Сосема нов вкусБојана Бугарски
Компирот го сакаат сите, се јаде во сите земји и е неизбежна намирница во секое домаќинство!
Класични и секојдневни рецепти со компири, како што се помфрит или пире компир, сигурно ви досадиле и вам и на вашите домашни. Внесете малку новини во вашето секојдневно мени и израдувајте ги вашите најмили, или, пак, ненајавените гости...
Ние ви претставуваме две потполно нови идеи како брзо и со малку пари да направите специјалитети од компири. За двата ги користевме скоро истите состојки, освен што за втората варијанта, односно за полнет компир, се потребни и јајца.
Сите компири прво добро измијте ги и не ги лупете.
Исечени компири: исечете ги на приближно 3 мм, така што нема да ги пресечете до крај, туку да останат во парче. Намачкајте ги со путер, ставете ги во рерна и печете околу половина час на 220 степени. Кога ќе ги извадите доколку веќе прилично омекнале, време е помеѓу прорезите наизменично да ги наредите парчињата сланина и кашкавал и вратете ги уште петнаесетина минути во рерна за сланината да стане крцкава, а кашкавалот да се стопи.
Јадењето е подготвено, сè е до вкусот, но доколку сакате можете да ги прелиете со кисела павлака или павлака за готвење.
Полнет компир: целите компири прво ги печете, кога ќе можете да ги прободете со вилушка, подготвени се за вадење од рерна. Внимателно издлабете ги и во нив ставете претходно пропржена сланина и изрендан кашкавал. На сето тоа додадете јајце и ставете зачини или некој зеленчук (исечкан праз, пиперка...). Вратете ги во рерна додека јајцето не се запече, извадете од рерна и сервирајте.
Како и секое јадење со компир, најдобро е да се јадат топли. Уживајте и пријатно!