Фармацевти
Контакт

<< Назад

КОЧАНИ ВО ГРАДОТ НА БЕЛОТО ЗЛАТО И ГЕОТЕРМАЛНИТЕ ВОДИ

ноември 1, 2016

Ивана Коцевска
фото: Зоран Ефремов и Горан Стоимилов

Овој месец ви предлагаме посета на Кочани, град во Источна Македонија, надалеку познат по производството на ориз, а помалку познат по присуството на геотермални води

Ако посакате да го посетите Кочани, град во Источна Македонија, а тргнувате од Скопје, пред вас се два патни правци. Едниот е по автопатот Велес-Гевгелија, па по магистралниот пат кој води покрај Штип. Вториот е преку Куманово, па оттаму по магистралниот пат покрај Свети Николе. За некои возачи овој пат е подобар избор. Како и да е, по 120 километри патување од Скопје, пристигнувате во Кочани, надалеку прочуен по квалитетниот ориз. Кочани е распослан на двата брега на Кочанска Река, онаму каде штo таа ја напушта Осоговијата и навлегува во кочанската котлина. Има добра местоположба, се наоѓа на важната сообраќница Штип-Кочани-Делчево.

Добрата географска местоположба и одличните природни карактеристики придонеле територијата на денешниот град да биде населена уште во раните антички времиња. Најпрвин го населиле Пајонците, Медите и Траките, а во 80-тите години од шестиот век почнуваат да се населуваат Словените. За развојот на градот во турско време малку се знае. Во 1662 година познатиот турски патеписец, Евлија Челебија, патувајќи од Штип за Софија преку Кочани, го опишува како населба од 600 куќи и 15 дуќани, една џамија и еден ан.

Во 17 век Кочани полека добива изглед на турски град, со изградбата на кули (тврдини), кои служеле како места за набљудување и стражарење, бидејќи од самиот град во котлината не можело да се види што се случува во околината. Кулите имале станбена одбранбена намена, а една од нив била саат кула и бучно го означувала времето. Изградени од масивни ѕидови од камен, тие останале како единствени белези од минатото во Кочани.

Во 1957 двете градски кули се ставени под заштита со закон. Додека шетате низ центарот на градот не може да не ја забележите како горделиво пркоси на времето  и  просторот, извишена меѓу станбени згради, со своите 18,5 метри висина. Во 1978 средновековната кула на десниот брег на реката е реновирана, па сега во неа се поставени нумизматичка и археолошка збирка и родокрајно одделение. Музеј кој задолжително треба да се посети при прошетката по градот.

Кон крајот на 19 век градот прераснува во познато пазариште каде се тргувало со ориз и афион. Тогаш започнало доселувањето на Турци од Мала Азија, а градот станал македонско-турска населба, Турците го населиле северниот, а Македонците живееле во јужниот дел од Кочани.

Но, вистински започнува да се развива со изградбата на железничката станица во 1926 година, па станува главна собирна станица за овој дел на Источна Македонија и преку Штип и Велес се поврзува со главниот град Скопје.

Легенди за потеклото на оризот и името на градот
Интересна е приказната од каде оризот пристигнал во овој крај. Постојат легенди кои го објаснуваат тоа. Многу одамна, на печалба во Кина бил еден човек по име Кочо. По долги години работа, решил да се врати во родниот крај. Во Кина оризот бил основна храна, па на заминување решил со себе да понесе и ориз со надеж дека ќе успее во неговиот крај. Со себе понел мала количина од ова бело злато, за полесно и без проблеми да го пренесе од царство во царство. При влегувањето во царството во кое се наоѓало и неговото родно место наишол на проблеми: оризот бил забранет за внесување во каква било форма. Но, тоа не го спречило досетливиот Кочо во намерата. Дознал дека гуските како трговска стока не биле забранети за внесување. Купил гуски, им го дал оризот да го изедат, а потоа ги заклал. По влегувањето ги исчистил и од нив го извадил оризот. На тој начин оризот пристигнал во овој крај, започнал да се произведува, а според неговото име, местото каде што започнал да се одгледува оризот – го добило името Кочани.

Една друга легенда, според македонскиот револуционер Ѓорче Петров, вели дека  Кочани некогаш се наоѓал погоре по реката на местото на село Гратче, а на сегашното Кочани имало блато и по него паселе цели стада свињи. Тука се наоѓале „кочините“ – места во кои ги затвораат свињите. Во некој бој жителите на градот биле исклани, а по битката градот бил преместен кај кочините и бил наречен Кочани.

Оризопроизводство
Специфичност на овој крај му даваат оризовите полиња. Нивите посеани со ориз создаваат несекојдневен пејзаж, кој не можете да го видите на друго место кај нас. Оризовото плодно поле завршува 8 километри јужно од Кочани, онаму каде почнува да се издига планината Плачковица.

Релјефната погодност, плодната почва и расположива богата хидрографска мрежа се извонредно поволни природни услови за одгледување на оризот. Кочанскиот ориз е надалеку познат по својот квалитет. Поради својата голема вредност е наречен и „кочанско бело злато“.

Особено е интересен начинот на неговото производство. Тоа е посебна атракција за луѓето кои прв пат го гледаат тоа несекојдневно доживување, со оглед на тоа што на мал број локации во јужна Европа се одгледува оризот како култура. Земјата каде се сади оризот треба да е рамна, полна со вода и добро наѓубрена. Само во време на зреењето на оризот водата до капка се исцедува од парцелите. За наводнување се користи вода која треба да е потопла зашто студената го забавува растењето. Затоа водата се преградува и се затоплува на сонце, а дури потоа се пушта во парцелите. Оризот ја испоснува земјата, за тоа да се спречи на истата парцела се сади грав или пченица, па по неколу години пак ориз.

Манифестација Денови на оризот
Од 1992 година се организира манифестација „Денови на кочанскиот ориз“, со цел промовирање на оризот како симбол на градот. Главен настан е автентична изведба на жетва со срп, со која се прикажува рачното собирање на родот од нивите со срп и сите обичаи – благослов за жетвата, аргатски ручек на нива, наджнејување и натпејување меѓу жетварите, врзување снопје и друго.

Градче
Во подножјето на Осоговските Планини, на оддалеченост од 5 км северно од Кочани  се наоѓа вештачкото езеро Гратче. Главната туристичка дестинација во Кочани е изградена во 1959 на Кочанска Река и во живописна клисура на надморска височина од 550 метри. Градче е мошне популарно место за рекреативен и излетнички туризам. Има организирано и планинско пешачење, велосипедизам по планински патеки, лов, риболов и други активности. Овде можете да го пронајдете мирот и спокојот, надвор од секојдневието и градската бучава. Во околината на езерото постојат над 30 природни извори на вода. Езерото е со должина од 3 km, широко е околу 2,5 km, а по патеките кои се наоѓаат околу него, може да се заобиколи целото.

Геотермални води
Освен по оризот, Кочанската котлина е најголем термален басен на води со високи температури на Балканот, и до 80 °С. Во него се направени 18 дупнатини од кои 14 се самоизливни, а водата се јавува на длабочина од 86 до 1096 метри, и температура од 50 до 80 Целзиусови степени.

Посетете го Кочани и доживејте незаборавно искуство кое ви го нуди овој единствен град на оризот кај нас. И, секако, пробајте од специјалитетите приготвени од ориз, солени и благи.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>