Секое вдишување, чукање на срцето или движење кое го правиме троши енергија. Метаболистички гледано, нашиот ден е внес, потрошувачка и регенерација. Како годините изминуваат, телесните резерви се трошат и метаболистичкиот потенцијал опаѓа. Зошто ни е потребен и како квалитетно се искористува коензимот Q10?
Коензимот Q10 (Ubihinon, CoQ10) е есенцијален биомолекул, застапен во митохондриите на сите наши клетки. Претворањето на храната во енергија побарува низа биохемиски верижни реакции за кои е неопходен CoQ10. На овој начин енергија добиваат 95 насто од клетките, па присусутвото на овој молекул е неопходно за клеточниот живот. CoQ10 е моќен антиоксидант, тој ги штити нашите ткива од оксидативен стрес и од штетните дејства на слободните радикали.
Потрошувачката на CoQ10 е константна и неговото обновување е процес кој се одвива во клетките на црниот дроб. Најзастапен е во метаболистички активните ткива како што се срцевиот мускул, крвните садови, мозочното ткиво, кожата, мазната мускулатура на гастроинтестиналниот тракт итн.
Како резултат на стареењето, поради некои болести, вклучувајќи и некои генетски заболувања, употреба на лекови или рестриктивни диети, доаѓа до намалување на нивото на коензимот во крвта. Иако го има во црниот дроб, рибите и интегралните житни растенија, тоа е недоволно за подигнување на нивото на коензимот Q10 во организмот во случаи кога е потребно значително зголемување. Тогаш се препорачува дополнителен внес во вид на суплементи. Во аптеките може да се најдат голем број производи на база на коензим Q10, доспапни во дози од 30 до 200 мг.
Кај состојби како што се покачен крвен притисок, артериосклероза и мигрени од васкуларно потекло корисно е да се зема CoQ10. Она што е заедничко за сите овие заболувања е промена во метаболизмот внатре во ѕидовите на крвните садови. За нивна регенерација се препорачува, покрај редовна терапија, и овој коензим.
Срцевата инсуфициенција или состојба после инфаркт на миокардот бара покачена метаболистичка активност на срцето, па се препорачува земање дози од 100 мг еднаш до три пати дневно. На тој начин се зголемува оксидативниот потенцијал на ткивата и заздравувањето е значително побрзо.
Синдромот на хроничен замор, како и болки во мускулите, често се проследени со намалени нивоа на коензим во крвта на пациентот. Дополнително, во состојби на интензивирана активност на скелетните мускули, како што се физичка работа или кај спортисти, како резултат на голема потрошувачка на кислород од страна на мускулите, се препорачува земање CoQ10 преку суплементи во дози од 60 мг дневно.
Лекови против покачен холестерол (статини) и одделни лекови за пореметување на срцевиот ритам и крвен притисок (бета блокатори) го намалуваат нивото на CoQ10. Поради тоа се препорачува земање суплементи во дози од 100 мг дневно со овие лекови.
Во случај на бременост или доење се препорачува внимание при земање на овие суплементи и за тоа треба детаљно да се поразговара со својот лекар или фармацевт.
Со оглед на високиот антиоксидативен потенцијал на овој молекул, покажано е дека CoQ10 значително ги намалува ефектите на оксидативниот стрес во кожата. Можеме да го најдеме и во препарати за надворешна употреба против брчки и први знаци на стареење. Одделни еминентни автори го нарекуваат и „молекул на долговечноста“.
ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР
Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци