувајќи ја зачестеноста и интензитетот на повторувачки бактериски инфекции. Дејствува антиоксидативно, ги врзува слободните радикали и ја намалува нивната токсичност.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>