Фармацевти
Контакт

<< Назад

КОКИНО, КУКЛИЦА, ЦОЦЕВ КАМЕН

февруари 25, 2016

[vc_column width="1/1"]Ивана Коцевска

Ако ве привлекуваат таинствени и мистични места, ви предлагаме прошетка во североисточниот дел на Македонија. Кокино, Куклици и Цоцев Камен ќе ве вратат со мислите далеку во минатото, за да подразмислите како живееле луѓето и колку биле во допир со природата и во текот со времето, а можеби и пред него

КОКИНО

На 1015 метри надморска височина, сместена на неовулкански рид под врвот Татиќев Камен, на простор исполнет со мир, каде постојано дува ветер и обиколена со прекрасните бои на природата ве пречекува мегалитската опсерваторија Кокино. Кокино е оддалечено 35 километри од Куманово, во близина на границата со Србија.  Од овде се протега прекрасен поглед на околината, а ноќе кога небото е чисто  може да се види и милениумскиот крст на Водно.

Кокино се вбројува меѓу највредните стари опсерватории во светот. Поради своите карактеристики, во 2005 година американската вселенска агенција НАСА го рангирала на 4 место од 15 вакви опсерватории, зад Абу Симбел, Стоунхенџ, Ангкор Ват.

Пронајдените артефакти и спроведената археоастрономска анализа покажале дека локалитетот ги има сите карактеристики на митска света планина. Троновите се свето и обредно место и не се поврзани со астрономските набљудувања.

Обредот се изведувал на средина од летото кога Сонцето изгрева точно во отворот на камениот маркер. Сончевиот зрак во обредниот ден паѓал точно врз вториот трон и осветлувал само еден од учесниците во церемонијата. Тој најверојатно бил племенскиот старешина, па се верувало дека во моментот на осветлувањето, владетелот се поврзувал со Богот Сонце, што претставувало гаранција дека наредната година повторно ќе има богата жетва.

Мегалитската опсерваторија е долга околу 90 метри, а широка околу 50 метри. Од карпите се направени и две платформи за набљудување, источна и западна, од кои источната е за 20 м повисока. Старите претставници на сè уште непозната цивилизација успеале да направат „нишани“ низ кои го следеле движењето на Сонцето, Месечината и Ѕвезденото небо. Кокино има 7 нишани, 3 за набљудување на Сонцето, 4 за Месечината и пет камени седишта, наречени тронови на кои седеле владетелите.

Со математичка прецизност ги утврдувале местата на Сонцето во денот на долгодневицата, пролетната и есенската рамноденица, минималното и максималното отстапување на Месечината во зима. И точно знаеле дека сето тоа ќе се повтори точно по 18,6 години. Опсерваторијата е стара четири илјади години и преку неа може да се одредат четирите главни позиции на Месечината и трите главни позиции на Сонцето во текот на една година.

KУКУЛИЦА

Ако решите да го продолжите патувањето во источниот дел на Македонија, на 8 км северозападно по главниот пат за Кратово ќе наидете на селото Куклица. Ова мало село е сместено на десната страна на Крива Река. Оттаму, на уште 2-3 км, одејќи по земјен пат ќе пристигнете до геолошкиот резерват наречен „Весела свадба“ или „Куклици“.

За ова волшебно место и ремек-дело на природата се испреплетени и легенди и вистини. Овде ќе ве пречекаат 148 камени кукли или земјени пирамиди кои со своите форми наликуваат на скаменети човечки фигури. Поради тоа, локалното население со векови раскажува легенди за нивниот постанок.

Едната легенда вели дека во минатото некој човек од селото бил вљубен во две девојки. Не можел да се одлучи за која да се ожени, па им закажал свадба на двете во ист ден, надевајќи се дека нема да дознаат една за друга. Додека траела свадбата со едната девојка, втората ја слушнала музиката и тргнала да види што се случува. Кога видела дека се жени нејзиниот сакан, во наплив на бес, таа ги проколнала младоженците и сватовите и тие останале скаменети. Селаните местото го нарекуваат „Весела свадба“ затоа што сватовите останале насмеани, а младенците се скамениле во нежна прегратка. Народот на секоја кукла £ има дадено име, па може да ги видите кумот, старосватот, чичкото, стрината, сватовите.

Втората легенда вели дека на ова подрачје се наоѓала шума, но поради честите битки изгорела. Опустошеното подрачје и ниските температури придонеле војниците кои поминувале оттаму да се претворат во столбови.

А, пак, науката вели дека камените фигури се создале пред десет милиони години, кога сè уште немало луѓе на планетата. Со текот на времето природата од нив извајала ретки ремек-дела. Со вертикална ерозија на вулканските карпи се создадени „кукли“ повисоки од десет метри, кои и денес доминираат во питомата околина. Атмосферските влијанија ги граделе, ги моделирале, и затоа имаат така карактеристичен облик.

Овој бавен процес на ерозија продолжува и денес, менувајќи го обликот на карпите, со што едни постепено ги снемува, а други се создаваат. Локалното население е сведок дека на секои пет-шест години, и во Горно и во Долно маало, двата локалитета поделени со еден рид, никнува по една нова фигура.

Посетителите на оваа необична локација често тврдат дека подрачјето има малку мистична аура. Овој локалитет е заштитен како природна реткост. Како и да е, што и да прифатите како објаснување, оваа наша „свадба“ е единствена во светот.

ЦОЦЕВ КАМЕН

Уште едно дело на природата го заслужува нашето внимание во овој дел на Македонија. Цоцев Камен се наоѓа 15 км западно од Кратово. Локалитетот е речиси по 2 км подеднакво оддалечен од селата Коњух, на запад, и Шопско Рударе, на исток. Се наоѓа на надморска височина од 389 метри, на запад, до 440 метри на врвот од карпата кон североисток. Името го добило според маалото Цоцевци во раштрканото село Шопско Рударе.

Цоцев Камен е вулканска карпа која во праисторијата се користела како мегалитска опсерваторија. Карпата се издвојува од околните ридишта и е интересна сама по себе, со видливи остатоци од човечка обработка. Овој карпест објект изобилува со знаци дека служел како светилиште и опсерваторија уште од камено време.

Легендата вели дека Цоцев Камен е извор на здравје и позитивна енергија. Овде треба да бидете на изгрејсонце, бидејќи тоа е вистинско доживување.

Главните церемонии се изведувале во пештерата на второто ниво на Цоцев Камен, каде има издлабено едно мало и едно големо корито. На врвот на карпата има два базена каде најверојатно се изведувале ритуалните капења. Дел од церемониите се изведувале и на платото, на кое во карпата се издлабени два престола и неколку седишта, од каде се набљудувале Сонцето, Месечината и ѕвездите. На исток од овие камени столови, на соседниот рид до Цоцев Камен, се наоѓаат мегалити, односно ориенти по кои се одредувала позицијата на Сонцето. Во близина на главниот мегалит има издлабена полумесечина. Пештери има и на западната страна на карпата, но таму не се изведувале ритуали. На ѕидот на една пештера има некаков вид писмо со симболи исцртани со црвена боја.

Цоцев Камен е интересен, бидејќи, од една страна, е вулканската формација, која е кружна и ги прима зраците на сонцето од сите страни од каде што тоа се следело, а од друга страна, пак, наспроти неа постои еден рид од кој излегува сонцето.

По XVI век, по претераното и речиси целосно уништување на шумите на овие простори, околината станува целосно деградирана. При недостиг на шуми, почви, површинска вода, условите за живот во околината на Цоцев Камен драстично се влошуваат, па се јавуваат суши, повремени поплави и засипување со нанос. Таквата неповолна состојба во овој простор продолжила до денес.

Цоцев Камен останал да сведочи за една жива активност на човекот во минатото и неговата исконска поврзаност со природата. Светилиштето згаснало неколку века по новата ера, а вредноста на Цоцев Камен е откриена во 1971 година. Некои истражувачи го сметаат за единствен локалитет во светот кој на едно место има светилиште, жртвеник и опсерваторија.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>